Амнести интернешнал: Забраната на истополови бракови во Македонија прави дискриминација

21.01.2015 12:00
Амнести интернешнал: Забраната на истополови бракови во Македонија прави дискриминација

Изгласувањето во македонскиот парламент на амандманот со кој со Уставот ќе се забранат истополовите бракови ќе ја продлабочи дискриминацијата во земјата, соопшти меѓународната организација Амнести интернешнал.

Амандманот кој помина вчера, го дефинира бракот како заедница единствено помеѓу маж и жена, што според Владата ќе го „афирмира, промовира и заштити“ традиционалното општество. Според организацијата, оваа забрана ги дискриминира истополовите парови.

„Гласањето е уште една додавка во дискриминацијата, насилството и нетолеранцијата врз основа на сексуалната ориентација и родов идентитет во Македонија“, изјави Гаури ван Гулик, заменик директорот на Амнести интернешнал за Европа.

Претходната верзија на амандманот предлагаше забрана за истополови граѓански партнерства и други форми на регистрирани заедници. Оваа клаузула беше остранета откако Советот на Европа ја прогласи за некомпатибилна со Европската Конвенција за човекови права.

И покрај тоа што забраната за истополови граѓански заедници не беше вклучена во амандманот кој помина, истополовите партнерства не може да се регистрираат под сегашните македонски закони. Покрај тоа, законодавството за антидискриминација не ја забранува дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, спротивно на обврските за човековите права на Македонија, констатира организацијата.

„Македонија плива спротивно на европскиот бран на легализирање на истополовите бракови и за одгледување на европските норми за човекови права на еднаквост”, рече Гаури ван Гулик.

Дванаесет европски земји веќе ги легализираа истополовите бракови, а во голем број други земји се овозможи регистрирање на граѓанските партнерства. Амнести интернешнал ја повика Македонија да ги укине дискриминаторските закони и да даде гаранција дека луѓето кои живеат во истополови партнерства, се во можност да ги уживаат човековите права без дискриминација.

Извор: Радио МОФ