Дали сме доволно силни?

08.01.2015 16:55
Дали сме доволно силни?

Постојат мигови кои ја делат стварноста на Пред и Потоа. Додека атентаторите јуришаа на редакцијата на парискиот сатиричен магазин Шарли Ебдо, каде убија 12 луѓе, во редакцијата на Die Zeit се разговараше за новиот роман на францускиот писател Мишел Уелбек, во кој франција во 2022 година добива муслимански претседател, за учесниците на антимуслиманските протести во Германија - Пегида, за искривената перцепција на исламот и исламизмот во Европа и реалната можност европските држави да се радикализираат во таа смисла. Потоа стигна веста за масакрот во Париз. И почна она Потоа.

Редакцијата на Шарли Ебдо е слична на нашата: брмчат печатачите, уредниците грмат, се слуша смеа и размена на тешки зборови. Тоа е секојдневие на оние чија работа е известување за светските настани. Новинарите и карикатуристите на Шарли Ебдо го прават тоа со помош на сатира, свсни дека поради тоа ќе трпат навреди, тужби и закани. И покрај тоа тие си ја работеа својата работа, бидејќи им беше важна и ги правеше среќни. Особено затоа што предизвикување контроверзи.

Она што се случи во Париз не е контроверза. Тоа беше манифестација на поглед на свет во кој нема место за аргументи и идеи, сатира и расправа, кој признава само една вистина и своите истомисленици. Тоа е негација на нашето најважно достигнување - слободата на говорот.

Овој напад не ги погодува само оние кои живеат од независното новинарство, туку сите кои ја сакаат европската слобода. Во нив спаѓаат и муслиманите: полицаецот Ахмед Мерабет, една од вчерашните 12 жртви - беше муслиман. Мораме ли да го нагласиме тоа? Да, бидејќи многу Европејци го доживуваат исламот како насилна, антидемократска вера.

Одамна пред нападот во Париз, Марин Ле Пен стана сериозна кандидатка за претседател на Франција. Неодамна во Германија дојде до излив на исламофобија на улиците. Сето тоа наспроти фактот дека милиони муслимани веќе со генерации се дел од Европа. Тие овде живеат, работат и излегуваат на избори. Тие се граѓани на Европа.

Ако може да им се верува на анкетите, повеќето граѓани на Германија гледаат закана во исламот. По вчерашниот напад, потпретседателот на Алтернатива за Германија, Александар Гаулнд, ја пофали Пегида и изјави дека нејзините поддржувачи на време предупредуваат на исламскиот тероризам. Многу е опасно кога популистичка партија по бруталниот напад на слободата на говорот ги оправдува оние кои шират омраза. Ќе видиме колку луѓе ќе се појават на новите протести на Пегида, закажани за понеделник.

Можни се нови терористички напади во Европа. Властите нè предупредуваат на враќањето на радикализираните Европејци од Исламската Држава. Страв влева и можноста дека по нападите во Париз ќе се зголеми недовербата помеѓу муслиманите и останатите граѓани. Тоа веќе го имавме. И пред десет години, по нападот во Мадрид и Лондон и убиството на холандскиот режисер Тео ван Гог, во Европа растеше стравот. Последица беше подемот на екстремната десница, која ја заостри политичката клима, наместо да придонесе за смирување на ситуацијата.

Спиралата на обострана недоверба ја уништува нашата заедница и води кон ново насилство, кое не мора да биде исламско. Во Германија до сега жртви на тероризмот беа исклучиво муслиманите. Да се сетиме на злосторствата на екстремната десничарска група NSU.

Исламот е овде во Европа. Нема да исчезне, иако многумина се надеваат на тоа. Меѓутоа, тој не смее да предизвикува страв ниту да биде туѓо тело. Муслиманите и оние кои не се тоа сносат подеднаква одговорност за тоа. Треба да се постават сите прашања и да се осветлат сите стравови. Тоа е слобода на говорот.

Треба да се прави јасна разлика помеѓу исламот и исламизмот, помеѓу конзервативците и неонацистите. Исламот не е непријател. Непријател е тероризмот. Убијците од Париз сакаат да нè раскараат. Дали сме доволно силни да го спречиме тоа?

Извор: Die Zeit, 08.01.2015.