Место на злосторството

15.01.15 01:38

Погреб на високото образование во Македонија

 

Откако во законодавниот дом се изгласа пакетот реформи за високо образование, претставници на професорскиот и студентскиот пленум, како и граѓани кои се исто така против новиот закон, со симболичен перформанс го „погребаа“ високото образование пред Собранието.

На тој настан му претходеше уште еден утрински собир на граѓаните, на кој собранието беше обележано со лента како место на злосторот, а пред него стоеше група граѓани со транспаренти на кои изрично стоеше „НЕ!“ за новиот закон. Во позадина одекнуваше одново и одново стихот „ропска Македонијо“ извлечен од песната „Земјо македонска“.

Откако законот беше изгласан околу 6 часот попладне, незадоволните студенти заедно со професорскиот пленум и граѓани-поддржувачи, симболично поставија крст пред Собранието, запалија свеќи и поставија некролози со следната содржина:

„Со длабока тага ја известуваме сета македонска јавност дека по долго и тешко боледување на ден 14.01.2015 почина Високото македонско реформирано образование (1949-2015). Последното испраќање на нашето мило и никогаш непрежалено ќе се одржи на ден 14.01 во 19:00 часот пред собранието на Македонија. Предвидено е погребот да го изврши претседателот на собранието Трајко Вељаноски, додека проштален говор пред телото на починатиот ќе одржи претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов. Ги повикуваме сите сегашни, поранешни, идни студенти и професори и сета македонска јавност во споменатиот час да дојдат пред собранието, со минута молчење да се простат од упокоениот и да запалат свеќа на неговиот гроб. Ожалостени студенти на Македонија, професори на Македонија“.

Иван Николовски, студент на политички студии и претставник од Студентскиот пленум, за медиумите изјави:

„Вечерва тука се собравме со цел симболично да го погребаме високото образование со палење свеќи пред собранието коешто исто како и извршната власт, остана глуво на нашите барања овој закон да се повлече и заедно да се вклучиме во изработка на нов системски закон. Сметаме дека ова е израз на невидена дрскост, на непочитување на барањата на академската заедница и на студентите кои во неколку наврати масовно излегоа на улиците со барање овој закон да биде повлечен. Остануваме доследни на тоа дека ќе продолжиме понатаму со борбата и за сите наши понатамошни активности ќе бидете благовремено известени. Сега се чека на претседателот на државата, со кого наши претставници имаа средба пред некој ден, да не го потпише указот за прогласување на овој закон, односно да стави суспензивно вето. Во оваа прилика го охрабрувам уште еднаш претседателот на државата да го стори тоа и да застане зад своите колеги.“

Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото