Новата насловна на Шарли Ебдо: Мухамед со солза во окото и транспарент „Јас сум Шарли“

13.01.2015 10:52
Новата насловна на Шарли Ебдо: Мухамед со солза во окото и транспарент „И јас сум Шарли“

Сатиричниот весник Шарли Ебдо кој беше мета на терористички напад во кој загинаа дванаесет луѓе, го објави изгледот на насловната страница на бројот кој ќе излезе во среда, една недела по трагедијата.

Бројот кој би можел да се појави дури во три милиони принероци, како што пишува Телеграф, за разлика од вообичаениот тираж од 60.000, на насловната страница ќе го претстави пророкот Мухамед кој со солза во окото го држи сега веќе препознатливиот транспарент „Јас сум Шарли“, а над цртежот пишува „Tout est Pardonne“, што значи „Сè е простено“.

Весникот се најде на мета на терористите токму затоа што неколку пати објави карикатури на Мухаmед, покрај карикатурите на папата, Исус, рабини, имами, сите верски великодостојници, политичари и други личности и идеи кои го „кројат“ светот.

Карикатурата која синоќа беше доставена до агенцијата Франс Прес ја потпишува Луз, еден од преживеаните карикатуристи на весникот.

Новиот, специјален број, ќе се продава во 25 земји и ќе биде испечатен на 16 различни јазици, за читателите ширум светот.

Адвокатот на весникот Шарли Ебдо претходно изјави дека „би било чудно во новиот број, кој ќе се продава во киосците само една недела по трагедијата, да не биде прикажан пророкот Мухамед“.

Извор: The Telegraph