Рес публика

14.01.2015 13:03
Рес публика

Преобразба

Ми се чини дека голем дел од популацијата во Македонија не сфаќа што се случува во оваа земја. Затоа што оваа космичка глупост made in Macedonia е толку апсурдна, бесмислена и толку под прагот на разумот што луѓето, едноставно, немаат рецептори тоа да го примат. Не се ни трудат во тоа. Просто, тоа е неверојатно!

Ние Македонците* поради мижењето пред фактите и колосалната наивност со која сме обдарени заглавуваме во „его-филм“, во „ego-trip“, па и во „зомби –филм“. (Настрана категоријата граѓани кои слепо, значи од корист, веруваат во оваа власт.) Единствен излез од тој злокобен филм е жртвување на егото за повисоките идеали, за колективот, заедницата, државата, за Res publica (општа ствар, општо добро). Универзитетот е рес публика, во универзитетската заедница опстојува идејата за републиката, колку–толку опстојува идеалот.

Филозофот Ферид Мухиќ во едно интервју (на 24 Анализа од 19.12.14.) кажа дека универзитетот е свето место, никој не смее да влезе таму без дозвола. Автономија има. Слободна територија е.

Тоа значи дека ако власта забегува, интелигенцијата е таа што треба да ја корегира. Така, на пример, Академијата на науките и уметностите требаше да се обиде да ги корегира дефектите на оваа апсолутистичка власт!
(Досега со оваа задача не ги оптоварувавме професорите оти беа зафатени со образование.) Академиците би предложиле некаква стратегија, но дали власта ќе ја прифати (беше заклучокот од состанокот во куќата Уранија минатото лето)?!

Лудилото на оваа власт непречено се ширеше и сега достигнува кулминација. Десет или петнаесет „експерти“ надвор од универзитетот треба да наметнат критериуми за проценување на знаењето над критериумите на професорите! Тие како некакви Суперумови треба да воведат стандарди за тоа што треба или не треба да се знае. За нешто што нема граници и како супстанција не може да се вкалапи во никакви општи правила и стереотипи. Со овие свои постапки, оваа власт, па и ние како држава, по втор пат достигнуваме космичка глупост! Прв пат ја достигнавме со проектот Скопје 2014.

Триста светски професори и интелектуалци заедно со петстотини наши професори аргументирано тврдат дека измените во законот за образование ја рушат автономијата на универзитетот (значи се противуставни. Но зарем е тоа нешто ново кај нас, уште еднаш да се згази Уставот?) и целиот пакет предлози не чини, премиерот и група професори, па и претседателот, за кои знаењето е учење напамет прашања и одговори се обединети во идејата дека знаат што е најдобро за сите нас. (Да нè претворат во машини, робот(в)и, и послушна зомби нација) Ќе воведуваат умови - машини за да ги уништат креативните умови? Со кого тераат инает?

Погоре го посочив интервјуто со г. Мухиќ. Сега филозофите кажуваат и треба да бидат слушнати околу мислењето за принципите и идеалите кои еднаш прифатени и вградени во темелите на државата не смеат никогаш да бидат згазени. Државата и општеството за да претставуваат цивилизациска придобивка треба да се засноваат на вредностни системи. Нешто што им е многу јасно на студентите!

Вистината за Македонија е во оваа генерација студенти која се крена. Да им дадеме масовна поддршка! Да дадеме масовна поддршка на сите активности кои ги спроведува и Студентскиот пленум и Професорскиот пленум. Тие се сега во фокусот каде што се случуваат сите тешки ломови за нашата иднина, конечно, за поставување високи стандарди на интелектуално и духовно ниво.

Егото како себичност и опскурност треба да се уништи, а да се издигнат на пиедестал вредностите и принципите кои се Рес публика, за општо добро. И никогаш повеќе да не се симнат од тој пиедестал. Слобода и владеење на правото, рамноправност за сите, демократија, самоволието на која било власт да се ограничува со механизми како независното судство, слободните медиуми и почитувањето на духовните стандарди кои еднаш откако интелигенцијата ќе ги доведе до високо ниво, засекогаш да останат таму што ќе биде загарантирано со автономијата на универзитетот. Идеалот кон кој треба да се тежнее е Просветлениот Ум, Мирот, Слободата, Убавината...

Или ќе се преобразиме во созреано општество кое знае да ги цени вредностите или и понатаму ќе останеме „смачкано племе“... Ова е еволуција и револуција, и треба да се здружиме!
________________________________________

* Сите луѓе кои живеат во Република Македонија, и, без разлика на етничката или било која друга припадност, оваа земјата и републиката (треба да) ја чувствуваат како своја.

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото