Цар

14.04.2009 10:46
Car-Naslovna.png

 

за актуелната политичка ситуација во РМ

Збигњев Херберт
 
Си беше еднаш еден цар. Имаше жолти очи и граблива челуст. Живееше во дворец полн со мермер и полицајци. Сам. Ноќе се будеше и врескаше. Никој не го сакаше. Тој најмногу ги сакаше ловот и теророт. Но се фотографираше со деца, среде цвеќиња. Кога умре, никој не смееше да ги тргне неговите портрети. Погледнете, можеби и кај вас дома има негова маска.
 
РУСКА БАЈКА
Остаре баќушка царот, остаре. Не можеше веќе ни гулапче со свои раце да задави. Седеше на златниот студен престол. Само брадата му растеше до подот и подолу.
цртежи: Ruth GwilyВладееше тогаш некој друг, не се знае кој. Љубопитниот народ ѕиркаше низ прозорец во дворецот, но Кривоносов го затскри прозорецот со бесилка. И така само обесените гледаа понешто.
Најпосле баќушка царот сосема умре. Камбаните удираа, но телото не го изнесоа. Царот беше зараснал со престолот. Нозете на престолот се измешале со царските нозе. Раката зараснала со дршката. Не можеа да го одлепат. А да го закопаат царот сосе престолот – штета.
 
КЛАСИК
Големо дрвено уво затнато со бубаќ и со тривијалностите на Цицерон. Прекрасен стилист – велат сите. Денес веќе никој не пишува толку долги реченици. И каква ерудиција. Дури и камен може да прочита. Само што никогаш нема да се досети дека жиличките во мермерот вграден во Диоклецијановата бања се напукнатите крвни садови на робовите во каменоломите.
 
КОКОШКА
Кокошката е најдобар пример за тоа кон што води долгото живеење со луѓето. Потполна ја изгубила птичјата леснотија и шарм. Опашката и’ стрчи над големиот задник како преголема шапка која зборува за лошиот вкус. Нејзините ретки мигови на занес, кога стои на една нога и ги покрива очите со збрчканите капаци, се потресно одвратни. А згора на тоа, онаа пародија на пеење, подзаклано поење над нешто бескрајно смешно: над тркалезното, бело, изгнасено јајце.
Кокошката личи на некои поети.
 
ЅИД
Стоиме пред ѕидот. Младоста ни е соблечена како на осудениците кошулата. Десет, дваесет години поминуваат пред угоениот куршум да ни јавне на вратот. Ѕидот е висок и цврст. Зад ѕидот има дрво и ѕвезда. Дрвото со корењата го подрива ѕидот. Ѕвездата како глушец го нагризува каменот. По сто, двесте години во него ќе има мало пенџерче.
 
 
ПОНОРОТ НА ГОСПОДИНОТ КОГИТО
 
Дома е секогаш побезбедно
 
но веднаш пред прагот
кога наутро Господинот Когито
излегува на прошетка
наидува на – понор
 
не е тоа понорот на Паскал
не е тоа понорот на Достоевски
тоа е понор
по мерка на Господинот Когито
 
неговата посебна одлика
не е ни бездната
ни будење на ужасот
 
се влече по него како сенка
застанува пред фурната
во паркот преку рамото на господинот Когито
чита весници со него
 
напорен како егзема
верен како пес
премногу плиток за да ги голтне
главата раката и нозете
 
еднаш можеби
понорот ќе порасне
понорот ќе созрее
и ќе биде сериозен
 
кога само би се знаело
каква вода пие
со какво зрно да се храни
 
сега
Господинот Когито
би можел да собере малку песок
и да го затрупа
но не го прави тоа
 
туку
кога се враќа дома
го остава понорот
на прагот
внимателно покривајќи го
со парче старо чергиче
 
 
Збгигњев Херберт, полски поет, роден 1924 година во Лавов (денес во Украина), починал 1998 година во Варшава. Наместо биографија, ќе наведам дел од неговата песна „Господинот Когито - Враќање“:
 
Господинот Когито
одлучи да се врати
во камената прегратка
на татковината
одлуката е драматична
горко ќе се покае
 
Во двете негови најмоќни поетски збирки, кои содржат некои од најмоќните песни напишани на полски јазик, се појавува неговиот „јунак“, Господинот Когито. Тоа се „Господинот Когито“ (1974) и „Извештај од опседнатиот град“ (1983). Втората збирка е реакција на прогласувањето воена состојба во Полска.
Кога го запрашале дали верува во функцијата на поезијата во современиот свет, Херберт одговорил: „Кога не би верувал, би ја изгубил работата. Би морал да престанам да пишувам.“
 
превод:
Владе Милчин
 
цртежи: Ruth Gwily

 

ОкоБоли главаВицФото