1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 15:40
Абориџините во Австралија се со најдолга светска традиција на сликарство, која во континуитет опстојува четириесет милениуми, и која вклучува од окер сликарство на карпи, во поново време на кора и дрвени плочи, на скулптури, до рецентното сликање со акрилик на платно.
Абориџините се еден многу питом народ со посебен однос кон земјата и животната средина. Едноставно, за нив е несфатливо некој да повлече граница и да каже оваа територија е моја, бидејќи во самата суштина на релацијата со Земјата тоа е невозможно.
Тоа е во суштината и на ставот на Еколозите. Земјата не ни припаѓа само нам луѓето кои живееме денес, кои така беспоштедно ја експлоатираме и ја уништуваме, туку на сите генерации кои доаѓаат по нас. Ние луѓето и целокупниот животински, растителен, минерален свет на некој начин ù припаѓаме на Земјата. Се разбира, и таа ни припаѓа нам, но не како територија која ја поседуваме, туку како жив организам кој го негуваме и за кого се грижиме. Затоа Абориџините и ден денес не можат вистински да се социјализираат во едно општество во кое „поседувањето“ е сржта на „цивилизацијата“.
Припадноста на Земјата, на една земја, е базичниот идентитет според мене. Мислам дека е на исто рамниште со духовниот идентитет, само разликата е во „густината на чувството“ (Земја- Небо). Потоа следува етничкиот идентитет и/или секој друг. Тој култ кон земјата го градеа доселениците во Новиот свет, а нема да го изградиме ние кои имаме толку богата култура и историја на оваа почва?
Македонци се сите кои припаѓаат на земјата Македонија плус Републиката Македонија.
Значи прво сите сме Македонци, а потоа Македонски Словени, Македонски Албанци или Албанци, Власи, Турци, Роми, Срби итн. и општо Македонци (сите други кои, да речеме не се чувствуваат како Македонски Словени или што било друго).
Аналогијата со Абориџините ми беше во колосалната наивност на овие „примитивни“ луѓе, кои, иако белците ги масакрираа, истите ги сметаа за богови, заради бојата на кожата. Просто некои народи „се обдарени“ со питомост, кроткост и наивност. И тоа не може да се промени бидејќи им е во кодот. Веројатно тоа се тие кои долго време опстојувале надвор од „цивилизацијата“. Кај нив времето тече „во друг ритам“. Сето ова треба да го осознаеме ако сакаме до крај, и темелно, да се разбереме и себеси.
Како што сме хендикепирани оти навреме не сме ги стекнале придобивките на цивилизацијата, така, од друга страна, не сме ни кармички обременти од нејзините недела. Ако сме барем малку мудри, овој наш феномен може да го „свртиме“ во наша корист.
За една мала земја имаме доволно историја, култура и
уметност, само треба да научиме како да ги цениме и да ги негуваме. Да не заборавиме дека во разни епохи тука се зачнати напредни идеи. На пример Богомилското движење е зачеток не само на феминизмот туку и на социјализмот, уште пред илјада години. Штета што ортодоксните верници ги прогонуваа и ги сотреа како еретици. Па “... Византија, логичниот следбеник на Антиката. Тоа е Византија - трансферот на сè што е вредно од достигнувањата на античкиот свет, заедно со истиот ислам кој имаше доблест да зачува иако не се согласува.“ („Два света“ Н. Корубин, Глобус бр. 402) итн. Значи, постои идеја за Македонија во континуитет, таа не е нешто туку-така падната од Марс.
И, конечно, да се ослободиме од култот кон Александар III Македонски. Бидејќи тој, меѓу другото, е и еден обичен кољач и пљачкаш. Така „освојувајќи“ територии и ширејќи ја хеленистичката култура, сепак, заклал многу луѓе...
Бидејќи ни треба некаков култ јас сум култот кон личностите да се замени со култот кон Земјата. Затоа кон Абориџините, за кои култот кон земјата е сосема природна појава, како нишка им е вградена во ДНК (исто како и древноста колку што е древна Земјата), отсекогаш сум негувала симпатии, има во нив некаква чистота која плени.
Абориџините се големи сонувачи, (видете го филот на Вим Вендерс „До Крајот на Светот“, Until the End of the World, 1991) можеби сонувале нешто убаво за нас... Тие питоми луѓе, односно заедницата на Абориџините, први ја признаа независноста на Република Македонија уште следниот ден откако ние прогласивме независнот во 1991 година. Ете, за да дознаат помладите луѓе го изнесувам овој податок.
Се погреба високото образование, му запалија свеќи. Тоа беше само симболички перформанс! Сепак мислам дека зрачеше со дефетизам и малодушност! Можеби беше и непотребна случка. Акциите на студентите и професорите би требало да го креваат еланот, а не да го задушуваат во самосожалување. (Можеби тоа беше знак дека од сега натаму им е потребен лидер, или група лидери кои ќе ротираат, и во Студентскиот и во Професорскиот пленум.)
Таа мантра „Ропска Македонијо“ посакувам последен пат да ја слушнавме тогаш пред собранието. Добра беше за отрезнување во таа фаза, и толку. Професорите, односно академската јавност ја преземаат задачата да ја корегираат државата и републиката да ја постават на здрави темели. Заедно со студентите. Тоа е нивна историска должност.
Несебично вложен труд и позитивна енергија, за идеал, се враќаат многукратно. Кога едно општество станува похумано и поцивилизирано, тогаш сите ги чувствуваме придобивките. Така преку општа квалитативна промена подиректно достигнуваме благосостојба отколку со градење лична кариера.
Сите освен контрашите (контрапленумците, контрареволуционерите, колаборационистите) треба да бидат во големиот список на професорите за осуда на противуставните акти што се донесуваат од оваа власт. Ако некој не е во тој список, тогаш е во тој на контрашите. Нема повеќе неутрална позиција. Нема повеќе трета позиција (антагонизирање).
Уставот е згазен илјада пати. Затоа ние немаме Устав ниту сме Држава во нормална смисла. Ако некој е малодушен и дефетист нека се тргне од патот, нека се затвори дома или во канцеларијата и кабинетот и нека не пречи понатаму. Ако си ја сакаме земјата и републиката, треба да направиме сè таа да опстојува во овој свет како нормална држава, ако не, тогаш ништо, сите ќе се отселиме (јас заедно со студентите), а тие што ќе останат тука ќе изумрат како „смачкано племе“.
„Подели и владеј со својата територија“ е скриениот мотив во владеењето на оваа власт. За нив земјата е само територија која се дели, чии добра (и луѓето) се експлоатираат максимално и со грабеж се натрупува сопствениот имот до бескрај. Алчноста, среброљубието е нивниот Бог. Сè друго: етничка припадност, вера и религија, традиција им е во втор план (освен кога им го храни грандиозното его)...
Сликарството на Абориџините (концетричните кругови како примарен знак – микрокосмоси во макрокосмосот. Точките насликани со врвот на четката (painting dots), во трпеливо градење на композицијата, како со бод во везот, се основна единица скоро во секоја ликовна структура):
1. Ada Bird Petyarre, Sacred grasses, 1989
2. Mick Namarari Tjapaltjarri, Bandicoot Dreaming, 1991
3. Michael Jagamarra Nelson, Five Dreamings, 1984
4. Lilly Sandover Kngwarreye, Sandover River, 1989
5. Paddy Jupurrurla Nelson, Paddy Japaljarri Sims and Larry Jungarrayi Spencer, Yanjilypiri Jukurrpa (Star Dreaming), 1985
6. Anatjari Tjampitjinpa, Ceremonial ground at Kulkuta, 1981
7. Pansy Napangati, Winpirri rockhole, 1987
8. Judy Watson, Heartland, 1991
9. Bessie Nakamarra, Wapirti, sweet potato dreaming, 1986
10. Johnny Warrangula Tjupurrula, Nintaka and the Mala (Wallaby) Man, 1973