1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 01:59
Кој владее во демократијата, народот или капиталот? Многумина мислат дека одговорот се подразбира, бидејќи демократијата од диктатурата се разликува токму по изборите. Западот е горд на оваа придобивка, но под услов граѓаните да не избираат левичари. Тогаш нашиот јавен сервис се лути поради демократијата во Грција: „Сега повторно сакаат избори“. А Билд грми: „Ангела Меркел не смее да го дозволи тоа“. Канцеларката треба да стави до знаење „што очекува Германија од идната грчка влада“. Демократијата станува пречка. Грците се банкрот, а сакаат избори - каков безобразлук.
Од друга страна, Грција би можела да стане светилник на надежта за Европа: ex oriente lux (светлината доаѓа од исток). За време на еврокризата, европската демократија стана авторитарна. Поранешниот претседател на Европската комисија Баросо во 2011 изјави дека „пазарите стануваат нетрпеливи бидејќи демократијата е пребавна“. Овие зборови станаа тешко бреме за цела Европа. Демократијата се изобличи во владеење на експертите од експертите за експертите. Повеќе не важи одредницата на Линколн за „владеење на народот од народот за народот“, туку Лениновата „комитет за управување на интересите на буржоазијата“.
Еврокризата трае веќе со години и се претвори во хронична болест. Рецептот за штедење на Ангела Меркел доживеа целосен неуспех. Грците излегуваат на избори на 25 јануари. Левичарската влада би можела да им одржи лекција на надрилекарите на неолиберализмот.
Алексис Ципрас, новиот пример на европската левица, не е луд: тој нема намера да ја напушти ЕУ, ниту да го отфрли еврото. Тој само сака да го укине диктатот на штедење кој Европа и ММФ ѝ го наметнаа на неговата земја. Планира да ги зголеми даноците, да воведе минимална заработувачка, бонови за храна за најсиромашните и бесплатно здравствено осигурување за сите невработени. Меѓу неговите барања едно се издвојува - отпис на долговите. Тоа е навистина револуционерна мерка, но неопходна: Грција мора да се ослободи од својот долг, бидејќи не е во состојба да го плати.
Грција умира: шест години рецесија, невработеност 26%, меѓу младите повеќе од 50%, пад на просечната заработка во периодот 2010-2013 за 23%, 36% од грчките граѓани се сиромашни или социјално исклучени, што е пораст од 7% во однос на периодот пред кризата. Грција повторно остварува буџетски суфицит, но тоа е само примарен суфицит во кој не се сметаат каматите и ратите за отплата на долговите. Доверителите се камен околу вратот на Грција.
Штедењето не е лошо само по себе, но ако штедите во криза, готови сте. Во таа смисла добивавме предупредувања, но Ангела Меркел и идеолозите од нејзиниот тим останаа непоколебливи. Државните буџети не можат да се санираат со сметководителските операции на швапската домаќинка, но свештеничката ќерка Ангела Меркел не се откажува од религијата на вината претворена во економска теорија.
Зошто Грците страдаат? Дали е тоа казна за долговите од минатото или пример кој треба да ги заплаши останатите презадолжени држави? Или Ангела Меркел им порачува на своите гласачи дека нема да дава германски пари за мрзливите Европејци од југот?
Ципрас на врвот на еврокризата изрази сомнеж во тоа дека воопшто станува збор за долговите, туку дека попрво станува збор за план да ѝ се наметне неолиберален јарем на цела Европа: „Оваа стратегија се служи со политички и финансиски изнудувања за да ги убеди или принуди Европејците без отпор да ја прифатат политиката на штедење“. Италијанскиот филозоф Паоло Флорес д’Аркаис предупредува дека нема иднина за Европа сè додека во неа постојат земји кои служат како резерва за евтина работна сила.
Проблемот е во тоа што Ангела Меркел од самиот почеток на еврокризата следи надреална стратегија. Сакаме да ја зачуваме монетарната унија, затоа што е корисно за нашиот извоз и затоа што ни е страв од крахот на таа унија, но никако не сакаме да исполниме еден од клучните услови за решение на еврокризата - создавање политичка унија.
Ангела Меркел нема визија. Она што во германската политика се смета за доблест и претпазливост, за Европа е катастрофа. Еден Хелмут Кол уште одамна со францускиот претседател би предложил десетгодишен план за фискална унија.
Извор: Spiegel, 01.01.2015.
Фотографии: Енди Хол