Сивата зона на слободниот говор и црвените линии на професионалноста

10.01.2015 11:33
Сивата зона на слободниот говор и црвените линии на професионалноста

„Нели барате слобода на говор? Па тоа значи дека секој може да си каже што сака“.

Реакцијата е на еден читател на рецензија за непрофесионален текст. Авторот на коментарот се обидува клеветата и навредливиот стил што се користени во рецензираната објава да ги оправда со правото на слобода. Веројатно ваквото резонирање го имаат и дел од медиумските работници. Сè почнува од следново: имам право да си кажам што мислам (и тоа секаде, а не само во колумна). Оттука следи лавина од непрофесионални текстови полни со коментари и со клевети, оцрнување на лица од јавниот и од политичкиот живот или на обични граѓани, говор на омраза, непроверени информации… Впрочем, токму овие елементи се присутни во речиси секоја рецензија на СПФМ, а ова се само неколку:

Политички прогнози:

„Народот не верува во очајните потези на раководството на СДСМ кое веќе е прочитана приказна.“

Говор на омраза – намерно е изоставено името на прозваната личност за да се избегне ширење на омразата :

„… бившиот нацифашист, по националност руски провинциалец од Естонија не нарече Славо-Македонци, а албанците со сета должна почит етнички Албанци …“

Коментар за кој е потребна кристална топка кога веќе нема наведено извор:

„Се најавуваа повторни протести кои премногу од очигледно е дека ќе доживеат крах“

И конечно, совети за публиката – за во спална:

„Ако сексот им е важен на двајцата, двајцата треба и да се погрижат тој да се случи како што треба.“

Неспорно е дека моќта на влијание врз јавното мнение доаѓа со голема одговорност и со резонирањето дека некој може да „лупета ко максим по дивизија“ е недозволиво, но сепак се поставува прашањето: во кој момент слободата на говор може да се претвори во орудие за нанесување непоправлива штета?

ОГРАНИЧУВАЊА НА СЛОБОДАТА НА ГОВОР?

Прашањето отвора жешка тема која сè уште е предмет на дебата. Од една страна, цензурата е забранета во речиси секое демократско општество и тоа со највисоките правни акти на државата. Од друга страна, се поставуваат дилемите за повреда на углед и за клевета.

Како пример може да се земе случајот Милкович против магазинот „Лоријан“, кој се најде пред Врховниот суд во Соединетите Американски Држави во 1990 година (The Supreme Court case is Milkovich v. Lorain Journal Co., 497 U.S. 1 (1990)). Случајот се „шетал“ низ судските лавиринти 15 години, а повод бил коментар објавен во весникот „Њуз хералд“ за тепачка на спортски натпревар. Авторот на текстот, спортски новинар, во колумна изразил лично мислење дека обвинетите во инцидентот лажеле пред судот со што им дале лош пример на децата кои биле сведоци на тепачката. Одбраната се повикувала на Првиот амандман за слобода на говор, поточно премисата дека секој има право на здраворазумско мислење. Првичната пресуда во корист на медиумот била обжалена пред Врховниот суд и, спротивно на очекувањата, жалбата била усвоена. Судијата образложил дека со примери од судската практика се создал впечаток дека „каква било штетна изјава е заштитена со Првиот амандман“. Оттука и следниов навод на судијата:

„Колумните кои сугерираат клевета, базирани на тврдења кои може да се докажат како вистинити и лажни, може да обезбедат основа за тужба, дури и од страна на јавни службеници.“

Оттука, за утврдување на можноста за клевета се издвојуваат неколку прашања:

-Дали авторот користи фигуративен говор со кој на читателот му се отежнува утврдувањето на фактите?
-Ако тврдењето е во писмена статија, во кој контекст е наведено истото?
-Дали контекстот му отежнува на читателот да ги распознае фактите?

ПРОБЛЕМИ СО ОСНОВНИТЕ СТАНДАРДИ

Покрај постојниот кодекс за македонските новинари, практиката укажува дека во македонското новинарство сè уште постојат проблеми со почитување на елементарните принципи.

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот, Кодекс на новинарите на Македонија

Додека во САД слободата на изразување во сооднос на клеветата се разгледува пред судовите уште од минатиот век, во земјава имаме проблеми со основите: вести и прилози каде коментарите не се дозволени, макар ни под закрилата на слободата на изразување, како на пример:

„Полни со гнев и омраза опозициските портали и гавази сериозно халуцинираат и дрско лажат“

Слични примери го илустрираат овој проблем, за чија застапеност потребно е спроведување на квантитативно истражување. Неблагодарно би било да се коментираат мотивите за ваквото известување, бидејќи за тоа нема достапни докази.

Дали нечие лично мислење е потенцијално опасно по угледот на институција или личност е сивата зона за која секогаш ќе има дискусии, особено во колумни и во едиторијали. Од друга страна, презентацијата на тврдења во вести и во прилози кои не се поврзани со извор, подразбира непочитување на основните правила на новинарскиот занает. Ако куќата се гради од темелите, јасната дистинкција на коментаторските елементи во текстови презентирани како вести е предуслов за поопширна дискусија околу тоа до каде може да се оди со слободата на изразување во другите форми на новинарски израз.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Sedki Alimam