Аце на јајце

18.01.2015 09:20
Аце на јајце

Универзална, некогаш најголемата сала во Македонија, каде што се одржаа најважните настани од поновата историја, кои одбележаа цели генерации, сега ќе ја викаме Конгресен центар „Александар Македонски“. Старото име ќе остане, но ќе се сведе на 2.500 седишта во најголемата просторија од комплексот, која ќе му биде посветена на Тоше Проески. Со збришувањето на сегашниот објект, партерот, фонтаната и малото зеленило пред монументалната градба, ќе биде избришано и името. Повеќе нема да се чекаме пред Универзална, туку пред јајцето на Александар.

Со ова ни снесоа уште еден антички симбол, протнаа уште едно кукавичко јајце. А без никаква логика: кој може да објасни зошто современ центар во форма на јајце е наречен Александар Македонски? Директорката Весна Бошковска вели дека имињата се дадени „во контекст на сите збиднувања во Македонија“ и дека управата сакала да има „дел од придонесот“. Придонес за што? За државата, нацијата, за културата? Дали во тој случај преименувањето на препознатливите објекти е и преименување на нацијата?

Аце е сега во центарот на малиот македонски универзум, а околу него гравитираат сателитите од херојското време на ВМРО. Според нив ќе бидат именувани другите сали во конгресниот центар. Не е за изненадување во оваа манија да бидат крстени и тоалетите во новиот објект. А не е чудно, за нив, црната пропаганда на владејачката партија да најде име на некој партиски отпадник, на граѓански активист или на опозиционер.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото