Шилегов: Проектот „Скопје 2014“ е бунар без дно

18.01.2015 12:13
Шилегов: Проектот „Скопје 2014“ е бунар без дно

„Проектот 'Скопје 2014' заврши. Се прават пресметки, анализи, на повеќе полиња како поминала годината, па ред е да се погледне и во скопското камено поле, проектот 'Скопје 2014'. Што донесе, што однесе, што ни остави. И што да се види: Бунар без дно! Денеска ќе зборуваме за само 5 примери. Ова што денеска го објавуваме не е ништо во споредба со она што ќе го слушнете и видите документирано во следните неколку дена за наводно патриотскиот проект 'Скопје 2014'“, изјави денеска на прес конференција портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

„Објектот на Македонската филхармонија според официјалните изјави дадени лани требаше да чини околу 7.000.000 евра. Сè уште незавршена, оваа зграда, не однесе двојно повеќе пари, не однесе тројно повеќе пари, не однесе ни четири пати повеќе. Зградата на Македонска филхармонија, од проектот „Скопје 2014“ во 2015 година сè уште се гради и до сега има изедено околу 41.000.000 евра (40.900.000 евра) народни пари! Споредбите со изградени концертни сали во регионот, дури и во светот шокираат. Концертна сала во Фрајбург, Германија по којашто е граден објектот на Македонска филхармонија, е двојно поголема а чини помалку! Концертната сала во Солун, изградена на двојно поголема површина чини дури помалку од недоизградениот објект на Македонска филхармонија во Скопје“ - вели Шилегов.

Тој тврди дека незавршениот проект Карпошово востание според основниот договор, требало да чини 5.000.000 евра.

„До сега се потрошени двојно повеќе пари, 10.300.000 евра. За четирите фонтани, само хонорарот на омилената скулпторка на власта на Груевски, Валентина Стефановска, е плус 1.500.000 евра (1.487.900 евра)! Вкупно до сега Карпошово востание однесе близу 12.000.000 евра! Ама камо да беше тоа сè. Оваа година се земаат нови 760.000 евра пари од Буџетот на Македонија, со што плоштадот ќе достигне трошоци од околу 13.000.000 евра, ако имаме среќа да заврши годинава. Паркот Пионир Плаза во Далас, Тексас, на 17.000 м2, со 73 споменици чини 9.000.000 долари или најмалку 5.000.000 евра помалку од нашето Карпошово востание. Реконструкцијата на објектот на Стариот театар беше најавена дека ќе чини 6.000.000 евра. Но реконструкцијата заврши за околу 40.000.000 евра! Повеќе од 34.000.000 евра од предвиденото“, нагласува портпаролот на СДСМ.

Шилегов вели дека Музејот на ВМРО според основниот договор требал да чини 4.500.000 евра.

„Но, тој чини околу 15.000.000 евра повеќе! 20.596.000 илјади евра! Мостот 'Око' првично требаше да чини 1.500.000 евра. Потрошени се 1.500.000 евра повеќе. 2.700.000 само за изградба, плус со спомениците и хонорарите сумата се издига на околу 3.000.000 евра (2.959.178 евра). За споредба, не во светот, не во регионот, во истиов град, Скопје, двата моста, на Вардар кај Хром и мостот Близнак, низ кој се вози, чинат според објавеното двојно помалку од пешачкиот мост 'Око'“, изјави Шилегов.

Извор: Плусинфо, 17.01.2014.
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото