Отворен конкурс за млади балкански дизајнери

13.01.2015 10:39
Отворен конкурс за млади балкански дизајнери

Балканската дизајнерска мрежа го објави конкурсот Young Balkan Designers 2015 – Common Grounds. Конкурсот е отворен до 28 февруари 2015 година и е наменет за млади дизајнери до 35 години од следните земји: Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Македонија, Црна Гора, Романија, Словенија, Србија и Турција.

Годинешното издание на проектот Young Balkan Designers под слоганот Common Grounds повикува на интроспективен поглед на сопственото наследство и културни вредности, корени, автентичност и несовршеност, како и нивна интелигентна примена во контекст на современиот Балкан. Авторите се повикани да го промислат наследството во најшироки рамки, почнувајќи од личното потекло и културата, до колективното наследство, како и да ја активираат вредноста на културните добра и да го инкорпорираат материјалното и нематеријалното наследство во својата работа.

Меѓународното жири со кое ќе претседава индустрискиот дизајнер Константин Грчиќ (KGID, Германија) ќе ги избере победниците на конкурсот. Членови на жирито се: Жан Боелен; Z33 куќа за современа уметност (Белгија), Никола Радељковиќ, индустриски дизајнер (Numen / ForUse, претседател на Балканската мрежа за дизајн, Хрватска), Јелена Матиќ (Шумарски факултет, Универзитет во Белград, Србија).

Предмет на конкурсот можат да бидат концепти за дизајн, производи (мебел, осветлување, елементи за ентериер, секојдневни предмети, куќна опрема, помошни производи), урбани услуги, рециклирани материјали, модна конфекција итн. кои нудат иновативни, но и рационални решенија за секојдневните проблеми.

Делата одбрани на конкурсот ќе бидат дел од двегодишната програма Young Balkan Designers која подразбира регионално дизајнерско натпреварување, меѓународна патувачка изложба и програма за мобилност и едукација за млади дизајнери. Исто така, авторите на трите најдобри проекти ќе посетат резиденцијални менторски работилници кои ќе бидат организирани во соработка со водечките регионални дизајнери и производители.

Ментори за развој на проектот се: Никола Радељковиќ, индустриски дизајнер, Numen / ForUse (Хрватска), Ивана Боровњак, индустриски дизајнер, претседател на Хрватското дизајнерско друштво (Хрватска), Александар Велиновски, менаџер дизајн, основач на Skopje Design week (Македонија), Јелена Матиќ, дизајнерка на мебел, професорка на Универзитетот во Белград (Србија), Маја Лалиќ, архитектка, креативен директор и основач на организацијата Миксер (Србија).

Пријавата се врши со пополнување на формуларот. Апликантите можат да бидат индивидуалци или групи автори. Секој апликант може да учествува со повеќе дела.

Балканска дизајнерска мрежа е иновативна платформа основана од страна на Хрватското дизајнерско друштво, Public Rooм од Скопје и организацијата Миксер од Белград, со цел пружање стратешка поддршка за развој и промоција на балканскиот дизајн, како во регионот, така и на европската и меѓународната сцена.

Извор: Hrvatsko dizajnersko društvo