Писмо до непознатото бирократче

05.01.2015 01:42
Писмо до непознатото бирократче

Мило мое исплашено бирократче,

Дали денес му ја бакна раката на Шефот? Дали ти се насмевна кога те погледна онака благо, татковски? И самиот знаеш дека тоа... не е добро. Дека Шефот е најопасен кога така ќе се насмевне. Загрозена ти е позицијата, душичке моја напатена? Ти се тресе фотељката? Ма, јок. Не е земјотрес. Тоа надвор маршираат некакви студенти кои не постојат, извикуваат пароли кои не се слушаат, носат транспаренти на кои ништо не пишува. Ништо што тебе би те засегнало. Ти си на безбедно. Пикни си ја главата подлабоко во топлиот партиски песок и продолжи да штанцаш од тоа закончињата.

А јас, како дел од непостоечките, можам само од срце да ти се извинам, бидејќи овие безобразни студенти и мрзливи професори ти ги расипуваат есапите, ти го реметат комодитетот и ти го одземаат раатот. Сега, ќе треба да работиш 48/7, да читаш латиница, да толкуваш графикони, или да ги заокружуваш оние кои не се од вашите. Ќе треба да создаваш контра-реалност во која контра-студентите и контра-професорите ќе маршираат на контра-протести по контра-улици. Не ти е лесно, мило мое исплашено бирократче.

Знаеш ли зошто?

Затоа што надвор, низ улиците и плоштадите се освојува слобода. Со свирчиња, насмевки и отворени срца. Со мегафони, огнени говори, младешки ентузијазам и високо подигнат среден прст во правец на твојот Шеф. Со некои нови барања за ослободување од стегите, притисоците, уцените, манипулациите и подметнувањата. Веќе не се во прашање законите што ги штанцаш, ниту, пак, е битен твојот Шеф и неговата опака насмевка. Законите и онака постојано се менуваат, шефовите и онака паѓаат (сами од себе или со блага асистенција), ама она што ќе остане е нешто многу поголемо, мило мое исплашено бирократче.

Ќе остане каузата. Ќе остане свеста за сопствената сила како отпор против забеганоста на власта. Ќе остане освоената слобода. Од која се плашат сите шефови и нивните шефови. Сегашни и идни.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Lucia Dill

ОкоБоли главаВицФото