Археологија на пичката

20.01.2015 19:08
Археологија на пичката

Брат ми Феликс, археолог по професија, оди на експедиција на грчките острови и ископува скулптури на непознати и по правило осакатени божици. Работата на археолог, под русокосото и речиси дорско сонце на Егејот, го загреваше брат ми Феликс сè повеќе и повеќе, додека најпосле не му стави во главата некои не баш католички, грозно екстравагантни идеи. Тој тврди дека единствената навистина пожелна жена е всушност статуа, зашто нејзиниот мир или неподвижност нè спасува нас мажите од хистеричните или просто психолошки компоненти од кои страдаат оние другите (мислам на жените од крв и месо и со душа). Таа пофалба на скулптуралната љубов, која како поттик би можела да послужи дури и како синопсис за расправа за снобизмот, ако се спроведе во пракса би можела да предизвика разни грозници и дисфункции. Од својата последна археолошка експедиција Феликс донесе збирка оштетени божици, парчиња мермер кои ги распореди во градината, покрај саксиите со детелина и грмушките шимшир, како некакви метеори паднати од небо, привлечени од тежата на паганската похота каква што имаат статуите. Навечер, кога дрвјата ќе се зажарат и ќе станат големи како шума, брат ми Феликс шета по градината (тој е перипатетичар, а ни самиот не е свесен за тоа) и се преправа дека се сопнува од парчињата божици на кои секогаш им фали некоја рака, нога или глава, но никогаш пичка. Пичката на грчките статуи, чија белина јаглеродот 14 ја направил уште постара, е пичка без влакна и нормално, непробивна е. Пичката на грчките статуи кои брат ми Феликс ги милува со онакво обожавање какво што покажуваат свештениците кога држат света служба, не дозволува никакви варијации, макар припаѓала и на толку различни божици како што се Афродита или Деметра. Пичката на грчките статуи е грутка од мермер, вдлабната површина со благ засек (никако не со шуплина) помеѓу усните, кои брат ми Феликс ги задоволува со показалецот, оцртувајќи грижливо кружно движење, со што од ден во ден сè повеќе го продлабочува каменот.

Додека брат ми Феликс ги задоволува статуите во својата градина, на Олимп божиците се смеат, треперат од скокоткањето кое до нив го донесува ветерот, се смешкаат затоа што ја кршат шестата заповед на една варварска религија. Црните пиштарки во секавичен низок лет го истураат својот измет врз пичките на статуите и гомцата во допирот со мермерот се претвораат во мед. Така барем вели брат ми, кого, секако, решивиме да го затвориме во лудница. Во неговата напуштена градина ќе лежат остатоците од статуите сокриени под лисјата и птичјиот измет и ќе копнеат по русокосото и речиси дорско сонце какво што сјае над Егејот.

Извор: Coños, Ediciones Virtuales, 1994.
Превод: И.Ш.
Слика: Marga Beuth

ОкоБоли главаВицФото