Шарли и ориентот

16.01.2015 16:53
Шарли и ориентот

Мухамед? Моментално е залудно да се бара неговиот лик во арапскиот свет, особено онаа карикатура од насловната страница на сатиричниот весник Шарли Ебдо. Читателите во ниту еден арапски медиум не можат да го видат расплаканиот родоначалник на исламот. Најголемиот број весници во Алжир, Египет или Саудиска Арабија одлучија само спорадично да известат за излегувањето на новиот број на францускиот сатиричен весник.

Сосема поинаква карикатура осамна во алжирскиот весник Ал Џумхури. Тука е прикажан предимензиониран Евреин кој плаши една жена со кукла која симболизира муслимани. Карикатурата потсетува на антисемитските пропагандни цртежи од времето на нацизмот. Пораката на алжирскиот весник, една недела по терористичкиот напад во Париз, во кој учествуваа исламистите од алжирско потекло, е дека наводно Евреите се вистинскиот непријател на човештвото.

Оправдана лутина?

Интернет весникот Ал Араби ал-џадид од Лондон се посвети сериозно на новите карикатури на францускиот сатиричен весник. Коментаторот Азми Башара вели дека линијата на раздвојување на слободата на говорот и говорот на омраза, односно свесното дифамирање, неретко е едвај видлива. Сепак: „Мораме да се запрашаме дали карикатурите на пророците од сите религии, па и исламот, навистина можат да наштетат на нивниот углед. Дали случаите како што е овој се навистина оправдана причина за милиони муслимани, да станат, да се коцкаат со својата иднина, со своите планови и односи со другите народи?“

„Ислам = мир“ - демонстрации во Мадрид

Гневни гласови

Потврдно одговараат многумина на интернет. На Твитер се среќаваат гневни или дури цинични коментари. Еден учесник во дискусија на социјалните мржеи вели дека Шарли Ебдо повторно ги плука муслиманите во лице. А еден муслиман од источна Азија најавува дека ќе се одмазди за навредата на Мухамед. И реакциите кои стигнуваат на адресата на Ал Џезира покажуваат дека многумина не се согласуваат со сатиричната насловна страница. „Исламот е мирољубива религија, но да се исмевате со верата на другите или да ги навредувате, тоа повеќе не е слобода на мислење туку говор на омраза“, се вели во еден коментар. Други пак говорат за политичката позадина на нападот: „Важна причина е слабоста на муслиманските држави, слабите и предавнички владејачки династии. Добрите муслимани мораат да се дистанцираат“.

Реакции од Турција

Реакциите во Турција се поинакви отколку оние во арапскиот свет. Повеќе медиуми на интернет ја прикажаа насловната страница на Шарли Ебдо. Денес тие траници се блокирани по судска одлука. Џумхуриет, весникот кој критички известува за работењето на турската влада, извести дека во Истанбул полицијата ги запрела возилата кои ги дистрибуираат весниците, проверувајќи дали е испечатена и карикатурата на Мухамед. Весникот пред тоа најави дека од солидарност со нападнатите колеги во Париз ќе испечатат четири страници од нивниот весник.

Турскиот сојуз на новинари ја обвини полицијата за задушување на слободата на говор. Полицијата го засили присуството пред зградата во која е сместена реадакцијата поради најавените демонстрации. На турските социјални мрежи се води жестока дебата. Еден учесник вели: „Во мојата земја нема место за Шарли Ебдо“. Друг коментатор вели: „Смртта на луѓето кои на тој начин го исмеваат нашиот пророк не е вредна за да бидеме погодени поради неа“.

Демонстрации во Турција по терористичките напади

Египетски авторитет за Фатва

Уште пред излегувањето на новиот број на францускиот сатиричен весник се јави и Ал-Ифта, исламската институција задолжена за изрекување фатва. Објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед според тоа толкување е провокација за милијарда и пол муслимани, а објавувањето ќе предизвика нов бран омраза кај француските и другите западни муслимански заедници. „Активностите на сатиричниот весник стојат на патот на напорите на муслиманите да воспостават мирољубива коегзистенција и дијалог меѓу цивилизациите“.

Истата инстанца остро ги осуди терористичките напади во Париз, но сега ги критикува и новите карикатури: „Тие се опасна ескалација во однос на хуманистичките вредности како што се слободата, културната разноликост и почитувањето на човековите права. Меѓутоа, тие вредности се неопходни за зачувување на мирот во општеството. Освен тоа, ваквите акции го продлабочуваат чувството на омраза и дискриминација како кај муслиманите, така и кај немуслиманите“.

Кујнскиот нож од Кина

Меѓутоа, на адресата на Ал Џезира стигна реакција од еден читател кој смета дека таквите реакции се претерани. „Да, Шарли Ебдо објави карикатура на пророкот Мухамед. Па што? И ако сега целиот свет одлучи да ја објави карикатурата на пророкот, дали би требало да се нафрлиме на него, вооружени со кујнски ножеви од Кина и со американски качкети на главите?“

Извор: Deutsche Welle