Да те изеде срам!

15.01.2015 02:07
Да те изеде срам!

1.

Бре, бреее, Ренци не ја спомнал Македонија во неговиот отчет пред Европскиот парламент! Ги набројал сите, само не и нас. А за што би нè спомнал нас? Што пак ние направивме за Европа, или за ЕУ? Што сè се случува(ше) во оваа Европа само измината година, а ние блеевме во шталичкава наречена Македонија, пребројувајќи се по којзнае кој пат. Барем да ги опцуевме, ако ништо друго. Ако навистина немаме убав збор. Многумина говорат: а и зошто би го имале? Особено некои од помладите кои, прераскажуваат луѓе, дури и се ситат на тоа што се случуваше во Париз пред некој ден. Велат: така им требало, зашто никој од „тие“ со прст не мрдна(л) кога кај нас се случи Смилковско езеро! Пази богати. А колкумина кај нас излегоа на улица, тој ден и по тој повод? Да не беа најблиските на убиените деца да го блокираат патот за / од Радишани, и таа трагедија ќе (ни) поминеше како и многу други.

Та затоа, не е проблем Ренци, или најмал проблем е што другите одамна не нè спомнуваат. Проблем е што и ние самите веќе не се спомнуваме. Како и да нè нема, не постоиме. Освен некои кои се постојано тука, се разбира, и кои изигруват државници, политичари, новинари, уметници, писатели, академици … Имаме од сè по малку, само народ изгледа немаме. Онаков, кој би донел промени, а не аплаузи. Да не се и студентиве и она малку саглам професори…

2.

Каде беше Македонија во Париз? Или на нашиве им студеше, кој сега ќе се шета по париските улици, сè ќе биде затворено, нема да може ништо ни да се купи … Ене, тутмакон имал поважна работа, ќе се однесувал државнички, а не професорски. И кога тоа оваа персона низ сиве овие залудо потрошени години постапила државнички? Зарем не ќе го запаметевме тоа? Ако сакаше да биде државник ќе се појавеше во Париз, а не да преде тука ко дремлив мачор и да тртља будалаштини. И што уште сака таа персона што глуми претседател, кога токму неговите студенти му велат дека од него „нема фајде“?! Или оној негов ментор кој ни го смести тутмаков, а сега го резили низ весници? А овој па му враќа: лажеш! Па имате ли малку срам, сељачаана ниедна?!

Или она помпезноно министерче за надворешни работи, зошто него не го пратија во Париз? Тука ли е тој, воопшто, жив ли е? Што не ги прошета малку чевличките низ Place de la Republique? Можеби и ќе се загубеше и ќе нè куртулеше барем од неговиот срам. Или не го пушта мајка му? А Бесими, и него ли не го пуштаат?

И зошто една Албанија, и тоа претежно муслиманска, би била позаинтересирана да се појави на маршот во Париз, ама нашиве шутраци – не? А после – Македонија отсекогаш била дел од Европа! Пази богати, кога тоа, во некој / нечиј сон, кога се давал тој филм? Такви какви што сме, ние не сме ни за во Африка, иако многумина од нашиве „политичари“ често уживаат да си прават такви потсмешливи споредби.

3.

Заради тоа, дното е достигнато кога човек ќе почне да се срами од сопствената „држава“. Онаа „држава“ која што ја претставуваат вакви луѓе. Онаа држава во која што поминуваат на голема врата тезите дека е подобро на луѓето да им се раскажуваат приказни за крававите масакри во соседството. Што има сега ние тука да пренесуваме карикатури, слики или којзнае што и да ги вознемируваме луѓето, велат. Онаа држава во која што дури и „шителовци“ можат непречено да се заебаваат со самите себе, и со сите нас. А зошто не стават натпис „Јас сум Кежаровски“? Или мислат дека така му треба на колегата?!

Онаа држава во која што Милето прилепски нè убедува дека, ете, тој сега ќе го раскине договорот со тој некој Pfeifer (или како се вика) и никому ништо. И зошто воопшто се кренала толкава галама за пишливи триестина милиони? Или онаа држава во којашто министрите си ги вработуваат жените во странските фирми што божем ги носат како „инвестициски“ бум и после се прават мутави?

Онаа држава во која што за сè има контра, па дури и професорска ре-контра? Еден куп класични малограѓански штрајкбрехери преоблечени во професорско руво им тераат ре-контра на своите постари колеги, на своите ментори! Ебати државата. Онаа држава каде врвни македонски писатели изигруваат ghost writer-и, па уште и не се срамат да се сликаат? Пишуваат „живот и приклученија“ на македонски бизнисмени. А главен рецензент никој друг туку – претседателот на МАНУ?! А ќе каже ли МАНУ збор-два за „реформите“ во високото образование? И за сите случувања со оние пленуми? Или некој прво треба да (им) плати?

Па, ако ништо друго, немаат ли луѓево друга работа? Немаат ли деца, внуци, да се занимаваат со нив? Да ги подучат што е чест и морал, и етика, а што срам? Да ги подучат, научат, врз сопствените примери?! И колку чини нивниот ангажман, еве и јас би сакал да ми сочинат една накитена биографија? И да ја рецензираат!

4.

Умре ли (и) срамот во оваа земја, како и сè друго? Онака тивко, постепено но континуирано? Односно, го умреа ли ваквите типови и последното нешто што, барем донекаде, важеше за некаква македонска доблест? Зашто вакви срамни нешта македонската историја безмалу и не памети. Зарем е можно е една улична банда вака да ги зацементира своите не-вредности?

Зарем е можно во Македонија во дваесет и првиот век една Универзална сала да се прекрсти во „Цанде Македонски“? А помалите салички да се крстат „Тодор Алекснадров“, „Борис Сарафов“ и тако даље? Дали сите сме навистина за посматрање? А зошто некое ходниче не го прекрстат во Вангел Божиновски? Или Коце Трајановски? Ако ништо друго, барем првиот ред во левото маде на „Цанде Македонски“?! А десното? Каде ќе биде десното, и кога ќе го изгласате?

Има ли уште нешто со што ќе нè засрамите деновиве?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Lee Chen Dao

ОкоБоли главаВицФото