1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Скопје, 10 јануари 2015
Реформите во образованието синоќа во 3 часот по полноќ поминаа во Собраниската комисија, а најмногу внимание во јавноста предизвика усвоениот амандман за отворање работни кампови за професорите и студентите.
Според новиот Закон за образование, професорите кои во текот на две години нема да објават 14 трудови во списанија со импакт фактор, ќе бидат испратени на општествено корисна и патриотска работа во работни кампови специјално отворени за таа намена.
На мрзливите професори друштво ќе им прават и студентите кои нема да го положат државниот испит ниту од третиот обид, како и сите за кои ќе биде утврдено дека учествувале во активностите на Студентскиот пленум.
„Планираме некој од постоечките студентски домови да го претвориме во работен камп, бидејќи таму условите се најсоодветни за таа намена. Според нашите сознанија, многу студенти ќе го загубат правото на сместување во студентски дом поради учество на протестите, па веднаш ќе бидат препратени во работниот камп. Сè е испланирано и за сè постојат точни пресметки“, изјави премиерот Груевски.
Министерот за образование Абдулаќим Адеми не сакаше да открие многу информации околу природата на општествено корисната работа што ќе ја извршуваат професорите и студентите во камповите, но на крајот не издржа и откри еден детаљ:
„Во последно време, рачно изработените дипломи и дипломите издадени под рака се вистински хит на образовното пазарче. Студентите и професорите кои нема да ги задоволат критериумите од новиот закон ќе бидат задолжени за нивна изработка. Некои работни кампови ќе бидат извозно ориентирани, на пример, кон Тирана“, појасни Адеми.
Одговорни за надзор на работата во камповите ќе бидат Тања Каракамишева и Ивица Боцевски, а за безбедноста ќе се погрижи агенцијата СГС. Правилата вклучуваат и забрана за употреба на зборот автономија, а при секоја посета на магистерот Груевски, во чиј ум е собрано сето знаење на универзумот, казнетите во кампот ќе треба да отпоздравуваат со „науката ослободуе“.
Слика: Свирачиња