Бобок

12.01.2015 12:13
Бобок

Бобок

Изгледа дека е судено 2014 година да биде пресвртна во историјата на Русија. Постсоветската епоха која почна во 1991 година, сега го доживува својот крај, а оваа новата, која допрва треба да настапи, сè уште не доби име и сè уште не е јасно дали воопшто постои некаков општествено-политички термин кој би ѝ бил соодветен. Земјата со најголема територија на светот, најтешко можно вооружена, но лишена од сојузници и јасна идеологија, си дозволи на целиот свет да му фрли предизвик в лице и кршејќи ги сите пречки, самата да се елиминира себеси од меѓународниот правен систем. Предизвик, чисто емоционален и егзистенцијален – против сите, наспроти сè...

Се разбира, за тоа постојат и прагматични причини: корупција, бандитизам, злосторства, страв од распаѓање, „војната ќе отпише се“ и слично. Но, тој толку силен ентузијазам гордо и во самотија да се спротивстави на сите достигнати вредности на нашата цивилизација, никако не може да се објасни само со тие причини. А, потоа, тука е и привлечната можност да се отфрлат сите правила кои „ни ги наметнува Западот“, и најпосле, „суверено “, според нашата слободна волја, да ги живееме нашите животи. И, никакви закони веќе не важат за нас, ни Повелбата на ОН, ни системот на меѓудржавни договори, ни меѓународните обврски што ги преземавме претходно. Ние сме газди на нашата тајга. А, политиколозите, наместо да го земат в раце Достоевски и повторно внимателно да го прочитаат, едноставно, се искршија за да ни ја објаснат оваа радикална и сосема ирационална промена на нашиот курс. Во своите „Записи од подземјето“, Достоевски одамна негираше сè:

На пример, јас нималку нема да се зачудам ако одеднаш, сосема ненадејно, среде идниот разумен и трезвен живот, се појави некаков господин со не толку благородна, или подобро кажано, назадувачка и навредлива физиономија, и со потпрени раце на колковите, и на сите да им изјави: А, како би било, господа, таа разумна трезвеност, со цел сите тие логоритми да ги испратиме по ѓаволите, со еден удар на ногата, да ја турнеме во прашината и повторно да почнеме да живееме со својата глупава волја?

И, еве ја, таа нова епоха на „глупавата волја“ го започнува својот живот, епоха со секакви предизвици, а само заради една „најкорисна корист“ – најпосле, да се живее според сопствената волја, според својот каприц, па дури и тој да е најглупавиот, најбесмислениот. Колку што е поштетен каприцот за нас, толку е поостра сласта на предизвикот. Сите тие игри со егзистенцијата ја разгоруваат нашата крв и ни го поматуваат разумот. И, за некако да го спознаеме тоа, мораме да погледнеме не во општествено-политичкиот, туку во филозофскиот и психолошкиот речник. Затоа што, што е тоа егзистенција? Тоа е едноставно постоење кое не поддржува никаков закон, никаков аргумент или некаква суштина – голо постоење наспроти сè. Тоа е потполна спротивност на рационалното на Декарт „Мислам, значи постојам“. Според нашето, тоа е токму спротивното: „Постојам, значи го предизвикувам разумот“, или поостро: „Полудувам, значи постојам“.

Човекот може да посакува и против својата лична корист, а понекогаш тоа е и неминовно, бидејќи своеволното и слободно посакување, својот сопствен, макар и апсурден каприц, своите фантазии понекогаш разгорени до лудило, сето тоа всушност и е онаа премолчена, најкорисна корист која не се вклопува во никаква класификација и која вечно ги руши сите системи и теории на парчиња.

Ете зошто е тешко да се најде рационално објаснување за оваа најнова каприциозност на руската историја, со сите „одеднаш“ и „наспроти“. За тоа е неопходна егзистенцијална политикологија, дисциплина за која, дури и кога би била можна, не постои научна основа. Од каде доаѓа таа злоба, доведена до бела усвитеност и насочена кон целиот свет, кон сè што не е „наше“?

Пред сè, не смеат да се мешаат оние што мразат сè и мизантропите. Мизантропот е посебна личност која ги избегнува луѓето, човек кој нема високо мислење за луѓето, па ни за себе. Тоа е лош, но пасивен и страдалнички однос кон светот, однос кој произлегол од разбирањето на сите негови пороци и слабости. Напротив, оној што мрази сè има емоционален и агресивен однос кон светот, и тој чувствува злобно задоволство во перцепцијата на сите неволји и несреќи на овој свет. Оној што мрази сè, постојано се чувствува навреден и постојано сака да се осветува, а еден од првите и најмаркантни примери за таков вид луѓе е главниот јунак на приказните од подземјето, Фјодор Достоевски.

Кога ќе слушнете како телевизискиот водител ѝ се заканува на Америка дека ќе ја претвори во радиоактивна прашина или геополитичарот кој ја повикува руската армија да ја окупира цела Европа и над неа да ја воспостави власта на рускиот цар, може да се заклучи дека во светот постои нешто што е многу поопасно и од фашизмот и од комунизмот. Во споредба со фашизмот, таа идеологија е исто што и нуклеарното оружје во споредба со конвенционалното. Станува збор за пантофобија, болен страв од сè, од сите битија, нешта и настани, за тотална омраза не кон одредени општествени класи, народи или раси, туку кон светот како таков. Тоа е жед за апсолутна хегемонија, стремеж во целиот свет да се наметне сопствената волја која тој или ќе ја прифати, или нема да постои. Тоа е лудачка и ирационална идеја за неограничена власт на бандата што одлучила да ја постави нуклеарната цевка на слепоочницата на човештвото.

Константин Леонтјев своевремено рече: „Русија ќе го роди Антихристот“. Претходно се мислеше дека комунизмот се појавува во таков облик, но таа опасност помина. Можно е комунизмот да беше само предигра на оваа ужасна пантофобија која според зборовите на еден од нејзините лидери, планира „лукаво и немилосрдно есхатолошко освојување на власта над планетата“. Во катехезисот на Сојузот на Евроазиската младина пишува: „Ние, создавачите на империјата од најнов вид, не се согласуваме со ништо друго, туку власт над целиот свет. Ние сме господари на Земјата, ние сме деца и внуци на господарите на Земјата, обожувани од страна на цели народи и многу држави на планетата...“ Изборот е јасен. Ако човештвото не се согласи да стане кастинско и „евроазиско“, ќе ја заврши својата историја горејќи во нуклеарен оган. Претходно изгледаше дека тоа се само будалаштини на настраните романтичари, напишани во некакви евтини книги и брошури. Меѓутоа, главниот теоретичар на евроазиството, професор на таканаречената Академија на Генералштабот, веќе одамна ги воспитува своите „студенти“ токму во тој дух, така што нуклеарното оружје и разгорената мисла на некој безумник можат да станат партнери, и светот што го знаеме денес, лесно да го претворат во радиоактивна прашина.

Во делото на Достоевски, врската помеѓу егзистенцијата и омразата е мошне длабоко истражена. На пример, ова се зборовите со кои почнува книгата „Записи од подземјето“: Јас сум болен човек... Злобен. Несимпатичен. Не, господа, јас не сакам да се лекувам. За инает нема да се лекувам. Вие тоа сигурно не можете да го разберете. А, јас, видете, разбирам... Знам подобро од кого било дека на тој начин ќе си наштетам само себеси. Па, сепак, не се лекувам. Ете така, едноставно, од злоба.

Човекот од подземјето не сака да се лекува затоа што каква било осмислена, рационална или создавачка постапка во него предизвикува одвратност – сериозен напад на лутина и бес. А, кога станува збор за општествениот организам, кога тој ќе заболи одбива секакво лекување, затоа што неговата омраза, меѓу другото, е насочена и кон самото здравје. Борбата за враќање во живот, за здрава економија, здрава држава, умен парламент, слободни избори – за болното општество сето тоа е исто како и признавањето на сопствениот пораз. А, ако дошло веќе дотаму и мора да се умре, значи дека и самата смрт е во право. Кога би бил во дилема дали да пропадне светот или јас да не пијам чај, би рекол нека пропадне светот, а јас и понатаму ќе го пијам својот чај! Човекот од подземјето одлично знае дека и тој ќе пропадне заедно со својот чајник и шолјата чај што ја пие, но тој сепак му дава предност на својот чај, а не на спасувањето на светот.

Помеѓу два настани од оваа година, односно помеѓу свеченото затворање на Олимпијадата во Сочи на 23 февруари и објавувањето на референдумот за идната судбина на Крим на 27 февруари, поминаа вкупно четири дена. И, само тие четири дена беа доволни за да се помести оската на руската историја. Токму за тоа изненадно прозборуваа и моите студенти на курсот за Достоевски. „Неверојатно!“ – рече Марк – „Толку пари беа вложени во Олимпијадата, толку години беа потрошени за да му се претставиме на целиот свет во најдобро светло. И, успеавме во сето тоа. Кога, одеднаш, со еден замав фрливме сè во ветер, целиот морален и политички капитал од кој уште долга низа години можевме мирно да живееме. Но, не, со еден потег го исплашивме целиот свет, оттурнавме сè од себе.“

Ми се причини дека овие мисли можат да бидат искористени за педагошки цели, и, имајќи ја предвид темата на нашиот курс, запрашав: „Дали тоа што го зборувате ве потсетува на нешто за што пишуваше Достоевски?“ Марк малку се замисли, а потоа брзо одговори: „Настасја Филиповна! (Идиот) Таа фрла цели сто илјади рубљи во оган. Зошто? Затоа што е горда. Затоа што никогаш не се кае и не жали за ништо. Смелост, пред сè.“

Потоа, се јавува мојата студентка Ана: „Како Грушењка (Браќа Карамазови). Толку убава, толку згодна и дотерана – веднаш да се заљубиш! Но, таа вели дека за момент ќе фрли сè од себе и како просјак ќе тргне да талка по улиците. Дали тоа не е истиот вид хистерија што ја среќаваме и кај Настасја?“

Тогаш и јас се замислив. Повеќето експерти се сложуваат дека со анексијата на Крим, Русија губи повеќе отколку што добива. Таа ја губи Украина, го губи пристапот со светските финансиски пазари, губи инвестиции, ги губи довербата и економската стабилност. Го губи своето место во светската заедница. А, правејќи преседан врз чија основа станува можно и други територии во составот на Руската Федерација да побараат некаков свој суверенитет, таа потенцијално се губи и самата себеси. Како воопшто е можно да се избере толку неповолна размена?

А, можеби сето тоа и нема врска со стекнувањето на Крим? Можеби се работи за грандиозно самоволие со кое се мери грандиозноста на загубата? Зошто Настасја Филиповна фрла цело богатство во оган? Зошто со еден жесток потег се откажува од сето тоа што ја опкружува, високото друштво на кое веќе му припаѓа, кнезот Мишкин, неговата возвишена љубов и неговиот имот вреден милиони рубљи? Веројатно не го прави сето тоа само заради дивиот и избувлив Рогожин? Не, Рогожин не ѝ е нужен. Сетоа тоа ѝ треба само за да си покаже себеси, на сите и самата на себе да си потврди дека е способна да ги отфрли сите условености, да ги прегази сите граници. Намерата не била да се стекне што било, туку да се изгуби, со широк гест на светот да му се фрли в лице сето тоа што е постигнато, вклучувајќи ја и олимписката слава. Не, економистите и политиколозите сигурно нема да се снајдат со тоа. За тоа е неопходен Достоевски.

Руската историја веќе познава еден таков егзистенцијален предизвик, дрско фрлен во лицето на целиот свет и сите закони на цивилизацијата. Но, тогаш, таа фантазија, беше запалена „дури до лудило“, беше облечена во псевдорационална и научна униформа, во дијалектички материјализам, класна борба, социјалистичка револуција, диктатура на пролетаријатот... Беа потребни неколку десетици години за да се покаже целата фантазмагоричност на овој проект зад кој стоеше тврдоглавата волја за власт: да се живее поинаку од останатите, да се испратат по ѓаволите диктатот на здравата мисла и економската логика, а на нивното место да се постави диктатура на чисто самоволие. Но, халуцинацијата на „историскиот дијалектички материјализам“ изгледаше вистинито до таа мера, што успеа да наговори речиси половина од човештвото да тргне по патот на изградбата на „научниот комунизам“. Тогаш, сè уште се веруваше во идеалите на интернационализмот, братството, слободата, еднаквоста и на тие идеали им се принесуваа навистина големи жртви. Со текот на времето стануваше сè појасно дека овој голем историски пресврт не го движат идеалите, туку злобата и омразата на едните, и стравот и малодушноста на другите. Михаил Прившин, суптилен набљудувач на таа епоха, во својот Дневник во 1930 година, го напиша следното:

24 јануари. Секој, барем и малку совесен човек, денес ќе се згрози од мислата која секојдневно грубо му се наметнува: најневеројатни злосторства, лаги, најдрски измами, систематско насилство над човечката личност, не само што сето тоа може да остане неказнето, туку дури и може да се користи како сосема задоволувачки двигател на историјата, лост на иднината.

Омразата како двигател на историјата... При што, како што сведочи Прившин, најлутата омраза ја предизвикуваат токму оние кои од рационален аспект му се најкорисни на општеството.

6 февруари. Кулаци. Долго време не можев да разберам од каде доаѓа таа толку жестока омраза и хајка насочена кон кулаците, и тоа во време кога државната власт речиси сосема го уништи целиот нивен имот. А, сега, причината за омразата ми е сосема јасна. Сето тоа се талентирани луѓе, единствени вистински организатори на претходното производство, луѓе на кои дури и денес, по 12 години, во значителна мера треба да им бидеме благодарни што воопшто сме живи.

Ако наместо кулаци напишеме „креативна класа“, ќе добиеме прецизна слика за омразата која денешната пропаганда ја шири против таканаречените „припадници на средната класа“. Во Русија не ја сакаат средината. Богатите и моќните, сакале или не, ги почитуваат, а сиромашните и слабите, ги презираат. Од нив и онака ништо не може да се земе. Вечна омраза на остро поларизираното општество кон каков било центризам.

Но, постои и една огромна разлика. Тогаш, таа магма на општонародната злоба се насочуваше кон специјално поставените идеолошки колосеци. На дело беше имитација на научниот поглед на светот, се пропагираа „напредни идеали“ и злобата се разгоруваше во име на повисоки цели – ослободување на работниот човек и изградба на ново царство на изболиството. Денес веќе не е потребен никаков мотив. Денес емоциите се сосема доволни. Злобата е исчистена од сите примеси и директно се насочува на блискиот и братски народ. Тоа е нов, навистина радикален експеримент за сублимација на злобата. Злобата денес добива нов вкус, нова состојба на сладострастие воодушевена од голата омраза.

Во познатиот расказ на Достоевски, веќе долго поднапиениот Иван Иванович лута по гробиштата и ги слуша разговорите на покојниците. Свеста не ги напушта веднаш закопаните, туку постепено. На нив им се дадени неколку недели или месеци на располагање за да се покајат и да ги смислат своите нови животи. Но, за нив, истовремено, тоа е и момент на среќа, час на потполно ослободување од сите морални стеги.

Ѓавол да ги носи, овие наши гробови сепак нешто значат! Сега сите, не срамејќи се веќе од ништо, на глас можеме да ги раскажеме своите приказни... Таму горе бевме врзани со гнили јажиња. А, сега, сега сме најпосле слободни. Долу стегите! Долу јажињата! Да ги поминеме овие два месеци капејќи се во нашата срамна вистина! Да се отвориме докрај! Да се разголиме!

- Да се разголиме, да се разголиме! – и останатите викнаа на цел глас.

Над гробиштата се издигнува густа смрдеа од испарувањето, не телесното, туку она што го создава процесот на гниење на душата. И, среде тој „празник на мртвите“, некаде на гробиштата нејасно се слуша чуден, според смислата, тешко разбирлив збор – „бобок“.

Всушност, тоа и не се гласови, туку нешто што се тркала насекаде околу гробиштата: „Бобок... бобок... бобок!“ Што ли е тоа бобок?

Така се вика и расказот – „Бобок“, но значењето на тој збор до самиот крај останува неразјаснето. Тоа дури и не е збор. Тоа е некакво мрморење, тивко липање, звук на умирање, но со тенок пламен на душата која сè уште тлее.

На пример, има еден овде кој е речиси сосема изгниен, но тој сè уште, еднаш во шест недели, мрмори еден единствен нејасен и бесмислен збор: бобок, бобок...

Токму тој збор „бобок“ би можел да послужи за означување на епохата што настапува и да ја исполни создадената празнина во општествено-политичката терминологија. Целата публицистика, геополитика, целата законодавна активност која секојдневно се проповеда во нашата земја и предизвикува сеопшти напади на ентузијазам, сето тоа според својата суштина е токму тој „бобок“ – распрснувачки меур, последниот здив на умирачкиот организам на историјата.

„Бобок“, тоа е специфичен стил на времето, како декаденцијата од крајот на 19 век или авангардата во периодот од 1910 до 1920 година. Тој збор-звук, тоа е повик на последната бесрамност, повик на општа седозволеност, затоа што смртта и онака ќе отпише сè. Може да се напише цел трактат за фонетиката и семантиката на овој загадочен збор. Кај Хлебников, сличното звучење е поврзано со бришењето на усните (губ): „Бобэоби пелись губы“. Повторувањето на согласката „б“, поврзано со отворените самогласки „а“ и „о“ им дава значење на заканата, насилството, смртта, празнината. Веднаш во сеќавањето ни се јавува злобниот Бабај со кој веќе со векови ги плашат децата и глаголот „бабахать“ - удира, лупа, грми. И во стиховите на Мандељштам, во „Живееме, а нашата земја под нас не ја чувствуваме...“, остро зазвучи исто толку нејасниот и ништо помалку изразениот глагол „бабачит“:

Кто свистит, кто мяучит, кто хнычет,

Он один лишь бабачит и тычет“

Јосиф Бродски ја напиша песната „Погребот на Бобо“, а тоа нејасно име, потоа, самиот го објасни вака: „Бобо – тоа е апсолутно ништо“.

Достоевски се гордееше со тоа што во рускиот јазик воведе нов глагол „стушеваться“, односно, незабележано да се исчезне. Но, „бобок“ е многу поважен збор за Русија денес. Тоа е (напротив) знак за громогласно исчезнување, бучен предсмртен здив.

Денес, нашата земја е замрена и само благодарение на инерцијата во неа, многу нешта функционираат некако. Длабоко во себе, таа е напрегната до крајности, разгневена до крајни граници. „Русија од сите страни е опкружена со непријатели“ (Димитри Медведев). Во досегашната историја на човештвото таа постигна ненадминлив рекорд: најголемата земја на светот за само неколку месеци успеа да се окружи себеси со непријатели. Одличен пример за проекција на тотална омраза. Тоа што денес се прави во знак на солидарност со носителот на досега недоделената награда за „зло на годината“, всушност е и тој бобок. Бобок-пропаганда, бобок-публицистика, бобок-литература, бобок-метафизика... Бобок е во состојба да извршува многу професионални должности, да презема многу облици, дури и да користи убави манири. Бобок-политичарот сака по пат на „окупација“ на соседниот народ да му ја земе земјата и така милиони луѓе да испрати на небото. Бобок-професорот ги изразува своите желби уште подиректно. Користејќи го својот професорски авторитет, тој е способен да изгради и ваков научен принцип: „Да се убива, да се убива и да се убива. Тука веќе не смее да има никаква дискусија. Тоа ви го зборувам јас како професор.“

Поминатиот пат во последниот четврт век може да се означи како пат од хомо совиетикус – кон бобок (от совка – к бобку) и веднаш треба да се напомене дека разликата меѓу нив е мошне значајна. Совиетикусот беше дрско и грубо битие, но често наивно и глупаво. Во неговите уши сè уште одѕвонуваше одекот на честите убедувања и ветувања за еднаквоста, братството и убавата иднина. Преку неговата потсвест сè уште се провлекуваа некакви историски, филозофски и морални апстракции кои понекогаш му даваа трошка добродушност и опуштеност, дури, во зависност од можноста, остри борби за животните интереси. Тој не беше подготвен да пљачкосува сè по ред без прашање. Тој беше малку помирен, поблаг, малку поурамнотежен и сè до 2014 година, сметаше дека во животот постојат и некакви други принципи освен неговите.

Бобок е лишен од сите принципи и каква било историска перспектива. Кај него важи само едно право, за кое во „Зли духови“ Пјотр Верховенски му зборува на Ставрогин: „Во суштина, нашето учење е негирање на честа и отворено поддржување на правото на бесчестие, право со кое рускиот човек најлесно може да се придобие“. Ставрогин одговара: „Право на бесчестие – сите веднаш ќе побрзаат да ни се придружат. Никој нема да остане од другата страна“. А, со ова право, бобок се користи до самозаборав. Се сеќавате ли на августовската парада на заробениците во Доњецк, бедниот римејк на московската „Парада на поразените“ од 1944 година? Затоа што колона заробени Украинци со наведнати глави поминаа покрај собраните граѓани, по нив поминаа чистачите на улици и темелно го измија асфалтот. А, репортерот на руската телевизија, во транс ги известуваше гледачите: „Браво! Браво! Ова е за секаква пофалба! Исперете ги смрдливите траги од нашата земја, кои зад себе ги оставија фашистичките штетници.“

Хомо совиетикус, без оглед на своите повремени испади и „палавости“, во својата наивна простодушност сметал дека целиот космос е должен да го сака и штити. А, бобок е разочаран совиетикус кој одненадеж станал свесен дека е сираче. Тој одеднаш сфатил дека космосот никогаш нема да му ја пружи љубовта која му припаѓа според правото. Бобок е агресивно депресивен совиетикус кој не очекува ништо добро од светот и затоа е подготвен тој да биде оној што прв ќе го нанесе смртоносниот удар. Тој, практично веќе почнал да гние и сега од својот гроб му се заканува на светот со „бобокалипса“.

***

Но, далеку од тоа дека додека трае епохата на бобокот, сите заедно ќе бидат бобоци. Ако фонетската терминологија ја примениме на општеството, тогаш тоа во согласност со важечката класификација на согласките може да се подели на три категории: звучни, меки и безвучни припадници на општеството. Звучните, секогаш и во сè, се согласни со власта, најгласно викаат „ура“ и ги поттикнуваат останатите да го прават истото. Тоа се оние кои го даваат својот глас за поддршка на сè што веќе и онака доминира и со што тие безусловно и со целата своја душа се сложуваат. Тоа е „агресивното послушно мнозинство“ (Јуриј Афанасиев, 1989). Меките се оние кои ја поддржуваат власта со молчење, рамнодушност и толеранција. Тоа е депресивно послушното мнозинство.

И, најпосле – безвучните. Тие како да не постојат и секогаш, во јазикот на општеството, се неспоредливо помалубројни од останатите. Нивниот тек на мислите е слободен и нивните зборови не се ограничени од внатрешните стеги и прегради. Во времињата на хомо совиетикусот, ги нарекуваа дисиденти, а беа олицетворени со имињата А. Сахаров, А. Солженицин, А. Сињавски... Нивните иницијали сместени во едно кратко ССС (и уште неколку стотици луѓе солидарни со нив) даваа сосема поинаква звучност на она што се нарекуваше СССР. Тоа беа луѓе со мека душа и нескршлив дух. Денес, таквите луѓе ги нарекуваат „петта колона“, иако тие се најмалку подготвени да се категоризираат во каква било колона. Тоа се писатели, музичари, уметници, новинари, историчари, политичари, волонтери или едноставно будни граѓани. Бидејќи не се спротивставуваат на никаква конкретна идеологија, идеократија или некаков систем на размислување, тешко дека некој може да ги нарече „луѓе кои размислуваат поинаку“. Тие само ѝ се спротивставуваат на „бесмислата“ (а, понекогаш и на безумието) и затоа можат да се наречат мислечки. И, упатувајќи ги своите апсурдни предизвици кон епохата на апсурдите, тие дејствуваат типично руски – сосема сами против огромното мнозинство. Тешко е да се поверува дека тие ќе победат. Ми останува само од сеќавањето да ги повикам зборовите на првиот христијански егзистенцијалист, Тертулијан, и да го изговорам неговото славно „Верувам, затоа што е апсурдно“.

Фотографии: Ребека Личфилд

Извор: http://www.novayagazeta.ru/

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет
Општество / Европа / Став / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото