Професионална деформација

10.01.2015 11:23
Професионална деформација

МИКИ И МАЈА

Мики беше маж кој не се срамеше да заплаче. Но, претеруваше со тоа. Така еден ден чекаше ред на шалтер во банка и заплака. А немаше многу луѓе пред него и не чекаше долго. Го пуштија преку ред и тој насолзен, бришејќи си го носот со марамче, си ја зеде платата. На шалтерот работеше Маја која веднаш се вљуби во него и после пет часот отидоа во матично и се земаа. Мики плачеше на свадбата затоа што прабаба му не е жива да го види оженет.

Потоа отиде во обложувалница и заплака кога му кажаа дека еден натпревар кој го играл е одложен.

Подоцна дојде дома и почна да плаче кога виде дека задоцнил за ручек. Маја го тешеше, но тој не престана. Подоцна се играа мечевите и тој ги погоди резултатите и доби пари. Отиде во обложувалница и почна да плаче затоа што не вложил повеќе, повеќе пари ќе добиел. Дојде дома и плачеше дека му се спие. Маја го тешеше, водеа љубов и Маја запали цигара, а Мики пак почна да плаче зашто веќе три години се беше откажал од пушењето и сега не може да ѝ прави друштво. Маја отиде и му донесе колаче. Заспаа.

Наредното утро Мики се разбуди и сфати дека е женет и се замисли. Му текна дека претходниот ден претера со плачење и почна да се срами. Кога се разбуди Маја го виде и веднаш сфати дека е готово помеѓу нив двајца и го напушти. Мики никогаш повеќе не заплака.

ЛЕТЕН ХИТ

Беше лето и пред една зграда со три влеза, Општината, Владата, странските амбасади, Хуманитарната организација „Фреди Кругер“, Здружението на пензионери и стотици други организации, здруженија и медиуми решија да постават нова бандера. Бандерата беше дрвена, горе со светилка, а долу имаше еден штекер, значи една од најобичните бандери некогаш направени, како што кажа и амбасадорот на Луксембург: „убавината на оваа бандера може да се спореди со водата, но не газираната вода, туку обичната од чешма. Може да постојат стотина видови безалкохолни и алкохолни пијалоци, но само една е водата и ништо не може да ја замени. Е, оваа бандера е вода!“. После тој говор настана петнаесетминутен молк, проследен со кимање на главите на посетителите. Дури имаше и по некоја солза -радосница. Емоциите се подмачкуваа со стотина видови безалкохолни и алкохолни пијалаци. Вода немаше. Подоцна имаше седумнаесетминутен огномет. Огнометот му ги изгоре алиштата што му се сушеа на Блаженко, кој живееше на првиот спрат во средниот влез.

Повеќе автобуски линии ја сменија рутата и поминуваа од таа улица за да минат покрај бандерата. Често фрлаа отпушоци од цигари на терасата на Блаженко, кој од бучавата не можеше ни да заспие.

Луѓе поминуваа покрај бандерата, голем процент од нив разговараа на мобилен или ја сликаа со мобилни, таблети и фотоапарати. Сите кучиња кои шетаа и мажјаци и женки уринираа врз бандерата, додека сопствениците ја сликаа со мобилен телефон. Од зрачењето на мобилните на Блаженко му падна косата.

Така мина преостанатиот дел од летото, но кога дојде есента на друго место се постави најобична канта за отпад и интересот и популарноста на бандерата ги снема. Само на кучињата по условен рефлекс бандерата им остана најинтересна за уринириње.

Дојде зима и станарите од сите три влеза едногласно одлучија да ја исечат бандерата за огрев. На Блаженко му падна уринираниот дел.


ПРОФЕСИОНАЛНА ДЕФОРМАЦИЈА

Јован Биселоски од село Роштушево беше последниот анкетиран од страна на агенцијата „Божана”. Анкетарот Радо беше финансиски директор, формулирач на прашања и портир во „Божана”. Всушност, тој беше креатор на агенцијата, а откако неговата жена, Божана, загина на раскрсница, Радо остана единствен вработен. Прашањето за оваа недела гласеше: „Дали дигитализацијата стана синоним за модернизација?” и имаше четири опции да се заокружат: под А – не знам, Б – секако, В – никако, Г – можеби. Повеќе од 90% доби одговорот под Г. Тоа беше и фаворитот на Радо, но тој не беше пристрасен при анкетирањето и не им сугерираше на анкетираните. Секогаш кога ќе погодеше, се напиваше во локалната кафеана „Дрво” и ги кршеше уличните светилки од среќа. Но, не и овојпат. Утредента мораше да се појави на суд бидејќи се тужеше самиот себе си, поточно портирот Радо ја тужеше Агенцијата за прекршување на работничките права. Така Радо заврши зад решетки. Во неговата ќелија беа еден норвешки трговец со бело робје и трговец соа дрога од Белимбегово. Набргу тројцата станаа најдобри пријатели. За тоа беше заслужен Радо, кој со своите прашања им ги направи деновите многу интересни. Дури и на најпросто прашање „Колку е часот?”, Радо даваше четири опции: А – не знам, Б - околу 4 и 15 мин., В - точно 6, Г - види си сам. На Радо тоа му беше професионална деформација, но токму тоа го спаси од силување, боцкање со нож, земање на вечера, тепање во купатило, скокоткање до полудување, навредување на членови на семејството и слично. Радо беше среќен затвореник и многу му беше жал кога му истече казната и затоа повторно се тужеше, но овој пат судијата откри дека правдата не му беше примарната цел и не го осуди.

Слики: Thaïs Vanderheyden

ОкоБоли главаВицФото