1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
"Look on my works, ye Mighty, and despair!"
Shelley
Спомениците се градби кои комеморираат одредена личност и/или минати настани. Истовремено се користат за разубавување на просторот. Некои градови кои се градени плански како што се Вашингтон, Њу Делхи и Бразилија се подигнати околу веќе замислени споменици. Положбата на споменикот на Џорџ Вашингтон во главниот град на САД е одредена 44 години пред да биде изграден, и 30 години по смртта на архитектот.
Вашингтон е познат како „градот на спомениците“. Најголемата атракција за секој посетител е „National Mall“ - паркот кој започнува на скалите на споменикот на Линколн, покрај рефлектирачкиот базен до споменикот Вашингтон, сè до американскиот Конгрес, оддалечен три километри . На површина од 1,251,000 m² се наоѓаат повеќето од вкупно 160 споменици и 75 музеи, не вбројувајќи ги Белата куќа и Конгресот. Паркот и музеите се во надлежност на националниот сервис за Парковите и институтот „Смитсониан.“ Не постои турист кој не се воодушевува од глетката, посебно на пролет, кога просторот естетски го надополнуваат расцветаните јапонски цреши (околу 4000 дрвја).
Визијата на архитектот на Вашингтон, Пјер Лафан, е олицетворение на идејата за град кој ќе биде модел за американско градско планирање, симбол на владината моќ пред остатокот од светот. Паркот е центарот околу кој гравитира градот, кој треба да ги „фрли во очај Европејците откако ќе го видат“. Град кој ќе се одвои од европската идеја за „величање на хероите од минатото“ и ќе биде нешто повеќе – симбол на американската идеја: постојано и поврзано градење низ паметење на државно-општествените искуства. Оваа замисла ден-денес ја контролира Конгресот (во чија законска надлежност е уредувањето на градот). „Перпетуалното постанување“ истовремено значи и градење споменици за потсетување на не толку големи херојства – кобните грешки (за некои и злосторства) од минатото – оттука, тука е и споменикот за жртвите од Виетнам (чиј дизајн и денес е предмет на жестоки дискусии).
Гледано од овој агол, одлуката на владата на Македонија да инвестира во изградба на споменици во Скопје, со цел да го разубави градот, да им оддаде почит на личности од нашето минато - не е невообичаена. На листата се национални херои (Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, итн), но и настани (првото заседание на АСНОМ), како и туѓи национални херои (Тарас Шевченко).
Многумина се прашуваат, од каде сега украинскиот поет? Одговорот е едноставен: Зашто и Вашингтон има споменик на Шевченко! Или, зашто имаат и Одеса, и Асунсион, Ташкент, Санкт Петерсбург, Буенос Аирес, а богами и Москва. Кога може Скопје (исто како и Вашингтон) да има црква на плоштад (сте виделе колку е убава црквичката веднаш до Белата куќа?), зошто да не може да има и споменик на Шевченко?! (Кад је бал, нек је маскенбал!, велат комшиите!)
Вака некако се движат „аргументите“ за поддршка на владиниот план. Рака на срце, никој не го користи Вашингтон, најчесто се споменува Св. Василиј на Црвениот плоштад во Москва, некои идиотски се дрзнуваат да ја спомнат и Нотр Дам, други пак „циниците“ги упатуваат да „ѕирнат“ во Загреб или Белград. Но, она што штрчи е што примерите кои се користат како оправдување се од некое друго време и што се користат градби кои го издржале премрежјето на вековите (што би рекле Американците: перпетуално градење); нашиот случај е специфичен, ние сме земја во која во ист ден на насловна на дневен весник е веста за изградба на нови споменици и веста за распаѓањето на куќата во која учителствувал Гоце Делчев. Веста за 6 милиони буџетски евра за споменици е проследена со веста за сквернавење на постоечки споменици во Велес. Веста за градење на споменик на „шмизла“ од буџетски пари оди заедно со веста за застареноста на канализацијата и на целокупната инфраструктура во главниот град; на многумина, особено оние што ја помнат катастрофата од 1963, не им е сеедно колку и како се гради современо Скопје, и кои се животните приоритети при тоа градење.
Но, настрана приоритетите, за момент да замислиме дека Скопје е град со средени проблеми, т.е. град кој урбанистички е поблиску до Вашингтон отколку Лагос (град со најлоша инфраструктура во светот), и да додадеме уште неколку интересни примери во име на владиниот проект.
Еден од последните музеи изградени во Вашингтон е посветен на жртвите на холокаустот. Дозволата за изградба е издадена 1978 за време претседателот Картер, а темелите се удрени седум години подоцна. Изградбата почнала 1989. Толку време било потребно да поминат сите бирократски дебати, јавни дискусии, избор на градежни фирми, архитекти и конечната дозвола од страна на „претседателската комисија за холокаустот“. Музејот е официјално отворен од претседателот Клинтон во 1993. Два претседатели, три влади и четиринаесет години по одлуката за градење - неверојатно долг период за градежната машинерија на САД. Причина: $200 милиони потребни за изградба на музејот, од кои ниту еден цент не е од буџетот на владата на САД, туку од приватни донации.
Споменикот на Тарас Шевченко во Вашингтон е финансиран од владата на Украина. Споменикот на Махатма Ганди кој се наоѓа во паркот во близина на индијската амбасада е изграден од донации од индиската заедница во САД, за што биле потребни пет години. Споменикот на жртвите од Втората светска војна чекаше 50 години за да се соберат потребните средства. Дури и јапонските цреши се подарок од градоначалникот на Токио.
Очигледно, дефиницијата за моќ на татковците на САД сепак била поразлична. Американците знаеле и знаат дека Европејците нема да очајуваат пред велелепниот „обелиск“ доколку истовремено се сретнат со земја која пропаѓа во секој друг поглед. Вашингтон е град изграден со план, но не „од нула“, како што некои посетители забележуваат во обид да го оправдаат урбанистичкиот калабалак на своите градови. Спомениците во Вашингтон се изградени во период од 216 години. Уште многу чекаат да бидат изградени во некои подобри времиња, откако ќе се поправи инфраструктурата на училиштата, патиштата, болниците и стандардот на граѓаните (кои повратно ќе можат да си го дозволат луксузот од споменици и да подарат парични средства за нив), кои се реалниот приказ на моќта на земјата. Ќе почека и Мартин Лутер Кинг, зашто самиот многу повеќе би сакал да ги види своите потомци во училишта какви што заслужуваат, отколку сопствениот лик изрезбан во камен.
Доколку Вашингтон е сликата на моќта со која „татковците“ на САД посакувале да го натераат светот да „очајува“, Скопје е сликата на очајот, град што е олицетворение на некадарноста, кусогледоста и предавството на сликата за Македонија во име на лични интереси, против кои „татковците“ на Македонија со векови се бореле. Нема споменик со кој би го измиле очајот од нивните лица, па бил тој величествен како катедралата во Барселона.
споменици
Испратено на 16 април 2009 од roxИако немам што да коментирам на текстов кој пак е навистина илустративен и информативен во потполност би се надоврзала со едно нешто,,
Имам приметено две работи кога толпата информирана од глупостите напишани од незнајковци низ печатот (а ла едиторијалот на латас,јанк и сл)
-кога сакаат да оправдаат некаква бесмислена одлука како таа да се постави статуа од 20м со цена од неколку мил. евра во градот или црква на плоштад и слично , се повикуваат на примери дека ЕНЕ така е во Америка, Англија,Унгарија и земаат редат градови каде виделе голема статуа или објект во тој град.
Проблемот е во тоа што иако треба да учиме од примерите на тие разни земји и има многу нешта кои можат да послужат како идеја, но на работ на лудилото е да се оправдуваат секакви мегаломански хирови на исфрустриранава владеачка партија, дека ете нас ни треба црква од 20мил € сред малечок плоштад и тоа во 21век и да не ги набројувам другите нездрави веќе подготвени проекти.
На крајот краевите еве и ќе сфатам некакви луди одлуки кои се тешки за сегашниве генерации да ги претрпат (од финансиски причини да речеме) во колку владава влезе во некаков колосален проект за енергетска инвестиција, субконтракторска нанотехнологија или вложување во некакви new genereration институти (како во индија) со идеја да се понуди услуга за големите фарм.фирми од европа или нешто петто.. но нешто што дури после 10 и повеќе години ќе донесе резултати,профити, плус ќе повлече развој на многу други сектори.. тогаш, Ај ќе речеме, зошто да не.. треба да се претрпи суша за нешто подобро
Ама ова, за една бедна сиромашна земјичка да фрла така пари за некакви грди,малоумни градби кои се само фрлени пропаднати пари ПЛУС треба да се предвидат огромни средства за одржување на истиве а во тоа знаеме колку сме ажурни и сериозни...
Е сега, текстот погоре е неверојатно поучен и инструкторен за да се види послоевито како ете тие големите пристапуваат кон овие работи и може да се примети дека од она што се нуди како петпарачка приказна кај нас и како тоа всушност е некаде таму, може да се мери менталната дупка во светлосни години .
Мислам, како би само било убаво да почнат тоа задоените паразити да прво земат прочитаат информации, се распрашаат , прават едноставно споредување на податоците и потоа земат да зборуваат “вака е така е“ па на тој начин и толпата поинаку ќе се однесува. Но, да не се лажеме, сега тоа е се исклучено како опција, мислам дека ова каубојско владеење е единственото оружје кое го поседуваат и нема никој да дигне ручна.