Ивор Мицковски и Солидарност за победата на Сириза

26.01.2015 03:05
Ивор Мицковски и Солидарност за победата на Сириза

ИВОР МИЦКОВСКИ

Браво Сириза!!! Има надеж и за Македонија!

Во една скорешна колумна кажав - ќе му текне на некој, а ќе види и оваа монополистичка опозиција што се случи во Шпанија со Подемос, во Грција со Сириза, во Германија со Линке и како преку протести и тешка организациска работа може да се збришат мејнстрим левиците.

Свесен сум дека моделите не се извезуваат, но поуките и лекциите и тоа како се учат. Со партиципација, со нови технологии, со комбинација од течна и цврста демократија, со сериозна организација и работа, со транспаретност, со постојано учество, може да се роди заразна практика.

Сè уште постои начин и систем, без менување на нашиот политички систем, за доближување на обичниот човек до светот кој засега е премногу автореференцијален, самобендисан и себичен...

Сириза доби широк консензус затоа што во време на криза ефективно спроведе не програма, туку реална социјална работа која на грчките граѓани им обезбеди права и услуги благодарение на практиката на мутуализам: од јавни мензи и болници, до аптеки и кооперации за невработените.

Ете, кај нас треба да се реконструира левичарската мисла. Политиката и културата мора да отворат нова комуникациска линија. Пред сè ни треба културна реформација. Ни требаат реални иницијативи, поврзување на критичките јадра, солидарност, креирање социјални субјекти и оперативна културна продукција.

Ни треба организација, ако сакаме активно граѓанство, активна култура и активна политика, зашто луѓето нема сами да се „трзнат“. Ние пред сèтреба да градиме една социјална и културна коалиција, само така ќе ја редизајнираме политиката и граѓанската свест и активизам.

(Од Фејсбук профилот на авторот)

СОЛИДАРНОСТ

Левичарското движење СОЛИДАРНОСТ со радост ја дочека победата на СИРИЗА на изборите во соседна Грција. На СИРИЗА ѝ посакуваме успешен мандат и се надеваме ќе ја има силата да се справи со предизвиците кои ја очекуваат.

Резултатот од изборите во Грција уште еднаш го потврдува фактот: идејата на автентичната левица не само што не е маргинална или утопистичка, туку таа се покажува како вистинска и нужна опција во овие кризни времиња.

Победата на СИРИЗА, во таа смисла, отвора нов простор за сите левичарски партии и политички организации во Европа и регионот. Изборна победа на автентичната Левица не е веќе нешто недостижно, туку нешто, како што СИРИЗА ни покажува, многу можно и остварливо.

Во таа смисла СОЛИДАРНОСТ, како левичарско движење кое има значајна улога во политичкото артикулирање на левата политичка идеја во Македонија, ја афирмира и потенцира својата основна цел: остварување на суштински општествени промени. Ние продолжуваме да работиме со сите средства на создавање социјално праведна, економски одржлива и демократска Македонија на среќни и рамноправни граѓани кои ќе имаат можности и инспирација за активно вклучување во општествениот живот, и влијание врз донесувањето на политичките одлуки.

СОЛИДАРНОСТ и досега беше сојузник на работниците, на стечајците, на обесправените, на студентите, на осиромашените, понижените и замолкнатите. Ние продолжуваме да се бориме за нивните права. Подемот на Левицата во Европа уште еднаш ни потврдува дека сме на вистинскиот пат.

(Извор: www.solidarnost.mk)