Победа за Кежо, пораз на кликата на Груевски!

20.01.2015 17:55
Победа за Кежо, пораз на кликата на Груевски!

На сите колеги новинари, на сите граѓански активисти и политичари, на сите слободоумни луѓе кои учествуваа во протестот за слобода на Томислав Кежаросвки, им изразувам лична благодарност. Здружени и одлучни, постигнавме мала, но значајна победа против режимот, кој контролира сè во оваа земја, па и нашето судство. Кежо веќе не е зад решетки, тој е со нас и со своето семејство.

Нешто повеќе од еден час пред закажаниот протест, апсанџиите на Груевски сепак подлегнаа на нашиот притисок и на апелите на згрозената демократската јавност на Европа и го пуштија Кежаровски на едномесечен отпуст. Се разбира, тоа е само една добиена битка и не е крај на судската голгота на нашиот колега. Но, оваа победа нè охрабрува и ја јакне нашата решеност до крај да истраеме во битката, сè додека Кежо не биде прогласен за невин.

На протестот пред Апелацискиот суд и пред Владата, слушнав прекрасни говори. Видов познати луѓе со кои се гледаме на сите протести, но такви кои баш и не ги среќавам често на вакви собири. Во еден миг, си помислив – ех, сè ќе беше поинаку ако овие луѓе протестираа вака орно пред четири или пет години и ако тогаш читаа вакви храбри, инспиративни говори. Но, ете, никогаш не е доцна. Сè уште има време да го надоместиме пропуштеното. Борбата за слободата на Кежо тоа треба да го покаже.

Сакам да им кажам збор-два и на судиите кои и денеска, преку своето здружение, повторно се пожалија дека сме им вршеле притисок. Драги судии, како што знаете, ние, новинарите и граѓаните, не сме моќни да ве менуваме, да ве унапредуваме или да ве деградираме, да ги вработуваме вашите деца или да ги бркаме од работа, да влијаеме врз вашите кариери и животи. Такви притисоци ви врши кликата на Груевски. Затоа судството денес е најтажниот и најсрамниот дел од ова наше општество.

Ние можеме да влијаеме само врз вашата совест. И затоа, отворено ви велиме – да, ние врз вас вршиме и ќе продолжиме да вршиме жесток јавен притисок, за да ви помогнеме да пресудувате храбро, според законот и според својата совест и убедување. Не како што им судевте на Кежо и на многу други политички затвореници. Прифатете го сега тој притисок како пријателски чин, бидејќи еден ден, кога ќе дојде до промена на власта и до генерален реизбор на судиите во Македонија, вие ќе треба да дадете отчет за она што го работевте во времето на овој режим, чиј рок на траење, како што и сами гледате – истекува.

Мислете малку сите, драги мои. Во 1945 година не се оди во четници, туку во партизани!

Извор: Плусинфо, 20.01.2015.