Владиката Климент и Рамадан Рамадани со осуда на терористичкиот напад во Париз

09.01.2015 12:00
Владиката Климент и Рамадан Рамадани со осуда на терористичкиот напад во Париз

Терористичкиот напад во Париз врз редакцијата на сатиричниот неделник Шарли Ебдо, очигледно мотивиран од карикатурите кои ги исмеваат радикалните исламисти, меѓу другото, предизвика и бран исламофобија и дебата поврзана со природата на религијата. Затоа, ги пренесуваме ставовите и коментарите на владиката Климент и исламскиот теолог Рамадан Рамадани.

„Доколку не си способен да се насмееш на сметка на својата мала вера или пак на својата детектирана недоверба, тогаш со своето разбирање на истата, си во сериозен проблем и нешто не е во ред.

За мене зрелиот духовен и урамнотежен човек е едновремено и дискретен лик исполнет со духовитост - некој кој низ хумор ги поминува можеби најзагадочните и најкомплексните ситуации низ своите животни соочувања.

Смртно вообразениот и сериозно дистанцираниот, самоубеден и студен лик, е наличјето на секој фундаментален екстремист, независно на која религија ú припаѓа и чиј поклоник е. Нему хуморот и сатирата му се смртни непријатели и затоа нивните автори и креатори постојано му се на нишан. Убиваат мислејќи дека на тој начин принесуваат жртва. На таквите им препорачувам изворно да си ги препрочитаат светите книги во кои сигурно не пишува дека може да се убива во името на Бога“, коментира владиката Климент.

Исламскиот теолог Рамадан Рамадани на својот фејсбук профил појаснува дека злосторствата не само што немаат никаква врска со Исламот како религија и учење, туку и на актите на оние што ги извршуваат овие злосторства им недостасува смисла и концепт од учењата на Исламот кои треба да се земат предвид.

Рамадани на својот фејсбук профил напиша:

„За денешното злосторството извршено во Париз, освен оградување сметав дека треба да се даде и објаснување. Овие злосторства не само што немаат никаква врска со Исламот како религија и учење, туку и на актите на оние што ги извршуваат овие злосторства им недостасува смисла и концепт од учењата на Исламот кои треба да се земат предвид.

Еден од тие концепти е уметот - заедницата на муслиманите. Концепт кој во глобални рамки е проширен и во таа рамка ние денес сме сведоци дека муслимани од различни делови на светот страдаат од дела на муслимани од друг крај на светот.

Гледаме дека Кина го користи анти-муслиманскиот момент во светот за да продолжи со верското и етничкото прогонување во источен Туркистан на тамошните Турци. Гледаме дека овој момент жестоко се користи и против муслиманите во Сиси, Египет, па до Путин, Кадиров во Чеченија, но го спомнав примерот во Кина како помалку познат.

Друг исламски концепт што им недостасува на овие исламски екстремисти, познат одамна во изворните исламски текстови како „хавариџ“ (грешници), кои во овие верски текстови се прикажани како „кучињата на пеколот“, е и целиот човечки род или „Уметот на давес“, според кој целиот човечки род е заедница што може потенцијално да стане муслиманска заедница и концепт кој извира од одговорноста која Господ им ја дал на луѓето како негови следбеници (потчинети) на земјата. Бидејќи муслиманите се тие кои веруваат и ја артикулираат оваа потчинетост, тие имаат и одговорност кон човечкиот род.

На тој начин, денешното злосторство треба да се осуди не само според принципот колку штета прави на сите муслимани во светот, туку и според значењето кое го има врз целиот човечки род.

Што да прават или да мислат илјадници праведни луѓе во светот, христијани, атеисти, Евреи и други кои деновиве протестираат против екстремизмот на неколку поединци и групи во нивните земји?! Сметам дека освен клетвата од оштетените муслимани низ целиот свет, овие грешници ќе ги фати и клетва од овие праведни луѓе.“

Извор: НоваТВ