Ние не сме Шарли, ние сме неговите убијци

15.01.2015 10:56
Ние не сме Шарли, ние сме неговите убијци

Не поминаа ниту два дена откако Келн извојува победа над исламофобите од движењето Пегида, пресоблечени во модерниот патриотизам и заштитата на европските вредности, во Париз се случи трагедија. Дванаесетмина луѓе, од кои десет членови на редакцијата на сатиричниот весник Шарли Ебдо, беа убиени заради исмејување со верски светци. Но, како што работите често знаат да се первертираат во овој циничен свет – ќе се покаже дека тие не умреа за слободата на говорот, сатирата или борбата против верскиот екстремизам. Поверојатно е дека нивната смрт ќе му послужи на новиот бран омраза кон муслиманите, а нападот на браќата Куачи нема да се титулира како дело на лудаци и отпадници.

Затоа, пред масовно да му се придружиме на движењето Пегида, и пред муслиманските парижани да се изјаснат дали убиваа за Ал Каеда или за Исламската држава, нема да штети ако се позанимаваме со условите кои ги промовираат популарноста и екстремизмот на тие озлогласени „исламисти“. Овде доаѓаме до нималку револуционерната теза дека напредната западна култура, која се гордее со слободата на говорот и весниците како Шарли Ебдо, ги радикализира Блискиот Исток и останатите земји во кои гази со своите интервенции. Угледниот новинар, долгогодишен воен известувач и документарист Џон Пилгер, неодамна на својот блог објави статија за Исламската држава, со цитат од Хенри Кисинџер во насловот: „Сè што лета на сè што се движи“.

Тоа беше артикулацијата на Кисинџер на наредбата на американскиот претседател Ричард Никсон, за силното бомбардирање на Камбоџа во 1969 година. Статијата на Пилгер беше објавена во неделите откако ИСИС уби повеќе западни новинари и хуманитарци со сечење на нивните глави, додека клечеа во пустината. Снимките од погубувањата се забележани со камера и таа порнографија на насилството го шокираше светот, произведе јавни повици за интервенции со воздушни удари, дронови и војска, како од уважените медиумски коментатори, така и од страна на лидерите од западниот свет. Овде пренесуваме делови од текстот на Пилгер.

Како сектичката се трансформира во застрашувачка војска

„Како сведок на човечките последици од ова дивјаштво од воздух – кое вклучуваше обезглавување жртви и разлетување на делови од нивните тела по дрвјата и полињата – не бев изненаден заради непочитувањето на сеќавањата и историјата, повторно.“, пишува тој во октомври 2014 година. Доаѓањето на власт на Пол Пот и неговите Црвени Кмери, има „многу заедничко со денешната Исламска држава во Ирак и Сирија (ИСИС)“, продолжува тој.

„Исто така, тие беа немилосрдна средновековна група која почна како мала секта. Исто така, тие беа производ на апокалипсата на американското производство, овој пат во Азија. Според Пол Пот, неговото движење се состоело од ’помалку од 5 000 слабо вооружени герилци несигурни во сопствената стратегија, тактика, лојалност и лидерство‘. Кога бомбардерите Б52 на Никсон и Кисинџер тргнале на извршување на задачите во рамки на ’Операцијата Menu‘, врховниот демон од западот не можел да верува колку среќа има. Американците испуштија еквивалент на пет Хирошими на руралната Камбоџа помеѓу 1969 и 1973 година. Срамнуваа село по село и се враќаа за да ги бомбардираат шутот и мртвите тела. Кратерите што останаа зад колежот и денес се видливи од воздух. Теророт беше незамислив. Поранешен офицер на Црвените Кмери опишуваше дека преживеаните биле замрзнати – лутале наоколу по три или четири дена. Исплашени и полу-луди, луѓето биле подготвени да поверуваат во она што им се кажува... Тоа е она што на Црвените Кмери им овозможи лесно да придобијат луѓе. Истражната комисија на финската влада процени дека 600 000 луѓе во Камбоџа умреле пред граѓанската војна и го опиша бомбардирањето како ’прва фаза во десетгодишниот геноцид‘. Она што го започнаа Никсон и Кисинџер, го заврши нивниот наследник, Пол Пот. Под нивните бомби, Црвените Кмери пораснаа за алармантни 200 000.“

Според Пилгер, известувач од десетици боишта ширум светот, ИСИС има слично минато и сегашност. Наведува дека инвазијата на Ирак, која ја започнаа Буш и Блер во 2003 година, доведе до смрт 700 000 луѓе – во земја која немаше историја на џихадизмот.

Моторот што ја движи регрутацијата на британските/француските/... Муслимани за овдешниот тероризам

„Курдите се договорија територијално и политички; Сунитите и Шиитите имаа класни и секташки разлики, но живееја во мир; мешаните бракови беа вообичаени. Три години пред инвазијата, се возев по должина на Ирак без страв. На тој пат среќавав горди луѓе, пред сè, затоа што се Ирачани, наследници на цивилизацијата, која им изгледала присутна. Буш и Блер го разнесоа сето тоа на парчиња. Сега, Ирак е легло на џихадизмот. Ал Каеда – како ’џихадистот‘ Пол Пот – ја искористи можноста на сеопфатниот Шок и Страв, како и граѓанската војна што следеше. За ’бунтовниците‘ од Сирија се понудени дури и поголеми награди, со ЦИА и подземните премини во Персискиот залив, за оружје, логистика и пари, кои одеа преку Турција. Пристигнувањето на странските регрути беше неизбежно. Поранешниот британски амбасадор Оливер Мајлс неодамна напиша: ’Изгледа дека владата на Камерон го следела примерот на Тони Блер, кој ги игнорираше упорните совети на Министерството за надворешни работи, МИ5 и МИ6, дека нашата политика кон Блискиот Исток – пред сè војните на Блискиот Исток – е мотор кој ја движи регрутацијата на британските Муслимани за овдешниот тероризам. ИСИС е чедо на Вашингтон и Лондон кои, со уништувањето на Ирак и како држава и како општество, склучиле заговор за епско злосторство против човечноста. Како Пол Пот и Црвените Кмери, ИСИС е мутација на западната држава на теророт кој го сее поткупливата империјална елита непречена од последиците од акциите што ги презема на голема физичка и културна оддалеченост. Нивната одговорност не се споменува во ’нашите’ општества.“

Потоа, Пилгер ги опишува последиците од санкциите кои му се наметнати на Ирак, иронично, зајакнувајќи го авторитетот на Садам Хусеин на домашен терен.

Перата

„Тоа беше како средновековна опсада. Речиси сè што ја сочинуваше модерната држава беше, може да се каже жаргонски, ’блокирано’ – од хлорот за обезбедување залихи со вода до перата, делови од рентгенски уреди, вообичаени аналгетици и лекови за лекување дотогаш непознати облици рак, кои се пренесуваа преку прашината од јужните боишта, контаминирана со осиромашен ураниум. Непосредно пред Божиќ во 1999 година, Министерството за трговија и индустрија во Лондон го ограничи извозот на вакцини кои требаше да ги заштитат ирачките деца од дифтерија и жолта грозница.“

Потегот го објасни Ким Хауелс, британски парламентарец од редовите на лабуристите на Блер, на следниот начин: „Детските вакцини можат да се употребат за оружје за масовно уништување“. Ваквото објаснување беше прифатено во медиумите кои под влијание на Foreign Office-от го обвинуваа Хусеин за сè.

„Под лажната ’хуманитарна‘ програма ’Нафта за храна‘, на секој Ирачанец му беа доделени 100 долари за преживување за цела година. Тоа е износ кој требаше да ги плати целата инфраструктура и клучните услуги, како струја и вода. ’Замислете‘, ми рече помошникот на генералниот секретар на ОН, Ханс Вон Спонек, ’колку е беден тој износ во споредба со недостатокот од чиста вода и фактот дека повеќето болни луѓе не можат да си дозволат лекување, како и траумите за преживување од денес до утре, и ќе имате слика за таа ноќна мора. И, не доаѓајте до погрешен заклучок, ова е намерно. Претходно не сакав да го употребам зборот геноцид, но сега тоа е неизбежно.“

Исплатлив геноцид

Вон Спонек поднесе оставка како координатор на ОН за хуманитарна помош во Ирак, како неговиот претходник Денис Халидеј, кој рече: „Бев инструиран да имплементирам политика која ја задоволува дефиницијата на геноцидот: намерна политика која буквално уби повеќе од еден милион луѓе, деца и возрасни“. Потоа, Пилгер наведува дека УНИЦЕФ утврдил дека помеѓу 1991 и 1998 година, кога кулминираа блокадите, умреле половина милион ирачки деца (помлади од пет години), повеќе отколку што е вообичаено. Кога Медлин Олбрајт, американска амбасадорка во ОН, беше прашана за таа бројка, одговори: „Дали се исплати таа цена? Ние сметаме дека се исплати.“

Уште еден покајник е и Карн Рос, британски офицер одговорен за санкциите. Во 2007 година, пред парламентарната комисија изјави: „(Владите на САД и Велика Британија) во реалноста оневозможија средства на живот на цела популација“. Во интервјуто со Пилгер рече дека чувствува срам заради тоа, а му објасни и како функционираат медиумите во слободниот свет, задолжени за одржување на измамата: „На новинарите им дававме фабрикувани и пречистени информации или не им дававме ништо“.

Сирија

Како што е познато, Исламската држава, и покрај Ирак, се простира и на делови од Сирија. Поранешниот француски министер за надворешни работи Роланд Думас, во 2013 година во интервју за француската телевизија LPC откри дека две години пред почетокот на насилствата во Сирија бил во Англија.

„Се состанав со некои водечки британски службеници, кои ми се исповедаа дека подготвуваат нешто во Сирија... Британија организирала инвазија на бунтовниците во Сирија. Дури и ме прашаа, иако веќе не бев министер, дали би сакал да учествувам во тоа... Таа операција оди многу подалеку во минатото. Подготвена е, замислена и планирана.“, изјави Думас. Потоа, Пилгер наведува дека е интересно што единствените реални опоненти на ИСИС се демонизирани од страна на Западот – Сирија, Иран и Хезболах. Подоцна ќе се покаже дека тоа се и Курдите, угнетувани од страна на службените власти на НАТО членката, Турција.

„Пречка е Турција, ’сојузничка‘ и членка на НАТО, која се здружи со ЦИА, МИ6 и средновековните сили од Заливот, за да им испраќа поткрепа на сириските ’бунтовници’, вклучувајќи ги и оние кои сега себеси се нарекуваат ИСИС. Поддржувањето на Турција во нејзините долготрајни амбиции за доминација во регионот преку соборување на владата на Асад, предизвика голема конвенционална војна и застрашувачка демонтажа на етнички најразновидните држави од Блискиот Исток’, пишува Пилгер. Најпосле, заклучува дека: „Единствено, кога ’ние‘ ќе ги признаеме воените злосторства во своите редови, крвта ќе почне да се суши“.

Новинари гинеа и минатата година, ќе гинат и идната

Дали обезглавувањето новинари од минатата есен, кое му претходеше на овој текст на Пилгер, може да се спореди со убивањето врвни карикатуристи и новинари во Париз? Во двата случаи се работи за убивање симболи, луѓе со имиња, наспроти стотиците илјади безимени цивили кои го гнијат плодното тло за раѓање на исламскиот екстремизам. Најпосле, дали тоа воопшто е до Исламот како религија или Куранот, популарна книга во рамките на таа вероисповед или соголениот пророк Мухамед?

Исламот е во својот 15 век. Ако се сетиме каде беше христијанството во таа фаза на развој, нема чесен човек на светот кој нема да се наежи: во 15 век, христијанска Европа била дом на инквизицијата, автентичен, европски прогон на луѓе кои размислуваат. Полошо или подобро од Исламската држава денес? Тешко е да се каже. Но, дали угнетувањето, мачењето, распнувањето и убивањето не се само резултат на развојот и долговечноста на некоја религија. Искуството не му помогнало на христијанството – некаде помалку, некаде повеќе отворено, па и мошне упадливо, христијанството го поддржало нацизмот, со кој ја споделувале нетрпеливоста кон вековните непријатели со несоодветна вероисповед, Евреите. И христијанството повторно се посрамило за навек.

По нацизмот, Католичката црква настојува да се огради, извини, измие и фокусира на подоброто утре, екуменизмот... Но, како и секогаш, на браникот на верата ќе се најде некој Андерс Беринг Брејвик, кој во име на христијанските вредности ќе покоси десетици тинејџери. Иако предизвика шок и спонтано излегување на улиците на илјадници луѓе, што наликуваше на глетките од Париз, неговиот убиствен поход повеќе се третираше како дело на помрачен ум на еден лудак, отколку како продукт на верски убедувања или тероризам.

Тоа не е терорист, тоа е волк самотник

Ова прашање повторно се постави и по бомбашкиот напад во Колорадо Спрингс, во Америка, еден ден пред колежот во Париз. Белец во четириесеттите години од животот фрли бомба на организацијата за заштита на човековите права на афроамериканското малцинство NAACP (National Association for the Advancement of Colored People). За разлика од дивеењето со калашникови во редакцијата на Шарли Ебдо, кога веднаш беше „подготвен“ зборот „тероризам“, и тоа од страна на претседателот на државата, нападот врз NAACP во Америка беше квалификуван како нешто поинакво во медиумите, што произведе реакција на социјалните мрежи.

„Муслимански напаѓач = виновна е целата религија;

Црн напаѓач = виновна е цела раса;

Бел напаѓач = ментално болен волк самотник“, забележува Американката Селу Кон, на Твитер.

Секоја религија може да се злоупотреби за убиствени цели, без оглед како се викала книгата околу која се врти – Куран, Библија, Тора, дури и безбожниот Капитал на Маркс. Но, сталинизмот не е и никогаш нема да биде исто што и комунизмот, израелски ционизам, кој врши геноцид над Палестинците, не е исто што и еврејската вера, институционализираниот католицизам не е исто што и верата која голем број христијани ја читаат од науката за Исус, ниту Исламската држава не е по мерката на Алах.

Премолчување на военото злосторство – согласување со станувањето мета

Загинатите карикатуристи од списанието Шарли Ебдо, легитимно анти-религиознен, провокативен сатиричен весник, за своја најдобра книга на сите времиња, по можност, ја избирале „Потеклотото на видовите“, или којзнае кое дело од ренесансен или модерен хуманист и сатиричар. Исмејувајќи го Мухамед – „Тешко е кога те обожуваат кретени“ – ги исмејуваа оние кои беа подготвени да убијат за својата религија. Со исмејувањето на папата, се подбиваа со фанатичните католици кои со противењето на контрацепцијата сеат смрт со ширењето на сидата. Ги исмејуваа фанатичноста и догмите, кои произлегуваат од злоупотребените верски учења, верите кои имаат дотолку помалку смисла, заради тоа што се одредени од географијата и културата – местото каде некој е роден.

На крајот, ги изгубија главите како симболи за непочитување на светците. Дали нивните животи ќе беа поштедени ако ја немаше ароганцијата на „слободниот свет“ кој сее смрт на координатите каде Исламот е доминантна религија или ако од 2001 година, по рушењето на симболите – Близначки – не дојдеше до премногу лесно манипулирање со квалификацијата „терорист“, нема да знаеме затоа што не е можно да се врати минатото. Но, најлошото што може да се направи за нив е постхумно да се дозволи да дивеењето на нетолеранцијата кон Исламот и прогласувањето на муслиманите за терористи, нивното повторно протерување од тлото на „напредната Европа“ и посетата на протестите на Пегида. Таа вероисповед е доволно демонизирана по хистеријата од 11 септември, која послужи како морално алиби за разурнување на Ирак и радикализација на земјите, кои со интервенциите на „напредниот, слободен свет“ беа соборени на колена.

Колку и да е глупава и гадлива смртта на овие инспиративни и мирољубиви луѓе, кои со хумор и снаодлив ум се бореа против парализирачкото безумие, тие само ќе ѝ се придружат на низата имиња со западни жртви на тероризмот, затоа што на спротивната страна жртвите се бројат во десетици и стотици илјади безимени лица. Сè додека мирно ги набљудуваме ликвидациите со помош на беспилотните летала, кои со џојстик ги управуваат гејмерите со мозолчиња во Алабама, со нејасна перцепција дека од другата страна на нишанот на „видео играта“ имаат луѓе од крв и месо; сè додека не се бунтуваме, се согласуваме со поддршката за нашите влади - нашите пусиќ-колинда-марио нобило и другите Кисинџерови газолижачи..; сè додека не бараме одговорност за воените злосторства кои ги направија луѓето од нашите редови и сè додека животите на Европејците ни вредат многу повеќе од загинатите јужно и источно од нас... Ние не сме Шарли. Ние сме неговите убијци.

Извор: www.lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото