Последниот колегиум

12.01.2015 03:23
Последниот колегиум

Изливите на солидарност и слободоумие, концентрирани во лозунгот „И јас сум Шарли“, со кој живееме деновиве, неизбежно ме потсетија на настаните во А1 телевизија во зимата 2010-2011 година и на паролата „И јас сум А1“. Сѐ уште како реликвија чувам една блуза на која е отпечатена таа реченица. Прексиноќа ја облеков и ја постирав на Фејсбук. И потоа се потсетив што пишував јас во тие критични денови, а што пишуваа моите колеги. Се разбира, како што налага пристојноста, овој пат ќе цитирам само делови од две мои колумни, очигледно напишани во еден здив, со многу емоции, кои веројатно го намалуваат нужното ниво на објективност. Но, во овие моменти на возбуда, што неизбежно ја предизвикува трагедијата во Париз, мојата намера и не е да ги анализирам причините и процесите што доведоа до пропаста на нашата прва независна телевизија. За тоа во некоја друга прилика. Овој пат сум решен да ѝ се препуштам на приказната чии актери бевме и на поуките за кои се надевам дека ги извлековме.

На 24 ноември 2010 година, во колумна со наслов „Хроника на едно најавено убиство на слободата“, пишувам: „Апсењето на сопственикот на А1 телевизија и на дваесетина други луѓе од Перо Наков б.б., е финале на обидот на власта да ги заплаши новинарите на критички настроените медиуми, да ја уцени нашата слобода на говор, да ги окова во лисици нашите срца. Им порачуваме на властодршците дека нема да успеат во тоа – нашите пера нема да отапат, јавната сцена нема да им ја препуштиме на латасовци и на керимовци“. Уште еден цитат од тој текст: „Ние уште тогаш рековме дека власта се обидува да ги заплаши новинарите... Многу наши колеги од конкурентските медиуми одбиваа да поверуваат во тоа. Многу од нив и сега ќе продолжат да пишуваат со ситна злоба и со очи широко затворени“.

И токму тоа се случи. Нашите колеги се потрудија да нѐ прикажат како апологети на криминалот, или во најдобар случај, на жртви на „кванташко-медиумскиот политички пазар“, на кој „новинарството не вреди колку пакет замрзнати батаци“. Да бидам искрен, понесени од жарот на битката, не бевме и ние нежни – разбирливо, побогу, ги браневме своето гнездо и својата слободичка, опкружени со полиција, под канонада на жестоки закани и секојдневни шиканирања. Но, дури и во тие најтешки моменти, во таа за мене значајна колумна, јас сѐ уште имав слобода својот газда да го опишам како „човек како и секој друг, со многу доблести и маани, 'пиљар' и визионер, ни подобар ни полош од другите македонски медиумски тајкуни, можеби само поагресивен во своите во основа добри намери“. Моите колеги со кои тогаш полемизирав, за своите газди не смееја да писнат. За батаците везеа, за шишето молчеа. Подоцна некои дури и ги оправдуваа тајкуните кога гаснеа медиуми и кога бркаа новинари. Прочитавме дури и јавно сведоштво за тоа како именувањето уредници се договарало во кабинетот на Груевски. Но, од сето тоа тогаш беше поважно да се направи „разлика“ меѓу нас, кои таа зима бевме под опсада на полицијата, и нив, кои беа под опсада на своите корумпирани газди што му слугуваа на режимот.

Во една друга колумна, под наслов „За вистината се работи, драги колеги!“, се обидов да ги соочам моите тогашни и сегашни пријатели (важно е дека барем пријателството го сочувавме), со клучните факти за настаните. Пишував: „Новинарите на А1 и на весниците 'Шпиц', 'Време' и 'Коха е ре' знаат дека Велија Рамковски има многу фирми и бизниси. Токму како што новинарите на Сител, Канал 5, Алфа, Телма, 'Вечер', 'Нова Македонија' и на други медиуми знаат дека Љубисав Иванов - Ѕинго, Борис Стојменов, Штерјо Наков, Андреја Јосифовски, Бојо Андревски, Минчо Јорданов и слични имаат и други фирми и бизниси. Во тоа нема ништо нелегално, а ниту срамно. Напротив, станува збор за успешни бизнисмени и менаџери. Новинарите не се упатени во материјалното и финансиското работење на нивните фирми. А и зошто би биле? Дали колегите од Алфа мора да бидат експерти за шпедиција? Дали новинарите од Сител мора да знаат како се копа руда? Дали во 'Нова Македонија' топат челик и прават вино? Дали новинарите во тие редакции ги водат сметководствените работи на своите газди? Зошто новинарите на Перо Наков б.б. морало да знаат како Рамковски пакува смоки и сокови, кому ги продава, како му се викаат фирмите, чии се тие и што работат?“ И понатаму: „Новинарите на А1 и на весниците 'Шпиц', 'Време' и 'Коха е ре' знаат дека Велија Рамковски има лична политичка агенда. И новинарите на Сител знаат дека Ѕинго е претседател на СПМ. Стојменов е пратеник и лидер на партија. Срѓан Керим, главниот менаџер на изданијата на ВАЦ, има нескриени политички амбиции. И што сега? Да не е забрането тоа? Или само на Велија му е забрането?“ И ова: „Точно е дека во отворената програма на А1 телевизија продефилираа претставници на сите опозициски партии. И што со тоа? Кого очекуваа медиумските апологети на власта да видат во студиото на А1? Латас и Миленко? Мирка и Јанко? Бичиклиски? А1 критички ја опсервира македонската реалност и затоа е на удар. Природно е во одбрана на овој медиум да застанат опозицијата и критички настроените интелектуалци. Неприродно е новинарите од конкурентските медиуми да се стават под диригентската палка на Латас, само за да му се одмаздат на Рамковски“.

За жал, во тие денови вистината и солидарноста не беа на цена. Не се ни денеска, да си кажеме право, но погромите во новинарството што се случија подоцна, сепак, нѐ направија поблиски. Медиумите на Перо Наков беа затворени неколку месеци по апсењето. Веќе никој не гукна „И јас сум А1“. Дури и мојата блуза последен пат е испеглана во таа кобна 2011 година. Потоа режимот на Груевски се осили. Пред нашите очи гаснеа медиуми, новинари ја губеа слободата, а многумина останаа без работа. Новите донкихотовски медиумски проекти се соочија со жестоки притисоци, кои кулминираа со погибијата на Никола Младенов и со гаснењето на неговиот дневен „Фокус“. И тоа не е сѐ – нашата кристална ноќ продолжува, како оние бескрајни поларни ноќи на кои не им се гледа крајот.

И како што вели народот, секое зло за добро. Денеска се дружам и соработувам со некои од моите најжестоки критичари од деновите на погромот на А1 телевизија. Да ви кажам право, се чувствувам прекрасно поради тоа. Станува збор за одлични новинари, талентирани пера и врвни интелектуалци, кои ете, сепак не можеле предолго да издржат во медиумите под контрола на режимот. За нивна среќа и на мое задоволство, навреме се идентификувани како неподобни елементи. Ете, на нив им ја посветувам оваа моја фотографија. За да ги потсетам на моите очајнички апели и на пораката што им ја упатив таа зима: „Знам дека лагите, манипулациите и спиновите уште долго време ќе ѝ се спротивставуваат на вистината. Такви луѓе сме ние, себични, несолидарни, сеирџии. Не велам дека и јас сум многу поарен. Ама барем во себе имам расчистено една работа – дека мора да се трудам да станам подобар. А првиот чекор кон тоа е да се зборува вистината. Без оглед на сè“.

На крајот, ќе речете, па каква врска има трагедијата на „Шарли ебдо“ со оваа долга и речиси патетична тирада за настаните што се случија пред четири години? Не знам... Едноставно, не ми текнува подобар начин да ви кажам што научив во овие мачни години, скокајќи од еден во друг проект, од една во друга мисија, секогаш со илузијата дека носиме во душата некое жарче што не смее да згасне, да не би да се случи нешто страшно, да падне мрак безнадежен. Без таа приказна за А1, би можел просто да ви кажам дека после две децении уредникување и секојдневни борби, во кои поразите се многу побројни од победите, научив две важни работи.

Првата е дека човек не смее да биде на крај срце ако баш не сака да го стегне срце и ако има намера да си ги сочува пријателите. Втората работа е дека добриот уредник секој колегиум мора да го почне со мислата на сега покојниот Стефан Шарбоние, глодурот на парискиот сатиричен неделник: „Нашата работа не е да ја браниме слободата на говорот, туку без неа ние сме мртви. Ние не можеме да живееме во земја без слобода на говорот. Претпочитам да умрам, отколку да живеам како стаорец, да бидам замолчен“.

Стефан Шарбоние е убиен на уреднички колегиум. Како на филм! Да не бидам разбран погрешно, но ако човек може да ја избере смртта, би можело да се каже дека за еден новинар тоа е добра смрт. Ретките меѓу нас умираат од куршум, илјадници умираат секој ден од страв и од болни амбиции. Како и да е, дури и сега, кога сум малку заморен и напати обесхрабрен и нетолерантен, јас сум сигурен дека и мојот последен колегиум, кога и да се случи тој, ќе го почнам со мисла на двете нешта без кои вистинското новинарството не може – слободата и вистината.

Извор: Слободен печат