Разговор на глуви

20.01.2015 16:24
Разговор на глуви

Дијалог и дебата се термини кои многу често се употребуваат во последно време, а во врска со таканаречените реформи во високото образование, кои поправо треба да се нарекуваат реформи за потчинување на високото образование. Многумина излегоа во јавноста со свои ставови околу разни прашања на „реформата“ и фактички, отворија јавна дискусија за неа. Дури почна да се дискутира и за тоа каде ќе се води дебатата. Во хотел или во собрание? На факултет или на улица? Секако, ваквото тривијализирање на дискусијата е непримерно, но е очекувано ако се има предвид каде живееме и кој сè се вбројува во категоријата интелигенција.

За жал, малкумина го послушаа советот на професорката Мирјана Најчевска дека да се залагаш за преговори и договори со авторитарен режим, значи да сакаш да се договориш за нивото на прифатливост на диктатурата. А, ги заборавија и некои од основите правила за дијалог.

Имено, добро е познато дека за постигнување на прифатливо ниво на пристојна дискусија, потребно е, барем, минимален консензус околу работите за кои се дискутира. Ако го нема тој минимум, тогаш тоа се претвора во разговор на глуви! Покрај тоа, сите кои се занимаваат со наука, знаат, или би требало да знаат, дека за дебата и полемика во која било форма, мора да се почитуваат две-три методолошки правила: учесниците да имаат барем приближно исто знаење за она што го зборуваат, да бидат логички консеквентни и да се трудат да ја почитуваат вистината! Што би дискутирал за квантната физика, на пример, еден атомски физичар со некој селски поп, кој „знаењата“ ги присобрал од „народната мудрост? Што би се очекувало како резултат од дискусија во која некој употребува логика на науката, а некој логика на профитот? За што би се водела дискусија со празноглави силеџии кои не се компетентни и стручни за ништо, кои не прочитале ни три нормални книги во животот, но кои знаат сè за сешто, а особено знаат да плукаат, навредуваат, етикетираат, омаловажуваат...? Едноставно кажано, кога се работи за два света, за две ментални матрици, за два сосема спротивставени сознајно-теориски сфаќања на нештата, за две радикално различни „филозофии на постоењето“, не може да постои разговор, дискусија, полемика...

И во контекст на сето ова, има еден голем проблем заради кој не може да се води дискусија! Имено, која полемика ќе ја води, условно кажано левицата, во средина каде без никакви дилеми, скоро целиот медиумски простор е окупиран од десницата? Мислам дека не мора да давам примери каде некои полемики беа толку многу гебелсовски спинувани, што опонентите на власта излегуваа поразени и во реално добиените битки. Всушност, тврдам дека какво било јавно и медиумско полемизирање, само го храни пропагадното чудовиште создадено од власта! Наспроти тоа, потребно е директна дискусија со засегнатите граѓани со одреден проблем, потребни се непосредни јавни предавања, трибини, тркалезни маси, на кои може да се изнесат аргументите и тие да бидат слушнати и разбрани! И, секако, потребно е обединување на сето она што само себе се декларира како опозиција!

***

Ете, помислете, што би дискутирале за неколку омилени националистички (фашистички) теми, како народот, националните интереси, националното единство, националниот идентитет, патриотизмот...? Дури и да го апстрахирате нивното грандиозно незнање околу овие поими и неандерталска интелигенција, веднаш би ви текнало на нивното лицемерие околу практичниот третман на таквите прашања.

Што би дискутирале за поимот народ, со луѓе кои не го прочитале барем Ерих Хобсбаум? Што би дискутирале со националистите кои некритички за сè се повикуваат на флуктуирачкиот поим народ и со тоа, вршат апсолутизација на релативното? Попатно кажано, токму заради ова, некои ги поистоветуваат национализмот и фашизмот со популизмот. Таквата дискусија би била разговор на глуви, оти националистите не знаат и не сфаќаат дека поимот нација е, како што вели Бенедикт Андерсон, „замислена политичка заедница“. Тие не сакаат да разберат дека „народот“, како целина не постои! Ако тој феномен го ставите на пиедесталот на апсолутна арбитрарна инстанца во дискусијата, вие фактички во старт сте го убиле кој било разговор! Ако се потрудите, ќе забележите дека сето повикување на „народот“, на „историјата“, на „коските на нашите предци, кои го дале животот за Македонија“, од страна на фашистите е само празна флоскула. Затоа таквите патетични тиради се употребуваат во секоја згода: и кога разговараат за името, и кога пелтечат за економија, и кога ја плукаат опозицијата... Но, најинфлаторно терминот народ се користи кога ќе ги прашате за буџетските пари и нивната морална раскалашаност, односно кога се обидуваат да ги оправдаат кражбите и оргиите.

Но, немојте да мислите дека незнаењето и несфаќањето кај националшовинистите е случајно и природно. Не, кај сите десничари синтагмата „нашиот народ“ е омилен демагошки (фиктивен) вербален феномен, од едноставна причина што за нив тој е извор на нивната политичка и финансиска моќ. Фактички, настрана од честото празно ломотење за народот и неговите интереси, за историјата и за жртвите од страна на „професионалните“ националисти, за нив „народот“ е само група на луѓе кои се подготвени да поверуваат дека „ние, националистите“ сме најдобро решение за државата, па заради тоа се спремни да нè следат, да нè финансираат нас и работата на нашата партија, политички да одработуваат за нас, да гласаат за нас на избори... Грубо кажано, за професионалните националисти, народот е само средство за нивно богатење!

Дискусијата, пак, за националното единство би била беспредметна и бесцелна, оти, крајно смешно е да зборувате за единство, заедништво, содејство, со луѓе кои под такви термини подразбираат само содејство за остварување на интересите на нивната партија и единство околу нивната квазиидеологија! Оној кој не е вклучен во националното единство проектирано и реализирано од нив, кој е надвор од обединетиот народ во нивната партијата, за нив, нужно, е непријател и петта колона! Наједноставно кажано, секој што не е со нив е предавник на нацијата! Проблемот за „патриотите“ е што по нивната логика, сите што гласаат за опозицијата не се дел од „националното единство“, па излегува дека најмалку околу триста илјади граѓани се - предавници! А, тие се дел од нивната „нација“? Нели?

Да зборуваме за идентитет? За национален идентитет? Со кого треба да зборуваме? Со луѓето кои дирекно вршат денационализација преку таканаречените процеси на антиквизација и бугаризација? Со оние на кои не им пречат ниту купопродажбите на Кондоминас, ниту аферата „Актор“ (а години по ред зборуваат дека некој друг им ја продал државата на Грците), ниту провокациите на Каракачанов, ниту фактот дека стотици илјади Македонци за да добијат пасош се декларираат како Бугари..., ама секојдневно пронаоѓаат внатрешни непријатели од редот на своите сонародници, па ги етикетираат, оцрнуваат, лустрираат, бркаат од работа, затвораат...? Со оние кои отвореното агитираат дека Македонците се Бугари? Не сте го забележале тоа? Ете, погледнете, само пред десетина дена, во еден македонски дневен весник кој, сè повеќе, има пробугарски карактеристики, излезе огромен прилог за еден штотуку починат лик од групата на оние „судени за Македонија“ (фактички, ангажирани ванчомихајловисти), во кој сосема јасно, во еден позитивен контекст се зборува за неговата борба против македонската власт во годините по Втората светска војна, која борба ја водел затоа што не можел да се помири со македонската „идентификација“, оти бил воспитуван дека по националност е Бугарин. Што би се дискутирало со луѓето кои на најголемите борци за бугарштината во Македонија му прават споменици и им снимаат документарни емисии, а истовремено, ги обвинуваат сите други за предавство на идентитетот? Значи, разговорот за идентитетот, не би бил само разговор на глуви, туку една антимакедонска перверзија, која кога не би била срамна и жална, би била смешна до лудило.

За партиотизам? Македонски патриотизам? Ама ајде! Човек не мора ни да троши зборови за лажниот патриотизам на нашиве самопрогласени големи Македонци, оти тој е толку евидентен што дури го знаат и препознаваат и оние нивни приврзаници кои имаат трошка неиспран мозок. Да зборуваш за патриотизам со луѓе кои го прогласуваат Конески за џуџе, а ги лустрираат и оцрнуваат Славко Јаневски, Трајан Петровски, Иван Катарџиев, Васил Тоциновски..., е непримерно! Да зборуваш за македонски патриотизам со луѓе за кои Тодор Александров и Ванчо Михајлов им се борци за Македонија, а Јане Сандански турски шпион и платеник е беспредметно! Да зборуваш за македонски патриотизам со луѓе кои ја слушаат Цеца, Лепа Брена и останатата српска турбо-фолк сцена, а истовремено „сечат вени“ за Македонија е перверзно! Да зборуваш за македонски патриотизам со луѓе кои испоганија, испоплукаа, деградираа и уништија скоро сè што беше и е симбол на македонскиот национален идентитет е неможно, нефункционално, однапред осудено на пропаст! Со нашиве „бизнис-патриоти“, кои се продаваат себеси и македонштината за ситни пари или „работно место“ во државна или општинска служба, нема за што да се разговара, нив можеш само да ги презираш и игнорираш!

Не, драги мои другари, веќе е видено и искусено во минатото, па се знае дека не можете да дискутирате со корумпираните националшовинисти, кои ги бранат тезите и проектите на Водачот - по секоја цена! По цена на - убиство на вистината! Дури и по цена на човечки трупови! Не, нема за што да полемизирате со интелектуално шупливите и образовно недоделкани фашисти, оти тие немаат основните знаења и морални квалитети за нормална, пристојна, плодотворна дискусија! Разговор на глуви би бил и најобичниот муабет со десничарските идеолошки дегенерици, оти кај нив секогаш, сето нивно зборување се сведува на профитот кој можат да го остварат. Со сите тие и такви можете само да се борите и да ги победите! Ништо повеќе!

Извор: Глобус, 20.01.2015.
Слики: Свирачиња