Сириза

26.01.2015 11:04
Сириза

Synaspismos tis Rizospastikis Aristeras, така некако би изгледала латиничната транскрипција на грчкото име за Коалиција на радикалната левица. Јасно, кај нас и во светот, овој релативно нов политички фактор на грчката политичка сцена е познат под акронимот СИРИЗА, партијата (коалицијата) која (не)очекувано извојува убедлива победа на последните парламентарни избори во Грција.

Баучот на Сириза веќе неколку години кружи над Европа. Нивната јасна антиглобалистичка и анти-штедачка ориентација внесува вистинска паника во веќе закоравениот паранеолиберален систем во кој влезе Европа уште со самите почетоци на светската економска криза. Конечно, Сириза е сериозен производ токму на ригидната европска стабилизациона политика и на европската монетарна и финансиска „окупација“ која буквално се скрши токму на грбот на Грците. Токму затоа, Сириза, покрај целото игнорирање што го спроведоа официјалисите на ЕУ и на нејзините водечки земји, може да претставува сериозен земјотрес во самите темели на денешното устројство на Унијата. На крајот на краиштата, ако оваа победа на самодекларираната „радикална левица“ не успее посериозно да ја прекомпонира европската политичка географија, веќе го прекомпонира зачмаеното политичко двовластие во Грција меѓу ПАСОК и Неа Демократија (ако сакаме да бидеме позлобни, тогаш ќе кажеме двовластието на семејствата Папандреу и Караманлис). Во Грција од денес натаму повеќе ништо нема да биде исто. Ако ништо друго, социјалдемократскиот ПАСОК е буквално збришан од политичката сцена, а Неа Демократија нема никакви шанси да има водечка улога во следната грчка влада (ако воопшто и партиципира во неа).

За волја на вистината, Сириза не само што не имуна од на места евтиниот популизам, туку токму на бранот на слаткоречивите ветувања (одложување на исплата на долговите, зголемување на социјалната држава, национализација на банките и некогашните јавни претпријатија итн.) успеа да привлече голем број приврзаници. Но, токму нејзиниот „реален популизам“ е онаа мирудија која ѝ дава надеж на осиромашената средна класа и секако на работништвото, па и на сериозните општествени губитници.

Македонија, како што можеше и да се очекува, нема јасна претстава што значи и што претставува победата на Сириза во контекст на регионот и на влијанијата врз овдешните состојби. По принципот на „пингвините и македонското национално прашање“, најмногу се говори за односот на Сириза кон прашањето на нашето државно име, иако, на пример, една од точките на програмата на Сириза е излегување на Грција од НАТО, што ќе каже дека баш не се загрижија за нашите, ете, северноатлантски претензии. Затоа, пак, прашањата на социјалната идентификација, на грчкиот капитал во земјата, на антиглобалистичките трендови (да се разбереме, не на европскиот скептицизам, туку на антикорпоративната и антинеолибералната политика) се сосема занемарени.

Сириза е коалиција формирана во 2004 година, под покровителство на најголемата левичарска (умерена) партија Синасписмос (Коалиција на левичарскиото и еколошкото движење), од каде што потекнува и харизматичниот лидер Алексис Ципрас и помалата (радикална) ДЕА (Интернационална работничка левица) плус уште некои мали радикални партии и граѓански движења. Популарноста на оваа, до тогаш маргинална коалиција, започнува во 2006 година, за време на студентските протести (кои траеја до летото 2007 година), а она што е важно да се напомене е дека светската економска криза уште не е почната. Сириза, иако маргинална, беше единствената парламентарна сила која не само што не го осуди вандализмот на демонстрантите, туку и го поддржа. Оттогаш потекнува и нејзиниот слоган „Ни чекор назад“. Она што нам би ни било интересно е фактот дека Сириза не е организатор на протестите (како и на повеќето следни), но затоа умее да го препознае гневот на народот.

Како и да е, „еврокомунизмот“ (а тоа значи парламентарна демократија и дезидеологизација) на Синасписмос и радикализмот на ДЕА претставуваат успешен коктел за понуда на нова надеж во Грција, во Европа, па и кај нас.