Пара вести 2014 - Избор

03.01.2015 13:04
Пара вести 2014

Произведен јогурт со минус пет отсто масленост!

Примени првите пациенти во клиниката за одвикнување од лајкови

Сите пациенти ќе мораат да ги избришат своите профили и да отворат нови. Меѓу пријателите ќе смеат да ги имаат само останатите пациенти, како и медицинскиот персонал од оваа установа. Замислата е секојдневно да поставуваат по неколку статуси и линкови, но секому да биде забрането да кликне лајк на што и да е. На тој начин ќе бидат принудени да гледаат во својот профил на кој нема да видат никаква рекција од своите пријатели, што во почетокот сигурно ќе предизвика бурни реакции.

Трезен човек исфрлен од кафеана бидејќи им досадувал на пијаните гости

Александар Марковски (23), келнер во скопската кафеана „Промил“ познат и како Ацо Смок, бил принуден да исфрли надвор еден маж кој со своето трезно однесување ги вознемирувал пијаните гости кои се наоѓале во овој локал. Однесувањето на овој гостин од моментот кога влегол во кафеаната било многу пристојно, што предизвикало бес кај присутните, па Марковски бил принуден да интервенира и така да го спаси натрапникот од ќотек.

Интервју со Ѓорге Иванов

„Оваа прилика ја користам да ги поздравам сите што ме поддржуваат и да им фрлам клетва до две на сите што не ме поддржуваат. Воедно, да ги повикам добро да размислат тие што не се сигурни дали се потпишале за поддршка на мојата кандидатура.“

Соопштение на ДПМНЕ: снимката со Армстронг на Месечината е монтажа

Американскиот космонаут никогаш не стапнал на Месечината, а монтажата е дело на структури блиски на СДСМ, кои сакале да ја дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ уште во 1969 година, пред партијата да биде формирана.

„Трип-млек“ произведе јогурт со минус пет отсто масленост

„Јогуртот со минус пет отсто масленост е совршено решение за презафатениот човек. Овој јогурт се добива во квантен акцелератор кој ги забрзува атомите на млечната маст до 98 отсто од брзината на светлината, претворајќи ја така во масна антиматерија. Кога влегува во организмот, оваа масна антиматерија во допир со мастите прави мастите во нашето тело да исчезнат. Затоа, за намалување на масните наслаги е доволно само да се испие овој јогурт, без какви било вежби и тренинзи“, објаснуваат во „Трип-млек“.

Нов закон за работни односи: смртта на работникот ќе мора да се најави 15 денови порано

Смртта на вработениот ќе мора да се најави кај работодавецот 15 денови порано, боледувањата се укинуваат, а отсуството поради погреб на близок член на семејтвото е одобрено само по работното време. Ова се само некои од решенијата во новиот закон за работни однсои кој попрецизно ќе ги регулира односите на работниците и работодавците, а кој го подготвија докажани експерти на ова поле.

Масовно враќање на иселениците во Македонија по песната на Тајзи

По објавувањето на субвенционираниот патриотски хит на Тајзи, повеќе од 300.000 иселени Македонци ги започнаа последните подготовки за враќање во татковината. Од повратниците, околу 250.000 се родени во Македонија, но има и такви кои се родени во други земји, а доаѓаат во државата од која потекнуваат нивните родители и предци само за да ги искусат убавините за кои пее Драган Величковски Тајзи.

Робовладетели заинтересирани за инвестирање во Македонија

Познатата мултинационална компанија Слејвмаер, заедно со Angarija & Co и Синџир-долар покажале огромен интерес за инвестицискиот рај Македонија, соопштија министерот за финансии Зоран Ставревски и премиерот Никола Груевски на прес конференција во затворот Идризово.

Ќе се плаќаат придонеси и за паричките најдени на улица

„Шетањето по улици, секако, е еден вид активност, дури дејност, а некои граѓани просто се професионални шетачи. Ако притоа остварат приход во вид на метална паричка од еден, два, пет, десет или педесет денари, од таа сума треба да се издвои дел за плаќање придонеси“, вели министерот за финансии Зоран Ставревски.

Ја побарал за жирант на концерт на Владо Јаневски

На завчерашниот концерт на Владо Јаневски во Хераклеја, битолчанецот Горан Ѓоргиевски пред многубројната публика ја побарал својата пријателка и колешка Марија Крстевска за жирант. Откако таа кажала ДА, публиката им честитала со голем аплауз.

Неостварено дете го запишало таткото на фудбал, карате, пливање и англиски

Александар Велјановски (11), ученик во ОУ „Петар Поп Арсов“, на своите другари од одделението им се пофалил дека вчера го запишал татко му Милан на пливање, притоа истакнуваќи дека „Милан мора да се организира добро за да го вклопи пливањето со фудбалот, каратето и часовите по англиски јазик на кои оди порано“.

МВР формира посебна единица за борба против панкери и металци

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе формира посебна единица за справување со насилните субкултури, како што се панкерите, металците, играорците и страсните шахисти, а будно ќе ги следи и играчите на табланет. На прес конференцијата одржана во кик-бокс клубот „Ганди“ во Долно Дупени, Иво Котевски ги повика сите нормални и ненасилни граѓани да се пријават како доброволци во единицата, а нагласи дека предност при приемот ќе имаат мирните демонстранти што пред една година го кршеа седиштето на Општина Центар.

Иванов: Младите остануваат во Македонија за да ги слушаат моите мудрости

Македонската младина останува во родната земја само за да може одблизу да ги проследува неговите мудри изјави, објасни претседателот Ѓорге Иванов на предавањето „Надреални политички збиднувања на Западниот Балкан“ одржано пред студентите од ЈЕИЛ во САД.

МВР со високи казни за грешни мисли при возење

Сторениот прекршок ќе го утврдуваат посебно обучени сообраќајци, кои со продорно гледање на возачот директно во очите ќе откријат дали тој имал грешни мисли додека управувал со возилото.

Се најавува голем контрапротест на студентите од Правниот факултет во Башино Село под мотото: „Сакаме екстерно!“

Четворицата студенти на Правниот факултет во Башино Село, како и двајцата од дисперзираните студии во Папрадиште, најавуваат масовен контрапротест како одговор на протестот на студентите во Скопје против екстерното тестирање. Контрапротестот, под мотото „Сакаме екстерно!“, ќе се одржи пред универзитетската кооперација во селото.

Децата ќе мораат да работат ако сакаат детски додаток

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов порача дека децата во иднина ќе мораат да работат доколку сакаат да го добијат својот детски додаток. Тој смета дека оваа мерка ќе ги оневозможи децата да ја злоупотребуваат својата положба и ќе го намали бројот на невработени.

Курир дознава: 97% од невработените во Македонија се симпатизери на СДСМ!

Порталот се повикува на блиски извори на власта преку кои дознава дека СДСМ ги терала своите симпатизери секој месец да одат и се пријават во Агенцијата за вработување со цел да се зголеми процентот на невработени лица, а со тоа и да се оцрнат обидите на власта во борбата против невработеноста.

Шокантно: зад идејата за државен испит стои идиот!

Преку обемно и долготрајно теренско истражување, новинарите на Пара вести дојдоа до фотографија на која се гледа дека во кабинетот на Министерството за образование и наука се наоѓа идиот, кој најверојатно е автор на предлогот за екстерно тестирање. Со ова, се потврдуваат тврдењата кои сè до неодамна се сметаа за само уште една теорија на заговор.

Нови законски измени – отказ за сите професори, на студентите ќе им предава премиерот

Бидејќи премиерот не им верува на професорите и смета дека се мрзи невидени на кои не им се работи, тој решил сите колективно да ги избрка од работа, и во новите законски измени да пропише дека отсега сите предавања на студентите ќе ги извршува лично тој, како најголема научна величина што некогаш ја видела планетата Земја.

Новогодишно контра-интервју со Јелена Лужина

Новогодишно интервју со професорката Јелена Лужина, една од потписничките на писмото на контра-пленумот: за образовните реформи, новогодишната ноќ, руската салата, колегите професори...

Слики: Свирачиња

Пара вести избор

2011

2012

ОкоБоли главаВицФото