Карневал

19.01.2015 14:42
Карневал

По повод страшниот масакр во Париз и почетокот на Вевчанскиот карневал, една колешка ме замоли да дадам свое видување на улогата на сатирата денес. Во прашањето беше навестена извесна релативизација и изедначување на Вевчанскиот карневал и „Шарли Едбо“. Демек и вевчанци имале проблеми пред неколку години со својот сатиричен обид да го исмејат исламот. Се обидов да објаснам дека карневалите не се сатира, дека тие користат јавен простор, кој во принцип им припаѓа на сите, а карикатурите на „Шарли Едбо“ не трчаат по улица и не скокаат пред случајните или намерните минувачи. Кажав уште дека за разлика од сатирата, карневалите најчесто (а тука не е исклучок ни Василичарскиот карневал во Вевчани) се поддржани (финансирани) од државата (во случајов од Министерството за култура). Дури и да ги крстиме сатира, со самиот факт што се платени од власта, тие како такви се делегитимираат. Останува и прашањето зошто државата би финансирала нешто што навредува еден дел од населението, зашто, конечно, таа тоа го прави и од нивни пари. На крајот на краиштата, тешко е да се замисли дека во традицијата на овој народ било исмевање на друга религија. Колку што помнам јас, ниту Итар Пејо не го заебавал Настрадин Оџа по конфенсионална или национална основа.

Се разбира, ништо од ова не влезе во весникот (иако инсистирав да биде јасно изразен мојот став дека карневалите не се сатира), бидејќи, ете, текстот беше поводен и Вевчани требаше да се претстави како еден од врвовите на македонската смисла за хумор (што и не е далеку од вистината, особено за народ што ја измислил изреката „Ни на живо се смее, ни на мртво плаче“). Како и да е, неколку дена подоцна вевчанци уште еднаш ја покажаа својата смисла за хумор, и тоа токму во духот на цитираната изрека: со влечкање мртви кучиња и садистичко убивање живина!

Карневалите, значи, се народни веселби кои се одржуваат во одреден период од годината, кога властодршците му дозволуваат на плебсот да ги исмејува. Само тогаш и само со намера да служат како испусен вентил, како некаква замена за (не)моќта на напатениот народ, да им овозможат на луѓето да бидат наводно храбри.

Според традицијата, карневалот го започнува периодот на шестнеделните пости пред Велигден. Со други зборови, тој е паганско-христијански обичај, кој се практикува само кај католичките и православните народи. Интересно е дека, на пример, протестантите не познаваат ваков вид баханалии. Конечно, и самото име го значи токму тоа: „без месо“ и доаѓа од италијанската кованица на „carne“ (месо) и „levare“ (да тргнеш, да дигнеш). Според некои теории, името доаѓа од доцналатинските „carne“ (месо) и „vale“ (збогум), што би значело, нели, „збогум месо“. Со текот на историјата, карневалите почнуваат да се одржуваат во различни периоди (ама секогаш околу постот), во зависност од потребите на носителот на власт. Со оглед на фактот дека велигденските пости започнуваат со Прочка, и на карневалот иманентно му е простувањето, па власта ги простува сите будалаштини што се прават на нејзина сметка во тој период.

Преносното значење на зборот „карневал“ е пежоративно и означува некаква збркана ситуација, некоја состојба што се претворила во сопствен подбив. Во иронична смисла се употребува за некого, кој со своите непромислени или глупави постапки станува смешен и служи за подбив (Направи од себе тежок карневал).

Не е ова нешто длабокоумно, ама е ефектно за некаков заклучок: секој народ си има карневал каков што заслужува. Јас би рекол дека секоја власт си има карневал што ѝ прилега. На оваа власт Вевчанскиот карневал ѝ е таман.

ОкоБоли главаВицФото