Заминувам од земјата во која среде бел ден владее најмрачната ноќ

16.01.2015 11:04
Заминувам од земјата во која среде бел ден владее најмрачната

Заминувам, си реков себеси во тврдата фотелја, од земјата во која е прогонето, уништено, избришано сè што на таканаречениот човечки дух некогаш му пружаше задоволство, а ако не задоволство, тогаш барем можност да ја следи својата егзистенција, од земјата во која изгледа дека владее само уште најпримитивниот од сите нагони, оној за одржување, и во која и најмалото барање на таканаречениот човечки дух се гуши уште на почетокот. Во која корумпираната држава и исто така корумпираната Црква заедно го влечат оној бескраен коноп кој пред повеќе векови со најголема безобѕирност и во исто време сосема премолчено го обвиткаа околу вратот на тој слеп и навистина глупав народ кој неговите владетели навистина го затворија во неговата глупост. Во која вистината се гази, а лагата од сите официјални места се воздигнува како единствено можно средство за сите цели.

Ја напуштам земјата, си реков себеси, седејќи во тврдата фотелја, во која вистината не се сфаќа или сосема едноставно не се прифаќа, и каде нејзината спротивност е единствена валута. Ја напуштам земјата во која Црквата е дволична и во која социјализмот кој завладеа експлоатира, а уметноста го кажува она што е по нивна волја.

Ја напуштам земјата во која народот, вешт во глупавоста, дозволува црквата да му ги затне ушите, а државата устата, и во која сè што ми е свето со векови завршува во кантите за ѓубре на владетелите.

Ако заминам, си реков себеси во тврдата фотелја, само ќе заминам од земјата во која всушност повеќе немам што да барам и во која никогаш не сум ја нашол својата среќа. Ако заминам, ќе заминам од земјата чиишто градови смрдат, а жителите на тие градови се подивени. Заминувам од земјата во која јазикот е прост, а оние кои го зборуваат тој прост јази, сè на сè, станаа духовно непресметливи.

Заминувам од земјата, си реков себеси во тврдата фотелја, во која таканаречените диви ѕверови станаа единствен пример. Заминувам од земјата во која среде бел ден владее најмрачната ноќ и во која на власт се всушност само уште грлатите аналфабети.

Ако заминам, си реков себеси во тврдата фотелја, само ќе излезам од клозетот на Европа, кој се наоѓа во одбивно неутешна и сосема недозволиво валкана состојба, си реков себеси.

Заминувам, си реков себеси седејќи во тврдата фотелја, значи, зад себе оставам земја која со години само ме притиска на најштетен начин и кој само, во секоја прилика, сеедно каде и кога, подмолно и злобно врши нужда врз мојата глава.

Извадок од романот „Бетон“ (1982)

Извор: Акузатив
Слика: Sedki Alimam