На Европа пред сè ѝ треба смеа!

09.01.2015 15:19
Je suis Charlie: На Европа смеата никогаш не и’ била попотребна

Пред повеќе од четириесет години, француското сатирично списание Хара-кири и неговиот непосреден наследник Шарли Ебдо можеа да се купат на киосците во центарот на Белград, а подоцна во книжарницата на Студентскиот културен центар, кој белградските студенти го добија по побуната во 1968 (според популарната верзија, поради козарачкото оро по Титовиот говор: одиграа - добија). Поточно, можеше да се купат сите броеви освен забранетите. А баш се трудеа, Франсоа Кавана, Жебе, Шорон (стара е традицијата на земање само едно име, без презиме), Филип Вал.. Во втората генерација дојдоа други, посебно вчера убиените Каби, Волински, Шарб и Тињу. Хара-кири настана како месечник во 1960, стана неделник во 1968, мораше да згасне во 1969 по саркастичната обработка на смртта на генералот де Гол на насловната страница и воскресна во 1970 како Шарли Ебдо (потсетување на американскиот стрип за Чарли Браун на Чарлс Шулц и - на извесниот покоен Шарл). Колку тоа ни значеше нам во тоа време, да видиме колку се може (а ние не можевме), тешко може воопшто да се замисли. Една страна од списанието со години висеше во разни мои простори, и секој пат ме развеселуваше - карикатура на пејачката Миреј Матје, со текст: „Гласајте имбецилно, како Миреј Матје!“ И богами гласаа. Во време, подвлекувам, кога изборите со повеќе партии изгледаа како позитивен утописки сон. Она што „ним“ на Запад им беше дозволено, нам не ни беше. Сатиричното списание Фронтистерион, публикација на Филозофскиот факултет во Белград, односно на неговиот студентски одбор, кој го направив заедно со Зоран Миндеровиќ и Милан Ќирковиќ, беше запленето во 1970 во печатницата, а конечната сметка мораше да ја плати со затвор претседателот на студентскиот одбор, Влада Мијановиќ... Ние останатите само со губење на пасошот и можноста за кариера. Барем не нè заведе ниедна идеја ни говор на ниедна држава и систем на власт, ни претходно, ни потоа.

Списанието Шарли Ебдо згасна поради финансиски проблеми во 1981 и потоа по десет години воскресна, со некои од истите стари уредници.

Најлошиот терористички напад во Франција по повеќе од половина век не може да се изедначи со другите, во кои страдаа невини, случајни жртви: станува збор за смислен политички атентат. Убиени се автори, уредници, полицајци кои го штитеа списанието и главниот уредник веќе неколку години, од првиот голем напад на редакцијата со молотови коктели во 2011; убиен е и коректор со муслиманско потекло. Остана жива карикатуристката која задоцнила на редовниот состанок на редакцијата, и која вооружените убијци ја присилиле да им го даде кодот од влезот во зградата... Убивањето е снимено од повеќе агли, целиот визуелен материјал е цензуриран и ќе ѝ служи, се надеваме, само на полицијата. Убијците се идентификувани, кога ќе ги пронајдат е прашање на часови или денови.

Клучниот и трагично завршен дел од приказната за сатиричното списание Шарли Ебдо („неделникот Шарли“) почнува во 2006. Тогаш Шарли Ебдо ги објави карикатурите, главно на тема пророкот Мухамед, од данското списание кое доживеа вербални и помалку физички напади и предизвика ужас кај многумина во Европа и светот. Објавувајќи ги овие карикатури - заедно со својата, несомнено најдуховита - редакцијата прво ја покажа сета бесмисленост на култивираниот аргумент дека карикатурите на данскиот автор „не се духовити“ во ситуација на општа луда вжареност, расизам и омраза. Оттогаш списанието главно одговара на нападите со своето единствено средство - остар, злобен, бескомпромисен хумор. А против тоа, како што добро знаеме од историјата, делуваат единствено финансиското исцрпување - списанието постојано беше на работ на банкрот - и калашниковите. Извршителите, додуша, извикувале во слава на Алах, но Шарли Ебдо секогаш беше изложен на омраза. И денес, над мртвите гении на сатирата, духовитоста, каламбурите, карикатурата и стрипот, гласови во Франција мрморат дека самите се виновни за тоа и дека ги стигнала праведна казна.

Франсоа Кавана (умре во деведесеттата година, минатиот јануари) и уште неколкумина од оние на кои подеднакво им пречеше револуционерната сериозност и десничарската и граѓанската заостанатост, заслужни се за Хара-кири и Шарли Ебдо. Темите за редакцијата (низ која поминаа цели генерации меѓу најдобрите во инаку светски влијателниот феномен на француско-белгискиот стрип и карикатура) останаа речиси секогаш исти: лажната побожност, малограѓанштината, глупоста, здравиот разум, корупцијата, верското излудување од сите страни, со најмногу општествено поставени мети на исмејување. Амблемскиот автор на Шарли Ебдо, кој најмногу влијаеше на правење на школата, беше рано починатиот Жан-Марк Рајзер (Jean-Marc Reiser, починат 1983). Неговите стрипови и карикатури се посветени на исмевањето на малограѓаните, на сексуалната револуција, политиката, расизмот и колонијализмот, и визуелно главно ги покриваат долните екстремитети и она помеѓу нив, значи, слузта во сите облици, екскрементите, грдоста, валканиците и гнасотијата. Делото на Рајзер во голема мера го продолжи Жорж Волински, кој во осумдесеттата година е убиен во редакцијата на Шарли Ебдо. Влијанието на Рајзер го следиме во стриповската продукција во цела Европа, па богами и кај нас, во некогашниот Полет, во Младина. Во Хрватска ги издадоа речиси сите албуми на Рајзер.

За разлика од својот сатиричен роднина, списанието Канар Еншене (Canard enchaîné - „окованата патка“), кое сериозната новинарска и истражувачка работа ја зачинува со хумористични додатоци, Шарли Ебдо остана луд и злобен во целина. Неговото мото е „бестијален и зол“ (bête et méchant), кое го измисли самиот Кавана, во лажно писмо до редакцијата кое наводно го испратил некој полковник. На останатите во редакциајта толку им се допаднало, што го ставиле во поднаслов на весникот.

Речиси сите соработници на Хара-кири и Шарли Ебдо низ генерациите биле од т.н. „мешано потекло“, повеќето го скратиле своето име - поради потпишување на карикатурите и стриповите - или за себе измислиле кратки псевдоними.

Да се вратиме на Миреј Матје. Да, толку веќе знаеме, ние, кои ја добивме парламентарната демократија доцна и исто толку доцна сфативме за што служи: уште е најдобро кога ќе победат имбецили кои сакаат мир, отколку некои кои точно знаат што сакаат да прават со... имбецилите. Со други зборови, парламентарната демократија, додека не се подобри, и тоа темелно, а можеби и револуционерно, бара цела низа институции и пара-институции со кои се обезбедува излегување од просторот на имбецилното, во просторот на високото, ризичното и креативно разумно/разумско. Ако парламентарната демократија во соработка со пазарот треба да овозможи пристоен, правно осигуран и мирен живот за мнозинството, што денес во секоја спомената точка е под прашање, тогаш за одржување барем на европските традиции на граѓанска свест неопходно е да се имаат дополнителни наставни помагала, вежбалишта, испити. Многу од големите прашања на граѓанската свест се решаваат со смеа - граѓанинот со својата телесна реакција покажува дека е спремен да го промени мислењето. Најлесно, најбрзо и најдлабоко се смееме под притисок на забраните и стереотипите; затоа, баш како и децата, автоматски се смееме на сè што е „безобразно“, сексуално, валкано. Оваа одговорна работа во западната демократија со највозбудлива традиција, француската, повеќе од половина век ја извршуваа луѓе од првата, втората и третата генерација зафрканти кои во средата претпладне беа убиени. Каби, Шарб, Волински и Тињу (Cabu, Charb, Wolinski, Tignous) веќе станаа симбол на европскиот отпор против едноумието, но не на учтивиот, владин или невладин сектор, што и да подразбира воздржувањето и пристојноста: не, добога, никогаш не смееме да заборавиме дека треба да се биде дрзок, зајадлив и деструктивен кога не си на власт, без посебна причина, просто затоа што демократијата, онаква бедна каква што е, лесно се задушува без вентили...

Од среда напладне, милиони луѓе се кренаа на интернет: не станува збор само за слободата на изразување, туку станува збор за основната потреба за смеа во сите, а особено во непристојните облици, и за зачувување на придобивките на разумот: да не заборавиме што мислеле за светот и човекот само десет, педесет или двесте години претходно. Третата светска војна нема да почне, иако за неа радо сонуваат оние кои мислат дека сатиричарите „заслужиле“. Затоа се смееме, во нивна чест.

Извор: Peščanik.net, 08.01.2015.