1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Насловов е една од најпознатите реплики на Роберт де Ниро во култниот филм „Таксист“ од режисерот Мартин Скорсезе, снимен пред речиси 40 години. Помладите ќе ги потсетам дека се работи за сцена во која виетнамскиот ветеран, Тревис Бикл (Де Ниро), кој вози такси во ноќна смена, гледајќи се во огледалото, импровизира конфронтација со замислен противник. Целта е да го извади пиштолот од ракавот и да го испразни во виртуелниот непријател. „Мене ми зборуваш?“, неколку пати Де Ниро го прашува својот лик во огледалото со смртно сериозен израз на лицето и арогантен поглед, лежерно осврнувајќи се наназад, небаре замислениот провокатор му се обраќа на некој друг кој стои зад него. Оваа прашална реченица не е непозната и во нашата култура на живеење и секогаш, без исклучок, се врзува со конфликтни ситуации како вовед за пресметка. Затоа ќе ја употребам и јас во мојата реална конфронтација и конечна пресметка со власта. Со таа мала разлика, што мене не ми треба огледало за да го видам она што го гледам.
И затоа:
Мене ми зборувате за вашите искрени намери да го подобрите квалитетот на образованието? Вие, кои формиравте повеќе од 20 универзитети со преку 100 факултети? Вие, кои имавте мегаломанска визија да создадете дисперзирани студии на секоја втора бандера и да формирате најмногу високообразовни установи на квадратен метар во светот? Вие, кои немате три чисти да признаете дека уништивте генерации млади луѓе со вашите „креации“ за факултетски дипломи по секоја цена?
Мене ми зборувате за државниот испит со коj двократно ќе ги проверувате студентите и последипломците? Вие, кои технократски ја преобликува(в)те мојата земја во безлична коцка на безидејност и беспеrспективност, знаете ли што значи студирање? Вие, кои сè уште живеете со средновековните критериуми дека учењето е просто меморирање и како такво треба, може и мора да се проверува, тестира и мери на кантар како на Зелен пазар во Скопје? Вие, кои поим немате дека студирањето, пред сè, подразбира комплекс на програми и активности со кои треба да се создаде личност способна да владее со знаења и вештини неопходни за неговата струка?
Мене ми зборувате за мрзливите професори кои се бунтуваат против вас, затоа што се загрижени за своите кариери, бидејќи нивните научно-истражувачки дострели стигаат до Врање? Вие, кои доколку ги прочитавте барем првите 20 имиња на професори потпишани на петицијата испратена до вас, ќе се засрамевте и преку ушите ќе се покриевте со вашиот „импакт“ фактор?
Мене ми зборувате за демократски процедури? Вие, кои носите закони за високо образование, фингирајќи дебата со универзитетите на кои им дадовте два дена за изјаснување? Вие, чиј министер за образование прво тврдеше дека законот е во нацрт-фаза, за три дена подоцна да го усвоите на Влада и да го поминете на прво читање во Собранието? Вие, чиј премиер каубојски упаѓа на прес-конференција на Професорскиот пленум со покана за дебата за веќе донесен закон? Вие, чиј премиер се дрзнува да му држи лекции и како мало дете да го кара ректорот на најстариот и најпознатиот универзитет во мојата држава?
Мене ми зборувате дека ние, професорите, студентите и сите слободни и слободномислечки луѓе во мојата држава (кои фала Богу, ги има сè повеќе) сме продолжена рака на партиската опозиција и на странските разузнувачки служби? Вие, кои државата која ја претворивте во партија, а партијата во држава, сосе Парламентот, судовите и медиумите? Вие, кои го нападнавте мојот роден град деформирајќи го до карикатуралност согласно вашата партиска историја? За која странска разузнувачка служба работите вие, со тоа што упорно и вулгарно ја оддалечувате мојата земја од Европа и европските вредности?
Мене ми зборувате дека го почитувате Уставот? Вие, кои безобразно и безобѕирно атакувате врз автономијата на универзитетите? Вие, чиј главен модус е стихијата, чија единствена тактика е заплашувањето и чија најпрепознатлива стратегија е популизмот?
Мене ми зборувате?
You talkin’ to me?
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња