Кога ќе умрам, ќе бидам прекрасен костен

26.01.2015 12:22
Кога ќе умрам, ќе бидам прекрасен костен

Сакате ли вашето тело да ги храни црвите или верверичките? Отприлика вака започнува блог проектот Bios Urna кој предлага на единствен начин да обезбедите живот после животот на своите сакани - во биоразградливи урни од кои ќе израсне стебло кое ќе го одберете. Проектот го осмислиле дизајнерите Рожер и Жерар Молине, кои во своето студио Estudimoline истражуваат како да ги подобрат човечките навики преку постојан дијалог со природата.

„Кога еднаш вашите сакани ќе починат и единствен потсетник на нив ќе остане пепелта - можете да ја фрлите во море, да ја расеете по планините... и тогаш и тие ќе исчезнат. Исто така, можете да ја држите во урната на посебно место, за спомен. Или можете да ја измешате пепелта со семето од некое стебло и така да обликувате нов живот. На тој начин ќе имате нешто што е живо и расте пред вашите очи, нешто за што ќе се грижите и ќе го негувате“, нè уверуваат на блогот.

Освен тоа, тие сметат дека денешниот пристап на креирање надгробни споменици е индустријализиран, униформиран и дека само богатите можат да си дозволат нешто надвор од рамките. Во таа смисла, стеблото е нешто што не зависи од економските ресурси, туку од нашата грижа и посветеност. Со претпоставка за зголемување на бројот на жители, со кои нужно расте и бројот на гробни места, сметаат дека денешниот пристап е еколошки неодговороен. Гробиштата во нивната визија би наликувале на шума, парк или уредена градина. Животот создава живот, гласи нивната парола, а нивниот слоган е: Да ги претвориме гробиштата во шуми!

Самата Bios Urna е сосема биоразградлива, осмислена со цел да ве претвори во стебло после животот. Урната се состои од два дела и содржи семе кое ќе израсне и ќе стане живо сеќавање на саканите.

Горната капсула на Bios Urna е направена така што ќе овозможи раст на семето. Пред закопувањето на урната треба да се измешаат компонентите со тлото на местото каде сакате да ја посадите. Компонентите дозволуваат семето да рти и расте. Благодарение на структурата на урната, семето во неа рти во горната капсула, одвоено од пепелта. Кога урната ќе започне биолошки да се разградува, целиот сет станува дел од земјата.

На страницата на проектот се наоѓа и избор на семиња за стебла. Така, по овој живот можете да изберете да растете како бор, гинко, јавор, даб, јасен или некое стебло по ваша желба за кое ќе платите 145 долари, а покрај варијантите за урна за луѓе (Bios Urn humans), можете да нарачате и урна за своето домашно милениче (Bios Urn pets). Предностите кои се наведуваат, покрај стопроцентната биоразградливост, се и непостоењето на рок на траење, можноста за употреба на кое било семе, како и можноста за достава на домашна адреса во целиот свет.

Бидејќи ништо не е оставено на случајот, постои и веб апликација за вистинските дрвољупци која повикува: „Сакате да бидете стебло, ама не знаете како да го постигнете тоа?“ и нуди можност да ја проширите веста, својата „последна желба“ кое стебло сакате да бидете кога ќе го проживеете овој живот. А кога еднаш ќе ги „засадите“ своите сакани, преку Bios Community можете да го следите растот на стеблото, да ја мерите количината на кислород која дрвото ја произвело и да ги споделите информациите преку социјалните мрежи, знаејќи дека со тоа сте придонеле за зачувување на околината. Вистински начин да си обезбедите живот после животот!

 

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото