Реакции за апсењето и скандалозната пресуда за Кежаровски

17.01.2015 12:36
Реакции за апсењето и скандалозната пресуда за Кажеровски

ЗНМ: Затворањето на Кежаровски е брутален чин на насилие

Ова е брутален чин на демонстрација на сила откако новинарската заедница во Македонија едногласно ја отфрли казната затвор од две години за Кежаровски како неприфатлива и побара негово ослободување. Ваквото однесување само потврдува дека одлуката е политичка а не судска. Правда во Македонија делат партиите на власт а не судовите! Итно го повикуваме Mинистерот за правда Аднан Јашари да покрене иницијатива за ослободување на новинарот Кежаровски, а Претседателот Ѓорге Иванов веднаш да ја прифати.

Бранко Героски: Да го организираме најмасовниот протест против оваа терористичка власт

Според последните информации - за кои сакам да се покажат неточни! - терористичката и криминална власт вечерва итно го привела нашиот колега, новинарот Томислав Кежаровски, во затворот во Шутка. Намерата е очигледна - да се осуети каква било акција за спречување на неговото приведување. Предлагам да возвратиме на единствениот можен начин. ЗНМ за во вторник најави протест. Нека биде тоа најмасовниот и најжестокиот протест досега - нека учествуваат не само новинарите, туку и граѓанските организации, сите политички партии и сите граѓани на кои им е мила правдата и слободата. Сите!!! Никој не смее да биде исклучен!!!

Во овие последни неколку години, НЕМАЛО ПОСИЛЕН МОТИВ И ПОСЕРИОЗНА ПРИЧИНА од оваа да го изразиме нашиот револт. Ако ова го премолчиме, или ако организираме само млак и симболичен протест, ќе покажеме дека не сме достојни да се наречеме новинари, ама и луѓе!!!

Бранко Тричковски: Судирот е неизбежен!

Кога историјата ќе ве соочи со вакви времиња, изборот секогаш е трагедија (Пазолини)! Кога отклонот на власта од нормалноста, од минималната пристојност и човечност е голема колку во Македонија, судирот е неизбежен и не зависи од волјата на поединците или од карактерите на нациите! Случајот со Кежаровски многу убедливо ја илустрира терористичата природа на тие отклони кои во немоќта и очајот на општеството, порано или подоцна ќе го родат теророт против власта! Проблемот кој треба да го реши преостанатата нормалност во Македонија е како да одговори на овие тенденции и процеси ако се знае, евидентно е, дека власта е таа која посакува вакво финале, власта е таа која од почетокот работеше и работи се за да дојде до таква внатрешна самоуништувачка имплозија на Македонија! Го поддржувам апелот на Героски и на другите за масовен протест против насилното приведување на Кежаровски со сите оценки изнесени во тие повици, но останува клучното прашање: организацијата, артикулацијата, методите на борбата за слобода, средствата на борбата, парите и изворите на пари, логистиката, сојузништвата, поддршката и помошта од дома и од надвор! Времето за шетање и морализирање помина, а повисоката фаза бара и повисоки дострели на разумот и духот!

Тамара Чаусидис: Што е толку опасен Кежаровски за експресно да се носи во затвор?

Дваесетина новинари го пречекаа пред затворот Шутка новинарот Томислав Кежаровски кој експресно од својот дом беше однесен на издржување на казната. Шокирани сме од брзината, непозната во историјата на македонското судство за така експресно да се спроведе казната. Сведоци сме дека има високо профилирани личности кои имаат правосилни пресуди, а сè уште се на слобода. Пресудата за Кежаровски беше објавена вчера, а не поминаа ни 12 часа и тој е спроведен во затвор. Како новинари сме запрепастени и прашуваме што толку е опасен Томислав Кежаровски и зошто е опасно македонското новинарство, па вака експресно набрзина и ноќе да се затвора.

Цивил: Остра осуда на македонското судство во случајот Кежаровски

Претседателот на Цивил – Центар за слобода, Џабир Дерала рече: Ваков судски процес кој им носи страдање во животите на луѓето, ги крши човековите слободи и основните принципи на демократијата е невиден во Европа многу долго време. Ова судење и пресудата против новинарот Томислав Кежаровски се фларгантен доказ за крајно политизирано судство.

Дуња Мијатовиќ: Неприфатливо е Кежаровски да се лиши од слобода

Неприфатливо е Кежаровски да биде и понатаму лишен од слобода. Отсекогаш сум го признавала владеењето на правото и работата на судството, но ова што се случи синоќа со апсењето е многу разочарувачко и несоодветно. Затворањето новинари за она што го рекле или напишале е неприфатливо во демократии. Затворањето на Кежаровски е опасно за слободата на медиумите и истражувачкото новинарство.

СДСМ: Насилството што се случува врз Кежаровски е врв на беззаконието

Насилството што се случува врз Кежаровски е врв на беззаконието Режимот на Груевски, налик на оние во Северна Кореја или Белорусија, со судско-полицискиот инструмент со којшто владее, кон новинарот Томислав Кежаровски постапи како што во една демократска држава не се постапува дури ни кон докажани криминалци. Скандалозно е, во услови кога пресудата не е доставена до странките во постапката, адвокатите на Кежаровски и до новинарот, Томислав Кежаровски насила, во доцни вечерни часови, да биде земен од дома со полиција и однесен во затвор. Праксата во Македонија не познава толку експресно извршување на судска предсуда. Насилсвото што се случува врз Кежаровски е врв на беззаконието и страотен удар врз слободата на изразување во Република Македонија.

Зоран Заев: По којзнае кој пат Груевски со лик на најголема КУКАВИЦА ја применува излитената тактика во негово отсуство да теледиригира бездушно злосторство!

Вечерва се случи најкукавичкиот, најподлиот, најсрамниот и најбруталниот чин на урнисување на човековите права, со што Македонија во секој поглед го достигна дното на сите дна. Итното приведување на новинарот Томислав Кежаровски за издржување на затворската казна е настан од кој треба да се срами цела држава. Вечерва и на најзакоравените поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и на сите оние кои сè уште веруваа дека постои барем една трошка од некаква слобода и демократија во оваа наша земја, веројатно им станува јасно дека Македонија ги губи сите нишани на една нормална држава. Сега и најголемите скептици во рангирањето на Македонија на 123 место во слободата на медиумите, зад Мали, Либан, Конго, Никарагва, Уганда, Мозамбик и други слични земји, стануваaт свесни за поразителната вистина дека Македонија е на работ на бездната од која нема враќање. По којзнае кој пат Груевски со лик на најголема кукавица ја применува излитената тактика, во негово отсуство да теледиригира бездушно злосторство, демонстрирајќи сила и грубо кршење на сите можни човекови права.

Мирјана Најчевска: Да се знаат имињата на судиите кои ја донесоа одлуката за Кежаровски

По име и презиме, да се кажат судиите кои ја донесоа осудителната одлука за новинарот Кежаровски во прв степен и на апелација. И да се запаметат. И да бидат повикани на одговорност. И да не се дозволи да бидат исти такви слуги на некоја друга власт. Затоа што на ваквите судии не им е важно кој е на власт. Тие секогаш ќе бидат против правото, против слободите и правата на граѓаните и против здравиот разум.