Шарбоние: Муслиманите не се деца кои не смеат да бидат шокирани

10.01.2015 12:48
Шарбоние: Муслиманите не се деца кои не смеат да бидат шокирани

По повод крвопролевањето во редакцијата на францускиот сатиричен неделник Шарли Ебдо, каде животите ги изгубија дванаесет луѓе, од мароканскиот весник TelQuel ги пренесуваме најинтересните делови од интервјуто кое главниот уредник, денес покојниот Стефан Шарб Шарбоние, во сепември 2012 го даде на новинарката Фадви Ислах од тој весник. Го одбравме разговорот од кој е очигледно под какви притисоци работеле, каква била уредувачката политика на неделникот и вредностите за кои се залагале. Исто така, во интервјуто новинарката наведува низа тези кои токму деновиве се провлекуваат: провокативноста на сатирата, границите на слбодата на говорот, одговорноста за самото насилство... Тогашниот повод за интервјуто беше насловната страница на која неделникот преку карикатура на пророкот Мухамед се пресмета со филмот „Невиноста на муслиманите“ и поради тоа беше напаѓан.

Кажете ни нешто за насловната страница: кој и како дојде до таа идеја? Дали сите во редакцијата се согласија со неа?

Насловната страница настана како одговор на актуелните настани. Ја искористивме сликата на пророкот Мухамед за да го исмееме филмот „Невиноста на муслиманите“, кој е монументално срање. Јас ја нацртав карикатурата. Како и секоја недела, се состанавме во редакцијата и нацртавме повеќе цртежи и ги закачивме на ѕидот. Попладне гласавме за насловна страница и ја избравме мојата карикатура која реферира на филмот „Недопирливи“.

Зошто?

Несомнено поради оптимизам. Во „Недопирливи“ два лика од дијаметрално спротивно милје на крајот се договараат и засакуваат. На цртежот муслиманот е прикажан во количка која ја турка Евреин. Така што тоа е и своевидна порака за мир: радо би сакале муслиманите и Евреите најпосле да се засакаат и да можат да се смеат самите на себе, на своите мани, односите меѓу нив да бидат помалку напнати. Но, иако сме оптимисти и понатаму сме луцидни. Оттука облачето „Забрането исмејување“ покрај ликовите, што алудира на неволноста на двете заедници да се шегуваат на своја сметка. Впрочем, нивната реакција не требаше да се чека долго: CRIF (Претставничкото здружение на еврејските инстутиции во Франција) го осуди бројот, а Француското здружение на муслиманскиот култ размислува за тужба.

Не се плашите ли дека ќе бидете нападнати или дека редакцијата на Шарли Ебдо повторно ќе биде запалена, како минатата година по аферата „Шеријат Ебдо“? Дали добивте закани?

Добивме многу мејлови, повици, навредливи писма, главно од бесни муслимани кои детално објаснуваат зошто, според нив, не треба да се исмејува исламот или Пророкот... Но само едно писмо содржеше смртна закана.

Се плашите ли за својата безбедност?

Веќе една година сум под полициска заштита, од аферата „Шеријат Ебдо“. Но, не се плашам од одмазда. Немам деца, жена, автомобил, кредит. Можеби звучи арогантно, но попрво би умрел стоејќи, отколку да живеам на колена.

Дали добивте и пораки за поддршка? Од политичари, уметници?

Да, и тоа ни годи. Добив илјадници трогателни мејлови за поддршка, од кои посебно ме трогнуваат оние од муслиманските земји. Што се однесува до јавните лица, реакциите се различни. За разлика од лани и „Шеријат Ебдо“, оваа година познатите се колебаат официјално да нè поддржат. Малку по примерот на министрите, кои не можат да се согласат околу ставот кој треба да го заземат: Жан-Марк Ајро и Лоран Фабиус (тогаш премиер и министер за надворешни работи) изразија негодување, додека Мануел Валс (тогаш министер за внатрешни работи, денес премиер) нè бранеше во име на слободата на говорот.

Сепак, повеќето дипломати и власти, иако од левицата, имаат иста линија на одбрана: „Жал ни е, тоа е провокација...“ Како го објаснувате тоа?

Мислам дека денес во Франција постојат две левици: онаа која ги смета муслиманите за одговорни граѓани, способни да се шегуваат, да се дистанцираат и издигнат над нештата. И онаа која ги патронизира муслиманите сметајќи ги за жртви или чувствителни суштества, кои по секоја цена треба да се „заштитат“, а не шокираат. Тоа е случај со крајната левица и го сметам тоа за покровителство на муслиманската заедница. Што се однесува до мене, не треба да ги третираме муслиманите како деца.

Искрено, нели е лекоумно да се објави таа карикатура денес кога во арапскиот свет владее напнатост поради филмот „Невиноста на муслиманите“? Не мислите ли дека имате новинарска или барем граѓанска одговорност?

Единствената наша одговорност е да го почитуваме францускиот закон. Ние сме француско сатирично списание кое излегува во Франција и во некои франкофонски земји како Белгија. Не излегуваме во Мароко и муслиманските земји. Кога тоа би било случај, би ги почитувал локалните закони, патем обидувајќи се да ги унапредам. Во Франција нема цензура, секој може да ги изразува своите ставови како што сака. Впрочем, не присилуваме никого да нè чита, Шарли Ебдо се продава во киосците, содржината не се објавува на интернет страницата... Значи, читањето на списанието е доброволен чин, не се наметнува никому.

Каде се границите на слободата на говорот, а каде почнува провокацијата?

Тоа се граници на францускиот закон, кои главно се прилично јасни. Иако секогаш би можеле да тежнееме кон повеќе слобода. Освен тоа, правосудството е свесно дека ние сме сатирично спиание и ни суди во контекст на тој факт. Не сме терористи. Доказ за тоа е што победивме во постапката од 2007 кога ни се судеше поради насловната страница со Мухамед кој вели „Тешко е кога те сакаат кретени“.

Повикувајќи се на слободата на говорот играте на сигурно... Многу добро знаете дека по тоа прашање во Франција сте мирни. Во најлош случај ќе ве обвинат за безобѕирност или ќе ви речат дека сте избрале погрешен момент.

Но треба да можеме да играме на сигурно! Веќе 20 години цртаме и сите нè напаѓаат, медиумскиот притисок е максимален поради три несреќни цртежи кои се издадени во 75.000 цртежи! Не е потребно со топови да се оди на комарци како што сме ние.

Сеедно, дали сте свесни за последиците, најпрво за Французите кои живеат во муслиманските земји?

Ако почнеме да се занимаваме со дипломатија, повеќе нема да бидеме сатирично списание. Со оглед на застрашеноста околу нас, повеќе се плашиме од тоа дека ќе бидеме премногу внимателни и разумни. Знаете, кога екстремистите бараат изговор да го оправдаат своето насилство, секогаш наоѓаат. Не чувствувам дека сум убил или загрозил некого со моето пенкало. (...) Овде исмеваме еден беден филм и реакциите на екстремистите на сите страни, а нè обвинуваат дека долеваме масло на огнот.

Но, замислете утре во Мароко или некоја друга муслиманска земја да експлодираат француски училишта. Дали би спиеле со мирна совест?

Не би спиел ништо помирно отколку кога експлодираат бомби во Авганистан. Но не би се чувствувал одговорно, зашто тоа би значело дека сум одговорен за тероризам. Но јас имам пенкало, а не оружје!

Како да се носиме со ова, ние, кои секојдневно се бориме за зачувување на индивидуалните слободи, соочени со порастот на исламизмот, ние кои го браниме секуларизмот во земји како Мароко или Тунис?

Гнасно е тоа што оние кои ѝ се закануваат на слободата на говор ги земаат за пример нашите карикатури за да речат: „Гледате што носи премногу слобода, повеќе ништо не се почитува...“ Не можам никого ништо да советувам. Секоја земја е специфична и мислам дека секој треба да го најде својот пат. Не можеме да го наметнуваме францускиот модел на слобода на изразување. Би излегло дека Французите сакаат да го наметнат хуморот или ставовите на Мароко, како што САД сака да наметне демократија во Авганистан.

Во моментов кревате многу прашина. Не е ли и тоа мотивација за вашиот чин? Реклами, медиумски удар...

Сега звучите како бројни новинари им медиуми, кои сакаат интервју со нас, а нè третираат како опортунисти кога ќе одговориме. Францускиот неделник Le Point жестоко нè критикува, патем објавувајќи ги нашите карикатури на својата интернет страница. Тогаш, кој профитира од „прашината“?

Сепак, ќе се согласите дека ова не е прв пат да објавите карикатура на пророкот Мухамед. Не станува ли тука збор по малку за опседнатост?

Оние кои го тврдат тоа не го читаат Шарли Ебдо. Од 1.058 броеви, само три насловни страници се со Мухамед. Секоја недела ги браниме илегалците, меѓу кои има многу муслимани, се бориме против расизмот и дискриминацијата, се залагаме за имигрантско право на глас... Лично бев против законот кој забранува носење превез. Но медиумите никогаш не зборуваат за „Шарли Ебдо“ во тој контекст, кој главно е наклонет на муслиманите.

Мароканците, како и повеќето муслимани, ја сметаат вашата политика за исламофобична. Што мислите за тоа?

Ми пречи зборот исламофоб: тоа буквално значи страв од исламот. Јас сум атеист и не се плашам од муслиманската религија, туку од екстремистите од истата вероисповед. Ниту ги мразам, ниту ги сакам религиите, ги отфрлам и никогаш нема да бидам религиозен. Не сум исламофоб, како што не сум ни јудеофоб, катофоб или будистофоб.

Сметате ли дека Мароканецот, муслиман, кој е шокиран од вашите карикатури, поради тоа е екстремист?

Не, никако. Муслиманите можат да протестираат, тоа е нивно право, и тоа го сметам за здраво. И јас еднаш бев шокиран од сознанието дека еден имам држи антисемитски проповеди во париска џамија. Не го нападнав поради тоа. Би требало да им се дозволи на муслиманите кои се чувстуваат навредни од ова да протестираат, да го изразат своето негодување. Тоа е исто така слобода на говорот. Додека тоа се одвива „мирно“, немам проблем со тоа. Особено не треба да се мешаат со раздразнетото малцинство кое се буни не знаејќи ни кои сме и не гледајќи ги нашите цртежи, бидејќи тоа само ќе му оди во прилог на Националниот фронт.

Токму така. Ве поддржува Марин Ле Пен. Ви пречи ли поддршката од екстремната десница?

Ужасно ми пречи, посебно поради неа. Се служи со оваа приказна за да удира по имигрантите, а не за да ја брани слбоодата на печатот. Гротескна е. Ме брани, а ме подложи на полициско испитување зашто не ѝ се допадна нејзината карикатура. Значи, можеме да се шегуваме со пророкот, но не и со Марина? Тоа е смешно.

Ве обвинуваат за двојни аршини, дека повеќе се нафрлате на исламот отколку на останатите религии.

Повторувам, оние кои го мислат тоа не го читаат Шарли Ебдо. Редовно ги исмеваме маните на католиците и Евреите. Пред две години, за време на полемиката за доушникот во Ватикан, го нацртав Папата (кој за католиците сепак е претставник или гласноговорник на Бога на земјата) како содомизира кртица. Тоа не крена толку врева. Впрочем, ако зборуваме статистички, многу почесто „удираме“ по католиците отколку по муслиманите. А во 1.058 броеви имавме само четири судски постапки со католички здруженија.

Имате ли порака за Мароканците, од кои повеќето се муслимани и се чувствуваат навредени?

Порака до сите кои се чувствуваат навредени во својата вера: тоа не се однесуваше на вас. Ако се шокирани, нека протестираат, но мирно. Не сум задоен со клишеа за исламот дури ни кога се работи за салафистите, знам дека не се сите разбеснети лудаци (иако поради тоа не ги бранам). Освен тоа, имам потреба да им кажам да направат сатирично списание и да ни вратат мило за драго! Исмејувајте ги атеистите, потсмевајте ни се!

Извор: TelQuel / pogledaj.to