1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
На партиските телевизии (не велам провладините или националниот сервис, бидејќи програмата буквално е претворена во партиски билтен на ДПМНЕ-ДУИ) сме преплавени со реклами кои нè почуваат да ја избегнуваме брзата и мрсна храна, а наместо тоа, да се храниме со фини салати и здрави прехранбени артикли. Ваквите апели ме трогнуваат до солзи, особено кога ќе вдишам длабоко од убавиот скопски воздух.
Не е првпат да бидеме изложени на вакви перверзни душегрижнички кампањи кои првенствено служат за перење пари и поткупување медиуми, но, кога некој ви се качува на глава со овошки и зеленчуци додека истовремено дозволува да се гушите во најзагадениот воздух во Европа, навистина ви доаѓа да го отерате онаму од каде што дошол!
А Град Скопје излегува со соопштение во кое ни предлага мерки за опстојување во скопската гасна комора. Ќе ги издвојам најглупавите:
-Граѓаните да бидат на отворен простор само кога е неопходно.
(Кога е тоа „неопходно“? Кога тоа не треба да се излезе на воздух по цели денови?! Дали треба да причекаме дома со години, додека воздухот не се расчисти сам од себе?! Зашто властите очигледно не преземаат ништо во таа насока.)
-Се препорачува на малите деца, бремените жени, хроничните болни, постарите луѓе) да не излегуваат на отворено.
(Другите слободно нека се трујат и нека цркнат. А наведените категории нека дишат од вечно свежиот воздух во затворените простории.)
-Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат.
(Ова е генијално! А воздухот во просториите што нема да ги проветруваме е влезен од некоја борова шумичка?! И до кога така да не проветруваме?!)
-Се апелира до сите граѓани да не ги користат своите автомобили без поголема потреба и да ги користат средствата за јавен превоз.
(Срцки, не апелирајте! Ако навистина сакате нешто да се промени, воведете возење пар-непар. Но, тоа нема да се случи. Мило ви е здравјето на граѓаните, ама помила ви е акцизата од горивото.)
-Возачите на тешките товарни возила треба да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот. Сопствениците и корисниците на камионите да не ги користат ако немаат регулирано испуштање на отпадните гасови.
(Пак се апелира! А што е со сообраќајната полиција која треба да го контролира двиежењето на тешките товарни возила? Да не треба посебен апел и до нив за да си ја вршат работата?!)
Неспособни лицемери! Покажете дека вистински се грижите за квалитетот на воздухот што го дишат скопјани: откријте ги јавно имињата на најголемите загадувачи, спречете ги и понатаму да нè трујат, воведете возење пар-непар... Од вашите трогателни апели баш и не видовме аир!
Дури потоа ќе си правиме муабет за менито со брокула, морков и цвекло, со кое спамирате на партиските телевизии.