Лектор фатен како не зборува литературно

08.01.2015 14:40
Лектор фатен како не зборува литературно

Скопје, 8 јануари

Ненад С. од Скопје, професионален лектор по македонски јазик, бил фатен од неколку негови сограѓани како не зборува литературно.

Настанот се случил кога Ненад чекал во редица пред банкарски шалтер при што дошло до недоразбирање помеѓу неколку лица околу тоа кој има предност. Во настанатата препирка биле разменети остри зборови и надмудрувања кој повеќе се брза и кој има повеќе работа до крајот на работниот ден. Еден од учесниците во оваа случка ни изјави дека веќе тука забележале нешто сомнително:

„Настана препирка кој има пооодговорна работа која му трпи додека чекаме пред шатлер. Имаше во редицата неколку лекари и наставници кои инсистираа да поминат први бидејќи немаат повеќе време за чекање. Господинот кога го прашавме што тој толку се брза, кажа дека е лектор кого го чекаат над 1000 страници лектура“

Кога се изјаснил дека е лектор другите присутни се побуниле против него уште повеќе.

„Навистина човекот беше многу безобразен, лектор по професија, а зборуваше скопски, беше груб и навредуваше. На што личи тоа лектор да користи таков јазик и да го уништува нашето јазично богатство? Таквите луѓе треба да бидат пример за нас останатите, а не да го расипуваат јазикот“, вели огорчено нашиот соговорник и сведок на немилата случка.

Учесниците во оваа препирка замолија за информација од граѓаните каде можат да го пријават ова лице за непочитување на официјалниот и литературен јазик сметајќи дека тој мора да се соочи со санкции.

Извор: brejking.net