Шарлиевци

10.01.2015 11:09
Шарлиевци

Прексиноќа, веднаш по трагичниот настан во Париз, во сите поголеми градови во Европа се одржаа спонтани и масовни собири на граѓаните под паролата „Јас сум Шарли“. Најмасовниот протест против тероризмот и екстремизмот се одржа во француската метропола, каде што се собраа околу еден милион луѓе. Спонтан собир беше одржан и во Белград.

Некој уште вечерта праша – а каде е Скопје? За жал, Скопје не е голем град. Некогаш бил таков, ама веќе не е. Градот на солидарноста и на слободарскиот дух денеска е окован во простаклук и во паланечки дух, кои се одѕиваат на името барок. Освен тоа, надвор е брутален студ, нели. А наша е песнана „ситна роса зароси...“

Не знам, почитувани читатели, јас сум убеден дека да отепаа дванаесет новинари во Македонија, немаше да има кој да протестира. А веднаш ќе се најдеа „мудреци“ да кажат дека жртвите сами си го барале, не ги почитувале новинарските стандарди и новинарска етика, а нивните газди не плаќале данок. Впрочем, еднаш го видовме тој филм, кога беше убиена А1 телевизија.

Во средата беа масакрирани новинари во Париз. Масакрот на македонските новинари заврши одамна. Овие наши шарлиевци што ги читате, не се луѓе, тие се само духови.

Извор: Слободен печат