Со чевли од бетон низ длабока тиња

06.01.2015 00:45
Со чевли од бетон низ длабока тиња

Првиот ден од Новата 2015 година осамна бел, сончев, тивок и бајковит, како од девствените детски визии за изгледот на снежниот Рај. Заслепен од блесокот на ова првојануарско утро, кое буди примордијални спомени, некакви матни но пријатни асоцијации од раното детство, решив да направам анализа на политичко-општествениот багаж со кој зачекоривме во оваа за Македонците културно постмортална година. Да ги наскицирам најважните проблеми што ќе ја „предестинираат“ иднината македонска во годината во којашто времето нè втурна неволни или весели, но секогаш изненадени. Набргу се покажа дека ова мое решение е производ на стеснета и мамурлива свест, како последица на претераностите на насилно веселата, но необјасниво лековитата паганска светковина на славење на еден безначаен и произволно избран миг. Како и да е, дали како контраст на снежната белина на првојануарските мугри или како автентичен израз на една главоболна мисла, резултатот на оваа кроки анализа ми ја престори бајковитата зора во мрачна и стуштена слика на судниот ден сликана во манирот на Хиеронимус Бош; слика на темен недоглед послан со длабока и леплива тиња, што треба да ја преодиме со чевли од бетон. Е, токму чевлите од бетон што нè влечат неумоливо кон смртта со коси од морска трева (како што го срочи тоа Игор Исаковски), се единствениот вистински проблем на македонското овoгодишно (не)преживување. Левата се вика ВМРО, а десната ДПМНЕ. Елем, единствениот вистински проблем на македонската голгота има два аспекта – легитимитетот и легалитетот на владеењето, од коишто пак, произлегуваат суштинските последици кои ќе ѝ пресудат не само на 2015 година, туку и на севкупниот македонски државно-културен проект. Тоа се процесите на етничката поделба на општеството, на културната евазија или декултурацијата на земјата, на организираниот грабеж на националното благо, сиромашењето на населението и потпаѓањето во иреверзибилно економско ропство и конечно, на демографската евакуација или исчезнувањето на хуманата содржина на библиската земја.

За легитимитетот и легалитетот веќе пишував, почитувани читатели. Власта во една демократска република мора да биде востановена врз основа на единството на обата принципа: на легитимитетот односно на правото на вршењето на власта врз основа на вистинска победа на слободни и фер избори, и на легалитетот, кој ги подразбира правно-моралните ограничувања на самоволното однесување на власта, како и сите контролни и корективни институции и механизми кои ги гарантираат слободите и правата на граѓаните. Доколку еден од овие два принципа не биде исполнет, таквата државна творба веќе не може да се квалификува како демократска, а доколку не се исполнети и двата, тоа значи дека тука не станува збор ниту за република. Македонија денес не е ниту демократска држава, а нема ниту својства на република. Тоа е затоа што автократијата на Груевски – која можеме да ја нарекуваме авторитарен популизам, псевдодемократски авторитаризам или криптофашизам, сеедно - всушност во корен, во самата смисла ги има укинато двата базични принципа на демократските републики: легитимитетот и легалитетот на власта. Режимот го изгуби легитимитетот на владеењето со лажирањето на изборите, или подобро речено, со изопачувањето и изигрувањето на сите услови и правила на изборното натпреварување. А, легалитетот на власта исчезна со уништувањето на уставниот поредок, и тоа низ потполното дерогирање на дури десет од единаесетте негови темелни вредности (од членот 8 од Уставот, како што се поделбата на трите власти, владеењето на правото, гаранцијата за слободните и правата итн.).

Изопачениот капитализам во кој државата е генераторот на корупцијата, при што партијата на власт, институциите на државата и крупниот капитал ја претставуваат моќната тројна спрега на организираниот криминал, мора да се „легитимира“ пред рекетираниот и ограбениот народ како неговиот единствен заштитник од внатрешните и надворешните непријатели. Клептократијата е всушност рационалната мотивација за национализмот и ксенофобијата, зашто разгорувањето на стравот и омразата кон „другите“ – било да се тие етнички, верски или политички „други“ сограѓани, било да се тоа „другите“ надворешни непријатели – е најстарото средство за одржувањето на лажната „заштитна неопходност“ на сите алчни автократии во историјата. Така генетското мултетничко богатство на младата македонска република стана најголемата закана за нејзиниот опстанок, нејзината наследна автоимуна болест, па двојната коалиција на власт прави сè што е во нејзините моќи да ја продлабочи веќе како амбис длабоката пукнатина помеѓу Македонците и Албанците. Тие, се разбира, не го измислија овој проблем, зашто зголемувањето на радикалноста на секоја нова албанска партија на власт – од независноста до денес, и на заострувањето на националистичката реторика и идеологија на македонската политичка десница во истиот период, се веќе утврдени историски тенденции. Политиката на агресивното делење на двата етнички ентитети во формално унитарната Македонија, веќе одамна го направи овој проблем клучен за нејзината иднина.

Останатите последици од владеењето на нелегитимниот и нелегалниот режим на Груевски се нанижани како црна причинско-последична мониста. Декултурацијата на македонското население е процес на кретенизација на луѓето во кој режимот им ги уништува институциите на културата и образованието, им ја чипира меморијата и им го растура идентитетот, им ги изопачува системите на вредности и ги претвора во дезориентирано стадо на политички идиоти. Така атомизираното и подјарменото население потоа се подложува на системски државен грабеж од страна на партиско-корпоративистичката мафија (која владее со државата), што, се разбира, предизвикува сиромашење на народот и незапаметено зголемување на разликите помеѓу малкумината богати и мнозинството бедни. Оваа општа мизерија ја предизвикува последната фаза од уништувањето на македонската иднина: отселувањето на младите и биолошката евакуација на животоспособното население.

Откаде олку „оптимизам“ во оваа новогодишна анализа, ќе прашате, почитувани читатели? Јас мислам дека прецизната дијагноза не е прашање на оптимизмот или на песимизмот, туку на решителноста и способноста за воочување на фактите за една состојба. Ако сакате да се борите против силите на злото што ја уништуваат вашата иднина, првото што морате да го сторите е добро да го запознаете тоа зло. Но, повторно, храброста е таа што не само што ќе го одлучи резултатот, туку ќе одлучи и дали борба воопшто ќе има. А, храброста не е можна доколку не ѝ се погледне на вистината (и на злото) во очи, зашто, како што некој паметно рекол, спротивно од храброста не е стравот, туку најсамозалажувачкото човеково својство: комформизмот.

Нека ви е среќна Новата година, почитувани читатели, и ви посакувам во 2015 да се ослободите од бетонските чевли и да ги оставите заглавени во црната тиња, кај што им е местото.

Извор: Слободен печат
Слики: SirChild

ОкоБоли главаВицФото