Дали и малтретирањето животни е дел од карневалската традиција?!

15.01.2015 13:57
Дали и малтретирањето животни е дел од карневалската традиција?!

Љубители на животни (меѓу кои и малолетни деца!) ни пишаа за случката на која биле сведоци. Имено, денес на карневалот во Вевчани, неколку момчиња на околу 20-годишна возраст на стап имале наденато куче (најверојатно хаска или германски овчар кое било испуштено и кое било хрането од лица љубители на животни) и го удирале, и тоа не само тие, туку кој ќе стигнел. Кучето било мртво (не се знае дали како резултат на овој морбиден чин или претходно било мртво), за на крај да го фрлат во огнот. Исто така, сведоците ни потврдија дека и живи кокошки биле бодени на вили и усмртувани.

Како Здружение за заштита на животните, но и како морални, осетливи човечки битија, крајно сме згрозени од овој морбиден чин. Замолуваме институциите да постапат согласно Законот за заштита и благосостојба на животните и Кривичниот закон и да го истражат овој случај, за кој најверојатно има и видео запис и слики.

Која ли траума и мачење е тоа за животните? Која ли траума за посетителите на овој традиционален настан, меѓу кои и многу дечиња? Што се сака со овој „маскенбалски чин“ да се постигне и дали е ова дел од човечна традиција? Како може да се исмејува нечија смрт? Тоа ли е човечно? Зарем ова е културен чин кој треба да биде промовиран од владата на РМ и Министерството за култура?

Апелираме и психолози сериозно да го испитаат менталниот склоп на овие личности, со оглед на тоа што ова е само предепизода на манифестирање насилство врз луѓето (впрочем, истражено е дека повеќето од злосторниците пред да прибегнат кон убиство на некој човек, претходно имале малтретирано животинки).

И да, некој мудар човек (Питагора) одамна рекол: Сè додека се убиваат животинки, ќе се убиваат и луѓе. И да знаете дека не згрешил!

Уште еднаш, апелираме овој случај да биде сериозно разгледан и осветлен, а злосторниците соодветно казнети.

Извор: www.facebook.com/AnimaliaOhrid, 14.01.2015.