Протест против затворската пресуда за Кежаровски

19.01.2015 10:59
Протест против затворската пресуда за Кежаровски

Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски ги повикуваат новинарите, медиумските работници и сите граѓани во вторник (20 јануари), во 12 часот да дојдат пред Апелациониот суд на протест поради одлуката Кежаровски да биде осуден на затворска казна.

Од Апелација, собраните новинари и сите граѓани во поворка ќе продолжат кон зградата на Владата на РМ, за и таму да го изразат своето несогласување со затворската казна за новинарот Кежаровски. Сметаме дека единствената прифатлива одлука е ослободување на колегата, оти тој е невин! Неговите текстови објавени во 2008 година за кои е осуден, откриваат манипулација на одредени полициски структури со заштитен сведок, кој потоа и самиот призна дека во случајот „Ореше“ сведочел токму под нивна закана.

Затоа, ве повикуваме да застанете во одбрана на новинарската слобода и зад слободата на јавно изречениот збор во Македонија.

Борбата против цензурата е и лична битка на Томислав Кежаровски, но и битка на сите граѓани во Македонија.

Дојдете во вторник, во 12 часот пред Апелациониот суд да кажеме НЕ на притисоците врз новинарството и обидите да се зароби слободниот збор.