Слобода за Кежаровски, слобода за цела Македонија!

20.01.2015 03:31
Слобода за Кежаровски, слобода за цела Македонија!

Повик до сите луѓе кои се занимаваат со уметност и култура - музичари, сликари, вајари, поети, писатели, глумци, режисери... Ако не застанете до новинарите за Кежаровски, не се чудете зошто во медиумите има простор за глупости, а не за вас. Ќе нема кој да остане да праша зошто за Маринко Роквиќ ќе се плаќаат 11% давачки, а за вас 37%. Зошто има пари за копитијади, 20.000 евра за поп-песни, песни за трето дете, а за вас ништо или цркавица.

Повик до сите стручњаци од сите области, до професорите, едукаторите - ако утре не застанете до новинарите за Кежаровски, не се чудете зошто во медумите има простор само за преплатените незнајковци, за приучените кои продаваат магла за ум и се богатат држејќи го народот во незнаење, а не за вас, вашата стручност, вашите идеи и проекти.

Повик до сите работници кои едвај сврзуваат крај со крај, до невработените - ако утре не застанете до новинарите за Кежаровски, не чудете се зошто во медиумите има простор само за фалбите за нови работни места и инвестиции од кои не гледате ништо, зoшто без книшка и одработување на избори не можете да дојдете макар до цркавица од 9-10 илјадарки кај субвенционираните странски инвеститори во „слободните зони“, зошто со години чекате на листа за вработување кај „мајката партија“, зошто сакате да побегнете од сопствената земја.

И секако, повик до сите опозиционери од сите етникуми, кои не излегуваат на улица кога имаат пенал, додека таму горат активистите, новинарите, студентите, хонорарците, стечајците, студентите... - ако утре не застанете до новинарите за Кежаровки, не чудете се зошто во медиумите има простор само за власта, а не за вас. Зошто ве крадат на избори, а за тоа нема кој да пишува ниту пак некој тоа го боли. Зошто е јавноста отапена, па на вашите критики и предлози реагира како мртов коњ.

Ова е повик до сите оние што се жалат дека многу работи не чинат, од основните, егзистенцијални прашања, па сè до науката и уметноста. Ако не излезете утре за слободата на медиумите, дозволувате да немаме јавност, дебата, размена на спротивставени мислења, стручност и етичност, можност за напредок.

Ако сакате напред, првин треба да докажете дека сакате слободно да мислите, сакате слободни медиуми и информации. За секоја ваша борба, слободната јавност е нужен предуслов. Да си помогнеме! Затоа утре, вторник (20 јануари), во 12 часот, сите пред Апелацискиот суд во Скопје! Слобода за Кежаровски, слобода за цела Македонија!

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 19.01.2014.

ОкоБоли главаВицФото