До постариот брат

23.01.2015 12:27
До постариот брат

1.

Белки ти е подобро таму мој постар брате
една и пол година далеку од сега малку што е за пофалба

Некој ден и несреќите ќе почнат да нè одминуваат
нема доволно очај за нови херои
стравот сè уште влече долу

Светот каков што го знаевме можеби е иднина запишана во сеќавања
најпрво мит потоа пророштво потоа што и да беше

Во него уште Господ остана да нè брани
може ли повеќе од нас отколку од други
бидејќи за разлика од луѓето има поголема милост

2.

Во дните на нашите предци како што нè учат
имало повеќе гордост и пркос

Секојдневно по илјадници пати ни се кажува дека сме слободни
се чувствуваш ли така

Гласовите се вадат од одговорност ми се чини како тонеме
битно просекот е сарма што не ме теши
и кога тогаш ќе се случи будење од јавето во некој попријатен кошмар


3.

Сè што нè спојува нè прави уште посами
не знам што со ова сакав да ти речам

Премногу надежи и време потрошени на странични нешта
ми се чини како убавината ќе потфрли без својата соленост
одамна не се користи како зачин

Кожурците убаво ни стојат а крилата под нив ни се бескорисен товар
при толкава желба за летање

4.

Виновниците ни требаат највеќе заради мирен сон
меѓу деновите лишени од пријатни дразби

Ти се чини ли како терањето сеир е средство за смирување
на срамот и стравот од себеиспитување

Ова ли сме ние
како се претворивме во ова

Вистината бара љубов многу поголема отколку добронамерните лаги
инаку како би излегле пред совеста на отчет


5.

Нека не биде ова пророштво
понекогаш оние што не веруваат излегуваат поправедни
додека верните ги заслепуваат преку чувства и обреди

Врз нас се детските болести на приватнава држава
додека живите во своите животи играат споредна улога

Крајно време е во гробовите на сите херои да се вградат генератори
додека се бара каков било начин да ни ја казнат или оданочат душата
бидејќи неродените се одамна препродадени

Додека други знаат подобро од нас што сонуваме и сакаме
што да мислиме и што треба да правиме
додека премолчено го дозволуваме ова и вака
тешко нам

Нека не биде ова пророштво
сепак се наѕира малку смисла
за да почнеш да живееш неизбежно е да ја прегрнеш умирачката
како страшно добра опција

Александар Станојков е роден во Штип (1982), таму завршува основно и средно образование, а во 2006 година дипломира на Природно-Математичкиот факултет во Скопје (насока аналитичка биохемија). Од 2009 година поставува текстови на блогот http://nepodoben.blog.mk До сега учествувал на поетски читања, натпревари во слем поезија (прва награда на слем натпреварот во Прилеп 2013 година), литературни конкурси (втора награда на конкурсот распишан од македонскиот ПЕН центар во 2012 година, прво место на конкурсот „Освој ја поезијата“ во 2014 година), работилници, настапи во радио емисијата „Свирачиња“ на Канал 103 (самостојно и со други учесници) и позајмувал глас за радио драми. Негови стихови се објавувани на порталите okno.mk и zenica.mk. Застапен е во Антологијата на младата македонска алтернативна поезија (Феникс, 2012) и зборникот на поезија и кратка проза Писанија (Писанија, Врање, 2013).

Слики: Christoph Niemann

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото