За хонорар од 9.591 денари, се плаќаат 4.028 денари за придонеси!

23.01.2015 02:59
За хонорар од 9.591 денари, се плаќаат 4.028 денари за придонеси!

Владата сака да собере голем арач за спас на пензискиот фонд

 

Огромен износ за придонес за пензиско и здравствено осигурување треба да платат хонорарците до 15 февруари. Пресметките покажуваат дека новововедените придонеси заедно со персоналниот данок кој и досега се плаќаше, ќе ги чини хонорарците речиси половина од она што тие како нето-износ го добиле за договор на дело или за друг вид хонорар.

Според законската регулатива, придонеси ќе се плаќаат за секоја поединечна исплата над 9.590 денари, колку што е минималната плата, или пак, ако повеќе хонорари од различни места, во текот на еден месец, го надминуваат тој износ.

Работодавачите веќе јавно рекоа дека ќе избегнуваат да даваат хонорари над минималната плата, односно дека ќе исплаќаат хонорари помали од 9.590 денари. Но, хонорарците што работат на повеќе места и чиј вкупен месечен износ е над минималната плата, сами ќе заглават со придонесите, кои за хонорар од 9.591 денари изнесуваат дури 4.028 денари! Дополнително се плаќа и персоналниот данок.

Иако придонесот за пензиско е 18 проценти, а за здравствено осигурување е 7,4 проценти, сметководителите објаснуваат дека овие стапки не се пресметуваат на нето-износот, односно на износот што го добиле работниците, туку на бруто-износот кој во себе ги вклучува придонесите и данокот. Згора на сѐ, не се зема предвид реално колку е исплатено како хонорар, туку се зема предвид просечната плата во Македонија, па и за хонорарците најниската основица е 50 проценти од просечната бруто-плата во јануари. Државниот завод за статистика сѐ уште ја нема објавено јануарската плата, а последниот податок се однесува за октомври и просечната бруто-плата изнесува 31.847 денари.

Според процените, во Македонија хонорарен ангажман имаат меѓу 100.000 и 150.000 хонорарци и голем дел од нив на крајот од минатата година протестираа пред Собранието, Министерството за труд и пред Владата за да го изразат својот револт против ваквиот начин на собирање пари од нивниот џеб за пензискиот и за здравствениот фонд.

Помали давачки за плата отколку за хонорар

Според Горан Рафајловски, сопственик на консултантската куќа „Рафајловски“, концептот за плаќање придонеси за хонорари ги прави овие примања со поголеми давачки отколку за платите.

- Кога се пресметува персонален данок, постои даночно ослободување, а за договор на дело такво ослободување нема. Затоа поевтино е сега на работникот да му се дава плата, отколку да му се плаќа хонорар - вели Рафајловски.

Даночното ослободување за платите изнесува 7.276 денари. Но, покрај придонесите за пензиско и здравствено осигурување и персоналниот данок, за исплатена плата треба да се плати и придонес за вработување од 1,2 проценти и придонес за професионални заболувања од 0,5 проценти.

Пресметките сепак покажуваат дека ако нето плата е 12.000 денари, бруто платата е 17.181 денари, а ако се плати хонорар од 12.000, бруто износот е 17.849 денари.


Кои се давачките за хонорар од 12.000 денари

Нето-хонорар 12.000 денари
Персонален данок 1.333 денари
Придонес за пензиско 3.210
Придонес за здравствено осигурување 1.306 денари
Бруто хонорар 17.849 денари

Извор: Слободен печат
Слики: Robert Gonsalves