1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
(Жалосна игра во пет дејствија)
Лица:
Ритибим, крал на островот Лулупунија
Кафина, негова ќерка
Козодер, разбојник под името Зодокер, младоженец на Кафина
Еден роб
Дејствие прво
Кралот (мошне задоволен)
Весел сум, весел! Слатката ми ќерка-шеќер
Доаѓа да ја проси принцот Зодокер.
Штом сватови зберам ќе падне чест ем маст;
После ќе му ја предадам сета власт.
Робот (влегува и носи писмо)
Еве ти писмо, светол Рибитим –
Но марка не гледам ни од сантим.
Кралот (налутено го отвора писмото)
Што, нема марка, и тоа смееш да ми го кажеш!
Бегај, оти веднаш ќе те претворам во леш!
(Робот трга, но Кралот го вика назад)
Кралот
Застани, робу, биди меѓу практичарите
– закачи ми ги врз носов наочарите!
Робот (донесува хартиени наочари на една игла и ги забодува врз челото на кралот)
Кралот (ја чита адресата)
На светлиот крал на Лулупунија.
(го гребе печатот од писмото)
Овој нешто проси, нема сомнеж!
(го чита писмото)
Оној што ќерка ти ја проси,
На среќата твоја пропаст ѝ носи:
Неговата намера не е лилава –
Тој сака да ти скине глава,
Да ти ги украде двете свети работи,
Ќерката и благото, и да те осрамоти.
Бидејќи тој не е Зодокер,
Туку разбојникот Козодер.
(налутено)
Ова е ужасно, ова е грозно,
Страшно е ова што го дознав!
Но нека дојде, нека доита –
Веднаш ќе ја згмечам таа тафтабита!
(се мисли)
Но што ќе ѝ речам на драгата ќерка
Која посака да стане плен на таква ѕверка?
Таа мислеше дека нему му прилега,
А што ќе прави сега – ах, а што сега?
(очаен)
Оф боже, боже – еве ја несреќата!
Зло се спрема, догорува свеќата...
(се туфка и со главата удира од масата)
(се исправа и се премислува)
Но зошто ова го правам, зошто трескам глава?
Подобро е да легнам, да ја смирам силава –
Ќе легнам малку за на ранетиов ум
сонот да му дојде како лесен опиум.
(легнува)
Дејствие второ
Кафина (влегува)
Каде е тој? Татко! Ох, еве го спие!
Уморна е главата што сите ги шие!
Врз него е товарот на државата цела
– Затоа косата му е посребрена, бела.
А јас одамна желба имам силна
Прамен да имам од косата милна.
Па еве ми шанса –
(му корне прамен коса од главата и ја става в пазуви)
О, ќе ја чувам додека сум жива!
Кралот (се буди)
Некој ме разбуди – ајде да видам кој е.
Кафина
Јас сум, тато, јас сум.
Кралот
Ти си, патче мое!
Кафина
Јас тебе те барам, татко и кралу.
Кралот
Добро што дојде – токму на време.
Но сега ќе слушнеш немили гласови,
Ќе слушнеш стравотии, ќе слушнеш ужаси,
Ох, стегни го срцето – некој ми напишал –
Човекот е абдал, да не речам шапшал!
Кафина
За кого, татко, тоа го велиш?
Кралот
За него би тргнала како во покер,
Но тој туѓо име земал – Зодокер.
Неговото вистинско име е Козодер.
Ох, да ми те земе таков мародер!
Кафина
Не верувај, татко, тоа не е така.
Си сонил можеби, не си дочул фино?
Или можеби чашка вино... –
Кралот
Чашка вино! Зарем јас – Кафина!
Не, не, тој и мене ми се заканува,
Работава смртно опасна станува:
Благото сака да го грабне таа бараба
И тебе да те украде – точката ми најслаба,
Зарем не мислиш така?
Кафина
Грозно ми е, тато!
Но, сè уште се сомневам дека е така!
Та твојата става е најјака!
Кралот (ја бакнува)
Дејствие трето
Кафина
Ох, таго голема, ох огромен јаду!
Од грижа голема главата ми се наду!
Можеби само е накажаност клета;
Злобници има насекаде и во сите лета,
Но можеби злобата нам нема да ни слета...
Еве, некој доаѓа... Глеј, па тоа тој е!
Козодер (влегува)
Дали ме посакуваш, светла Кафино?
Може едно кафе, ко за мене фино?
Снага да одморам, коњот да здивне.
Но, има ли причина нешто да се пивне,
Решивте ли да те земам, драга, со атови,
Да почнам ли да збирам сватови?
Кафина (прави чекор назад)
Застани! Не прави да се дразнам!
Прво вистината морам да ја дознам!
Дали си ти вистински Зодокер
или разбојникот – Козодер?
Козодер
А што да кријам, белки не било дадено!
Ќе ти кажам, да не го слушнеш надградено:
Како што ме гледаш, твојот вереник
Всушност е Козодер – разбојник.
Кафина
Боже, ох боже – зарем баш така!
Козодер
Така е, Кафо – ете сега знаеш.
Кафина (паѓа во несвест)
Козодер
О, луд ли сум, зошто не чекав?!
Зошто ѝ реков, зошто ѝ реков!
Кафина, драга, стани, ма!
Кафина
Бегај од мене, диндушмане!
Сакав да ти бидам верна друшка
– А ти ме сотре како со пушка!
Јас сега одам, одам... –
Козодер
Одиш? А каде?
Кафина
Во Дунав да скокнам.
Козодер
Белки не си луда.
Кафина (очајно заминува)
Козодер (сам)
Што ли сега да правам?
Да се расправам или поздравам?
Можеби малку да се одморам?
Не! Крв да падне мора!
Дејствие четврто
Козодер (сам со гол меч во раката, од десна страна)
Сè спремно е крв да се лие,
Мојата чета блиску се крие.
Сега мечот ќе го наквасам,
Та на старец живот ќе згаснам,
Ќе му украдам и сребро и злато –
Грабеж за мене – за свиња блато.
Потоа дворот ќе му го запалам
И брзо ќе го прежалам
Оној што сум го прелажал.
Кралот (исто така влегува со гол меч, одлево)
Сабјо моја од мојот бабајко,
На крал несреќен ти верна мајко,
Сега покажи од каков си ков,
Па прободи го суртуков никаков!
Козодер
Еве сум, пржибабо стара!
Нек сердар со сердар разговара!
Јанѕа ќе ме јаде ко вампир
сѐ додека не го исечам
– А можеби и згмечам –
Главиштето твое од компир.
Кралот
Глеј, како и со зборови ме пецка.
Сега ќе видиш ти, барабо светска,
Дека на срцево не му е фуфка
Од тебе, разбојнику, што си пуфка!
(Кралот губи рамнотежа, паѓа, а Козодер му отсекува парче од главата)
Козодер
Ене го мртов, ене ја главата;
А за мене нова слава крвава!
Но дал е ова гордост ил некаков потфат,
Да убиеш седокос старец на дофат?!
– Ама разбојничките дела се такви,
Во злото речиси подеднакви...
– Но што на ова ќе рече Кафина? ...
Дејствие петто
Кафина (влегува и плаче)
Вчера мислев: среќата пат ќе ми насочи,
А види сега што гледаат моиве очи!
Го гледам срамот што ме чека
Ко акреп, змија, ѕвер што лелека,
Солза по солза од око се точи –
Еве веќе ги губам и сопствените очи.
(вади едно око од главата и го фрла на земја)
Татко ми го уби разбојник клет,
Тој што сакаше да му биде зет.
На мојата среќа е малаксан летот –
Веќе не сакам да го гледам светот.
(го вади и го фрла и второто око)
Козодер (влегува брзајќи)
Козодер сега мора да се заблагодари,
Еве по мене се дигаат џандари.
Па збогум остани, Кафино мила,
Судена сепак не си ми била!
Но само уште едно зборче дај,
Лудилото мое ѕирни го, согледај!
Кафина
Оди си, ѕверу, те колнам јас.
Козодер
Ти мене ме колнеш... –
Кафина
Те колнам, да.
Козодер
Па кога е така, Кафино, драга,
Јас тогаш си одам, без трага.
За мене не се кралските ќерки;
Во гора одам меѓу шумските ѕверки.
Која прва ќе ме сретне, црна ил жолта
– Нека ме здроби, нека ме проголта!
(тој заминува на една, а Кафина на друга страна)
Козодер (се враќа и ѝ се обраќа на публиката)
Во сета страст не можев да го прикажам,
Но сега сакам тоа да ви го кажам,
Поради утехата ваша и вашиот мир:
Ние сме, како што знаете –
Актери од компир.
Не сме слика ниту жива ниту права;
Ако лажам – еве ви ја мојата глава!
(ја симнува својата глава и ја фрла пред публиката)
Завесата паѓа.
Превод: П. Вулкански
Слики: Rebecca Dautremer
(за сликовницата Cyrano)