Новогодишните блеформи на Санта Николаус

09.01.2015 13:56
Новогодишните блеформи на Санта Николаус

Јас го разбирам ентузијазмот на премиерот, но тој сепак остава впечаток на човек што непрекинато шмрка некаков месијански кокаин што му овозможува да лебди над Македонија и да шара по нејзиното лице со своите блеформаторски ножици како што Британците и Французите, да речеме, шараа граници, системи, држави и нации по теренот на Блискиот Исток во времето кога се распаѓаше Отоманската империја! Некој може да помисли дека споредбата не е најадекватна, но јас ќе речам „не“ затоа што и во едниот и во другиот случај се работи за бескрупулозно масакрирање на природните, општествени и културни амбиенти со сила, корупција, пропаганда и раскараност, во корист на британските, француските и вмровските интереси со тоа што кај нас тој, мислам на премиерот, се јавува тука во таа инфантилна афилијација на силите што наумиле новата геополитика на просторот да ја конституираат, меѓу другото, преку културнообразовна и национална ревизија на Република Македонија во територија на евтини ресурси и суспендирани контроли и јавни иницијативи!

Да ја земеме, да речеме, левтерноста со која во новогодишното обраќање ги најави реформите во образованието што тој и неговата партиска екипа наумиле да ги спроведат во наредните години. Човекот рече, приближно, вака: На секој студент на Педагошкиот факултет во 2015 секој месец ќе му даваме по 10.500 денари, на секој што ќе студира на новоотворената едногодишна Академија за наставници - по 21.000 денари месечно, дипломираните студенти ќе имаат сигурно вработување, а веќе вработените наставници што ќе решат да ја завршат Академијата, ќе добиваат по 3.000 денари зголемување на платата.

Целта е новите генерации ученици и средношколци да ги обучуваат и формираат најдобрите наставници и учители.

Второ, од 2018 година секој универзитетски професор ќе биде задолжен во рок од пет години да објави во реномираните меѓународни списанија по два труда со фактор на влијание.

Идејата е да се намали заостанувањето зад другите земји во светот што според премиерот не е можно во услови на комоцијата во која денеска работат професорите.

И трето, ќе се воведат државни испити на факултетите за да се крене нивото на знаењето и да се спречи доаѓањето до дипломи без адекватно знаење!

Се извинувам за можните мали непрецизности, но содржината на новогодишните пакетчиња на нашиот Санта Николаус, што нѐ интересираат во оваа прилика, е таа!

Магнифисент, екстраординари...

Обраќањето на премиерот ме потсети на луѓето што учествуваат во рекламирањето на капките вендоксин. Македонија, во неговото излагање, ми се појави како слика на млада мома, која не може да оди и да се качува по скали, како девојка што страда од таканаречениот комуњарски синдром на отечените вени, ама, еве го него тука со своите вмро вендоксин капки и женската веќе може да трча, дури и да биде трета во Европа, а ако продолжи да пие од волшебниот напиток, ете ја догодина и прва на некои игри!

Сакам да го прашам премиерот: зошто според истата рецептура не му понуди на потпретседателот Пешевски да се запише на курс во Академијата Леонтиќ со очекување дека по една година ќе се врати како Џорџ Клуни пред да се ожени за плус 5.000 денари плата?! Зошто не ѝ даде на Силванева Бонева 900 денари зголемување на платата со обврска за шест месеци да го симне целулитот и да изгледа како Бијонсе Ноулс?! Можеме ли да ја искористиме оваа рецептура за да ја испратиме фудбалската репрезентација на Македонија на Светското првенство во фудбал?! Може ли премиерот да им даде на македонските крави и на Лилето Поповска по 3.000 денари месечно, со очекување дека по три дена ќе почнат да даваат по 100 литри млеко секој ден, кравите, односно ќе престане да се препичува и лигави на јавната сцена, се мисли на Лилето, во рок од пет секунди! Може ли премиерот самиот себеси да си ја зголеми платата за 890 денари месечно под услов во наредните два месеца да си ги собере стапалата, да нѐ внесе во НАТО и во ЕУ, да го реши проблемот со името и да го качи фамозното џидипи на 18.000 евра по глава?! Или, ако оцени дека сакаме уште една реформа во образованието, зошто да не си ја зголеми платата за уште 500 денари, што воопшто не е малку, да се разбереме!

На овој начин можеме да откриваме нови планети, да научиме како да седиме на запалени рингли и да ѝ се спротивставуваме на гравитацијата! Колку пари треба да му се дадат на Влатко Ѓорчев и колку скока треба да изведе човекот од зградата на ЕВН за конечно да изведе еден скок по кој ќе остане да лебди и да ја посматра среќата што неговиот обожаван лидер ја произвел долу на земјата?!

Клучното прашање е: зошто некој воопшто би студирал на Педагошкиот факултет и зошто воопшто би сакал да биде наставник во земја во која се нудат толку многу други опции. Да речеме, јас мислам дека на луѓето им е попаметно да се запишат во унијата на женските сили на вмро или на неженските сили, сеедно, и за три-четири години, ако не како министри, да фатат да се прчат како амбасадори или макар како советници по плажите на разни тринидади и тобагоа! Или, да речеме, секој паметен човек може некое време да дежура пред штабот на сдсм и да чека да влезе во контра на некој комуњарски протест, активност што е кариерно и егзистенцијално кај нас посилна од три докторати! Конечно, на еден млад човек денеска не му претставува никаков проблем да се претвори во Каракамишева или во Јелена Лужина, ако ништо друго, многу му е полесно тоа отколку да студира, па уште и на Педагошки факултет, утре децата да му фрлаат петарди под катедрата и да му ставаат змијчиња во внатрешниот џеб на сакото! Да, заборавив, секој може да се надева дека еден ден ќе победи на некој фестивал и во тие пет минути ќе лапне сто учителски плати платени од државата!

Тој, како прв човек на самоуништувачката политика, непрекинато произведува општество во кое само знаењето не е важно, тој произведува партиско општество, нерамноправно општество, неправно општество во смисла на модерното право, општество на лажни вредности, на лажна култура, на кичерајска естрадност имитаторска. Не можете да правите никакви реформи во образованието со Скопје 2014 како централен амбиент и културноестетски и едукативен стандард, со оној одвратен Муузеј на смртта, со пушикари на секое ќоше, со кољачи, со коњи, со барокни стиропори, со мостовите на кои човек може да пукне од срам, со безброј бесмислени црквички на секоја ливатка, со веронауката на тешките безбожници, со идиотските учебници пишувани од лудаци! Односно можете, ако вашата идеја е да произведете хендикепирани луѓе. Не можете да правите реформи освен како карикатура во еден ваков општествен дискурс во кој низ медиумите и во политичката и во сите други сфери доминира примитивизмот, во ситуација кога формирањето на најмладите сте го вратиле од Бушава азбука, на македонските народни приказни во кои нашиот човек е прикажан како глуп, наивен и по малку расипан тип што добро поминува во животот, имено, затоа што е глуп, наивен и злобен!

Преродбата, со важна асистенција на останатиот дел од транзицијата, сосе другите политички сили, ја уништи самата смисла на знаењето и на образованието, таа ја уништи нормалната општествена стратификација, посебно во образованието и културата, таа направи од едно, можеби недоволно успешно, добро и праведно структурирано, но структурирано општество, разводенета каша во која еден ден ќе потонат и тие што денеска ја мешаат, таа го уништи општеството како такво! Оној што во ваква ситуација говори за реформи во образованието е парадер што се однесува како капетан на заринкан брод што веднаш по несреќата наредува да се сменат чаршафите на масите за ручање! Што е случај со нашиот премиер и тука ќе си земам слобода да тврдам дека тоа е така затоа што така тоа го бара сценариото на катастрофата запишано во неговиот чип, а не затоа што премиерот односно капетанот прават фатални грешки: луѓето и бродот ќе потонат на вечера врз чисти чаршафи, Каролина ќе се мачи со македонското девојче, ајкулите ќе ја пеат химната на вмро!

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња