Разлика

18.01.2015 09:42
Разлика

Разлика

Две свадбени фотографии.
На двете сум јас.
Во идно време.
Во бело.

Две свадбени фотографии.
На двете ме има.
Во средина.
На двете се смеам.
На едната од среќа.

 


Молчелива книга

Книга сум
Книга испопишана
Со бели букви
Мораш црнила да истуриш
За текстот да се разјасни
А ме гледаш
И си мислиш празна сум


Те чувам

Те чувам на врвовите од косата
За да те допирам секогаш кога се чувствувам несигурно
Те чувам во малото џепче од чантата
Барајќи те наместо смисла во сивите понеделници
Те чувам во новчаникот
Како потсетување дека некои нешта немаат цена
Те чувам наместо лаванда во плакарот
Да ми текне дека не е важно само што облекувам
Туку и пред кого си ја соблекувам душата
Те чувам како подголтната плунка
Во костец со животот

Те чувам
Како последна тегла слатко од капини
Како цеде на Вања Лазарова
Како слика на Никола Мартиновски
Како монографија за Ненад Стојановски
Како крушевски локум
Купен директно од домашната фабрика
80 со ореви, 60 обичен

Те чувам како утре
Без кое не би имала
Сила за денес

Маријана Јанческа е родена на 29.05.1987 во Скопје. Во моментов предава Македонски јазик и книжевност во гимназијата „Гостивар“ во Гостивар. Пишува литературна критика, поезија и кратки раскази.

Слика: Мајк Велинс

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото