Колаборационизам, контрачети и контра-пленум

19.01.2015 13:41
Колаборационизам, контрачети и контра-пленум

Колаборација значи соработка помеѓу повеќе учесници во некој процес или активност. Тоа сите го знаеме. Но, веќе е подзаборавено дека зборот – особено по Втората светска војна – доби изразито негативно значење, зашто со него беше нарекувана соработката со странскиот окупатор во текот на војната. Во Европа, безмалку немаше земја што потпаднала под окупација да немала дел од домашното население кој активно не соработувал со окупациските власти. Така колаборацијата, која во своето претходно позитивно значење подразбирала симетричен однос на рамноправна соработка, добила асиметрично значење на соработка на домашното население со победничките власти на окупаторите, а поимот станал пејоратив со кој се нарекувале морално најдолните луѓе - предавниците на својата земја. Во најдолната кота во историјата на Европа, секоја земја ги имаше своите колаборационисти кои ја помагаа или ја одржуваа странската окупација. Во Норвешка тоа беше режимот на Квислинг, Франција ја имаше Петеновата влада, Белгијанците го имаа движењето на Рексистите, практично сите европски земји окупирани од Хитлеровата Германија ги имаа своите колаборационисти. Во распарчената Југославија најодвратен пример на колаборационистичка влада беше крвавата Независна Држава на Хрватите, но тука беа и Рупниковиот режим во Словенија, Недиќ и Љотиќ во Србија, Цолакоглу и Ралис во Грција итн.

Бугарската окупација на делови од нашата денешна територија била специфична по својот „внатрешен“ карактер, зашто бугарската окупаторска војска се чувствувала како ослободителна армија, па немало потреба од формирање на некоја посебна домашна „колаборационистичка“ политичка управа или влада која би ја одржувала власта во име на окупаторот. Така, од почетокот на окупацијата во 1941 година, македонските колаборационисти биле поедини граѓани, најчесто од редот на локалната граѓанска административна и интелектуална елита, кои партиципирале во органите на бугарската власт. Но, по започнувањето на македонското ослободително востание, биле формирани злосторничките колаборационистички одреди, чијашто задача била да се борат заедно со окупаторската полиција и војска, против македонските комунисти и партизани. Тоа биле таканаречените контрачети, најдолните предавнички платеници, човечкиот отпад македонски, формирани од дробината на михајловистичките вмровски ништожници и предводени неретко од вмровските војводи, кои се „калеа“ претходните децении тероризирајќи го сопствениот народ и егзекутирајќи цивили. Првите контрачети биле формирани кон крајот на 1942 година, а до последното лето на окупацијата 1944 на наша територија оперирале помеѓу 180 и 200 контрачети, чијшто крвав учинок против македонските борци за слобода не е детално проучуван, ниту прецизно документиран.

Денес, под внатрешната окупација на режимот на Груевски, кај нас повторно се појавија контрачетите што окупаторот ги формира за борба против инакумислечките и за разбивање на слободарските движења и манифестации. Контра-протестите, контра-иницијативите и контра-пленумите што ги организира и плаќа окупациската власт на ДПМНЕ, тоа се сите нови македонски платенички контрачети, тоа се историските наследници на контрачетите што ги убиваа младите комунисти и партизани, тоа е истиот неморален хуман талог, истата изродена бесчесна гнасота. Кога велам наследници на михајловистичките контрачети, на фашистичките платеници, не мислам – се разбира – на правни или биолошки наследници, туку на морални и психопатолошки репликанти. Зашто, историјата не се повторува – тоа е повеќе од сигурно – но, како што рекол Марк Твен, таа се римува. Или, искажано со позитивистички јазик, слични историски ситуации ги вадат на виделина сличните психосоцијални профили. Во секоја окупација својата златна прилика ја препознаваат истите морални гнаси. Тука мора секогаш да се прави разлика помеѓу окупираното население кое е принудено својата егзистенција, макар и неволно, да ја обезбедува со вршење на своите затекнати должности, и оној најдолниот морален слој што своите услуги доброволно ги нуди на окупациските сили, помагајќи и на власта во нејзината неправедна борба за уништување на слободата и слободарите. Овие вториве се платениците за коишто лукративниот мотив е најважниот аспект на нивниот подол ангажман.

За кого, всушност, јас зборувам? Па, за професорката Икс и студентот Ипсилон (покрај многуте други), што пред некој ден ги гледав како во својство на универзитетски контрачети даваат изјави, пет минути пред да се донесат злосторничките измени на Законот за високото образование. Изјавите ги даваа со грб свртени кон Она што некогаш беше Собрание, а сега е извршна канцеларија на режимот, значи непосредно пред местото на злосторот. И професорката и студентот (како претставници на одделни, „спонтано“ формирани контра-пленуми) бладаа ист текст, демек тие силно ги подржуваат измените на законот и тие се подготвени за демократска и стручна дебата, но ете студентите и професорите што протестираа ги нема да ги кажат своите аргументи!? Кој и зошто би дебатирал за било што со овие подземни лазачи, со овие најжилави дарвински опортунисти од коленото на arthropoda?! Испадна како да беше во право Груевски кога патетично изјави дека македонската наука е на дното на Европа (а тоа е за нас, шампионите во сите други области, апсолутно неприфатливо!), зашто да имаше научници, биолози, зоолози, сеедно, тие сигурно нема да ја пропуштеа приликата да ускокнат во кадарот, да ги уловат овие два екстремно ретки, длабоко подземни примероци на животинки кои се покажуваат на дневна виделина; да ги стуткаат во своите специјални мрежи и да ги однесат во заштитени лабораториски услови, од каде што потоа ќе потечат првите навистина оригинални придонеси на македонската зоологија во најеминентните светски списанија со турбо инџекшн импакт фактор.

Но, шегата настрана, се работи за вистинската мерка на нашата мизерија: кога во еден историски миг на површината на земјата, на дневна светлина, од длабочините на подземниот субморален свет, ќе излазат контрачетите од сите фамилии и родови, тоа е сигурен доказ дека во тоа општество владеат ужасните услови на фашистичка окупација, слични на оние во коишто излегоа и оригиналните вмровски контрачети од пред седумдесет и кусур години. Со нив нема потреба да дебатираме: тие ќе исчезнат заедно со темните, подземни услови во коишто природно виреат, тогаш кога ќе ги поразиме оние што со измама ја окупираа Македонија и ја престорија во мрачен анаеробен свет на задушени слободи и изопачени вредности.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат