1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
Една од најтешките работи во отвореното соочување со режимот е да не се наседне или промптно да се одговори на нивните континуирани пропагандистички и спинерски махинации. Втора многу тешка работа е да не се занимаваме со истите тие махинации кога ќе успеат да нè погодат или да нè ранат. Трета најтешка работа е да се остане на сопствената агенда, студентите и професорите да не се дефокусираат од сопствената борба и кауза.
Ако некултурниот и политички примитивен, но воедно и политички ефикасен упад на Груевски, заедно со несмасната и акомодирачка реакција на Ванковска - „Ние не сме против вас!“ – покажаа колку е тешко да се соочите со извежбаната и планска пропаганда и со политичката итроштина на режимот, сепак, јас длабоко сум убеден дека ништо не е изгубено. Напротив, само неколку дена подоцна, гледаме дека третата лекција е научена, дека нема откажување од борбата. И не само тоа, туку забележувам и една нова енергија и радикализација од страна на професорите.
Протестите кои во суштина се студентски и вонинституционални, и кои ја придобија солидарноста на професорите, кои пак се обидоа да дејствуваат институционално во надеж на компромис, сега добија една сосема нова смисла. Професорите сфатија дека компромисот со режимот е невозможен, дека самиот режим работи на постојана конфронтација и поделби, на сатанизација и стигматизација на професорите и нивно масакрирање пред јавноста. Така, сега и професорите ќе сфатат дека барањето на институционални решенија е исцрпено и со право ќе застанат зад единствениот легитимен став: Груевски, или ќе се повлечеш или следуваат протести. Попуштање нема!
Студентската и професорската кауза сега не се само идејно и идеолошки обединети, туку сè повеќе ќе се обединуваат во суштината, на пораките, технологијата и формата на протестот. Не го сфаќајте тоа обединување како нешто стриктно. Зборуваме за две различни категории, едната масовна и млада, полна со енергија и надеж, другата интелектуална и критичка, која треба на површина да ја извади својата мудрост и знаење.
Но, во едно нешто протестот на студентите и понатаму одлично се развива, и не само тоа, туку и добива нови приврзаници. Протестот на студентите успева во пркосот, во давањето отпор кон режимот, во доближување на останатите кон сопствената борба и кон веќе воспоставените форми на таа борба. Успева во прикажување на сопствената борба како борба за сите нас и против проблемите на сите нас. Полека, не само засегнатите, како студентите и професорите, туку и пошироката јавност и многу други категории, сфаќаат дека единствениот начин на судир со овој режим е: Да не му се попушти!
Денес, тоа е мотото, тоа е битката. Битката повеќе не е за законот за високо образование, за екстерното, туку еднаш кога си пробал да дојдеш до компромис и си наишол само на насилство од страна на власта, да ѝ кажеш: Не попуштаме, не се откажуваме, не запираме, додека не се откажеш ти!
Ниту пак проблемот е дали власта тој закон ќе го донесе, а ќе го донесе. Погрешно е да мислиме дека тогаш нешто е изгубено, напротив, токму тогаш има што да се добие. Треба да се ослободиме од логиката дека протестот е само реакција на волјата на режимот, и да сфатиме дека протестот е реакција на желбата за промени. Протестот во Македонија добива свој живот.
Треба да престанеме да резонираме дека Груевски нешто ни диктира, а наше е само да се откажеме. Така е во реалноста, но ако сакаме да ја смениме, треба да ја смениме и логиката на односот. Односно, од денес, ние диктираме, а ти или ќе се менуваш или ние ќе те смениме. Како и да е, и да не се успее, не е никаков срам, затоа што веќе, по толку многу изгубени битни, нема каузи за разочарување или цели за промашување. Тоа што е важно е дека нашата култура на промени, нашиот став на пркос и протест се обединуваат, се објективизираат, кумулативно се градат и созреваат и веќе на сите им е јасна технологијата, дека ако сакаш нешто да смениш, мораш да се побуниш и да се бориш до крај.
И постои моќ во таа позиција, но уште повеќе постои отвореност. Тоа е политички став, кој ја има пропулзивната моќ на едно движење. Тоа што важи за студентите, гледаме дека може да важи и за професорите, утре ќе видиме дека може да важи и за хонорарците, а зошто не и за докторите, новинарите, работниците. Протестот во Македонија станува култура на живеење.
Затоа, нема за што да се јадосуваме, нема за што да се разочаруваме – и да не успееме денес, ќе успееме утре, бидејќи ние се тренираме, сега вежбаме, се менуваме, заедно учиме и се засилуваме. Допрва нè чекаат најголемите маршови и протести, допрва следува освестувањето на овој народ и артикулирањето на неговата волја. И јас, кој прв би изразил критика кон Ванковска и Силјановска, кон нивната ванитозност и политичка превртливост и неукост, одбивам да застанам зад ситните души и да се фатам на јадиците на режимот. Баталете ја Ванковска како самопрокламиран лидер, не бидете мрзливи, и баталето го Иванов и неговото вето. И не се лутете на добронамерните критики, впрочем кога би ги имале само за режимот, што би нè направило поинакви од режимот?
Сепак, јас гледам промени, јас гледам нови гласови, гледам слободни ставови и слободни луѓе. Без кого било индвидуално да глорифицирам, зашто мислам дека тоа е погрешно, но јас ја гледам младата Грубор, ја гледам професорката Попсимонова, ја гледам учителката Секирарска, гледам стотици млади и стари како не се штедат, како фронтот добива на масовност и како граѓаните се охрабруваат. Далеку сме од промена на режимот, но гледам промена во нас, а тоа е првиот и најважен предуслов.
Гледате, од самиот наслов сакам да ви кажам една суштинска поента кога велам: партија на професорите и движењето на студентите. Денес, професорите и студентите креираат политика, ја менуваат политиката, го еродираат режимот и неговата антиполитика, ги шират хоризонтите, ги инволвираат граѓаните, било пасивно или активно. Тоа е политика, во време кога политиката е мртва, кога опозицијата не постои, кога постои само режимот. Тоа е политички став кој треба да се цени, кој нè всидрува, ни кажува како треба, за што и како треба да се бориме, кој ги поставува вистинските прашања и дава тешки одговори.
И утре, кога можеби политиката ќе се врати, кога некоја партија пак ќе треба да го земе политичкиот клуч во своите раце, што ќе биде ако нѝ биде и партија на професорите и на студентите, на работниците и земјоделците, на сиот нормален народ кој бара и кој мора да биде инволвиран во политичките процеси и одлуки. Демократска партија во етимолошката смисла на терминот.
Денес сме против наметнувањето од горе и „тојотизацијата“ на нашите студенти и нашиот интелектуален труд, против девалвирањето на професорите и секоја категорија која решила да се спротивстави на режимот. Низ оваа борба, низ ставовите на овие луѓе и категории, граѓаните ќе сфатат која е всушност и големата борба за ослободување. Ќе сфатат кои се инструментите и технологијата, која е техниката и како се гради културата на промени.
Судирот со професорите и студентите е многу важен, затоа што тука најмногу излегува на виделина желбата на режимот, заради своите материјални, идеолошки и класни интереси да ја уништи самоопределбата на индивидуата, и да ја жртвува на олтарот на авторитарната селекција и програмација. Режимот не сака само материјално да нè уништи, тој сака да ја одреди општествената и културна судбина на личностите.
Лажниот и испразнет идеолошки концепт на режимот, дека се прават реформи, дека се работи за подобро, е само димна завеса, која цели кон уште поголеми форми на контрола кои потоа не може да се дискутираат и да се променат. Дотолку повеќе што стандардите и квалитетот на кој се повикуваат не се ништо повеќе од обични и преџвакани режимски процедури, одамна отфрлени од светот, едно монструозно симболично и реално практикување на моќта, раководено од лица и органи кои како научен легитимитет го имаат само оној кој самите си го дале, и кој планираат и во иднина да им го доделат на „своите“.
Гледате, студентите и професорите не се борат само за своето, се борат против самото авторитарно и тоталитарно лудило на власта. Така учат, но нè учат и нас останатите, вршат демократска дифузија на знаењето и искуството. Колку е прекрасно што токму академските категории спроведуваат една борба за демократијата и правата не само преку предметите кои ги предаваат или слушаат, туку преку самите фундаменти на општественото дејствување доаѓаат до нови лекции и искуства, денес кај нас науката не се мисли само низ книгите, туку и низ јавно корисното дејствување.
Ете, затоа верувам дека оваа борба ќе има влијание, ќе нè едуцира, ќе разбуди и формира општествено реални субјекти. Борба до крај, иако крај нема, студенти и професори! Најдоброто допрва доаѓа, ќе се спојат сите маргиналци, сите прекаријатни работници, а вие ќе бидете добри учители, верни на општествената должност на вашата професија.
Извор: www.plostad.com.mk
Слики: Eliska Podzimkova