Бифтек и помфрит

22.01.2015 14:49
Бифтек и помфрит

Бифтекот учествува во истата полнокрвна митологија како и виното. Тој е срце на месото, тој е месо во чиста состојба, а оној што го јаде впива биволска сила. Сосема е очигледно дека престижот на бифтекот потекнува од неговата квази-суровост: крвта е видлива во него, природна, густа, цврста и може да се сече. Ја замислувате античката амброзија како таква тешка материја која се намалува пред забите, и притоа ја чувствувате нејзината исконска сила и еластичност која се прелева во самата човекова крв. Крвта е и причината поради која постои бифтекот: степените на печеност не се изразуваат со калориски единици туку со слики од крвта, бифтекот е крвав (потсетува на прскањето од артериите на закланите животни), или син (тоа е тешка, обилна крв од вените која овде се доловува со виолетова боја, суперлативна состојба на црвената). Печеноста, кога е умерена, не може да се искаже незавиено, за таа неприродна состојба е потребен еуфемизам: се вели дека бифтекот е како што треба, што, да кажеме право, повеќе се прикажува како граница отколку како совршеност.

Значи, јадењето крвав бифтек ги претставува и природата и моралот. Се смета дека сите темепераменти тука го наоѓаат своето место, сангвиничарите по истовентоста, колерици и лимфатиците по дополнувањето. И како што виното за голем број интелектуалци станува медиумска супстанца која ги води кон изворната сила на природата, така и бифтекот за нив е намирница на искупувањето со чија помош ја прават својата церебралност прозаична и ја тргаат со крв и коскена срж стерилната сувопарност за која постојано ги обвинуваат. Модата на татарскиот бифтек, на пример, е егзорцистички зафат против романтичарскиот спој на чувствителноста и болежливоста. Тој начин на подготовка ги содржи сите никулци на материјата: кашата од крв и слузавоста на јајцето, вистински склад на меките и живи супстанци, е некој вид значенско сумирање на предродилните слики.

Како и виното, бифтекот во Франција е основен елемент, кој повеќе се национализираше отколку што се социјализираше. Тој е застапен во сите сценографии од прехранбениот живот: плоснат и опкружен со жолчка во евтините ресторани, дебел и сочен во специјализираните бистроа, коцкест и со влажна средина под тенката јагленосана кора во високото кулинарство. Тој има удел во сите ритми, во удобниот граѓански оброк и боемската ужина на ергените. Тој е истовремено брза и хранлива намирница, тој го воспоставува најдобриот можен однос помеѓу економијата и ефикасноста, митологијата и пластичноста на начинот на потрошувачка.

Освен тоа, тој е француско добро (кое денес, до душа, го ограничи инвазијата на американските стекови). Како и кај виното, нема таква прехранбена потреба која не би го натерала Французинот да сонува за бифтек. Штом се најде во странство, го обзема носталгија за него и тука бифтекот се овенчува со дополнителната доблест на елеганцијата, зашто тој, наспроти очигледната сложеност на егзотичните кујни, е храна која ги здружува, како што се мисли, сочноста и едноставноста. Како национално јадење, тој го следи текот на патриотските вредности: тој ги извлекува од воената доба, тој е самото место на францускиот борец, неотуѓиво богатство кое не може да падне во рацете на непријателот поинаку, освен со предавство. Во еден стар филм („Разузнувачката служба против Командатурата“), слугинката на свештеникот патриот му нуди јадење на германскиот шпион преправен во француски илегалец: „Ах, тоа сте Вие, Лоран! Ќе Ви го дадам мојот бифтек“. А откако го разоткриваат шпионот: „А јас му го дадов мојот бифтек!“. Врвна злоупотреба на довербата.

Обично поврзуван со помфритот, бифтекот на него го пренесува својот национален сјај: помфритот е носталгичен и патриотски како бифтекот. Match нè извести дека по индокинеското примирје „генералот Де Кастри за свој прв оброк барал помфрит“. Претседателот на Здружението на поранешни борци подоцна го прокоментира ова известување: „Луѓето не сфаќаа зошто генералот Де Кастри за свој прв оброк побара помфрит“.* Од нас се бараше да сфатиме дека барањето на генералот во никој случај не било одраз на вулгарен материјализам, туку дека било ритуален начин на потврда на повторно пронајдената француска етнија. Генералот добро ја познавал нашата национална симболика, знаел дека помфритот е прехранбен знак на „францускоста“.

__________________________________________

*Кристијан де Кастрие (1902-1991) бил француски командант во битката Dien Bien Phu 1954, со која всушност се завршува Првата индокинеска војна и француското присуство во Југоисточна Азија. Кастри бил затворен неколку месеци додека не се потпишало примирјето.

Извор: Roland Barthes, Mythologies, Éditions du Seuil, 1957
Слики: Charlie Spear, Carol Grimes

ОкоБоли главаВицФото